По скандалот со групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм и се поприсутното т.н. сајбер насилство во интернет просторот помеѓу младите, во прилепската гимназија се одржа трибина насловена „Социјалните мрежи општествено добро или општествено зло“. Според експертите свеста кај младите за негативните страни на социјалните мрежи била за жал на многу ниско ниво.
„Кога ќе се појави нешто ново за жал радозналоста во принцип е многу голема, тоа ни се случува низ годините наназад, да го прифаќаме и да го гледаме само од добрата страна без да имаме во предвид што се може да ни се случи. За тоа што се негативно може да нии се случи размислуваме само од моментот кога ќе нии се случи. А тоа е веќе многу доцна“, истакна Мимоза Богданоска Јованоска, универзитетски професор.
Од Центарот за социјални работи каде работат со вакви случаи и ваков вид на жртви велат дека сепак најголемата улога во едукација на децата требало ја имаат родителите.
„Да ја подобрат комуникацијата со децата, да им се доближат за децата да имаат поголема доверба во нив и едноставно да чувствуваат и да ги почитуваат како родители, но да разговараат со нив и да им се доверуваат како на другари“, додаде Гордана Вејланоска, педагог во Центар за социјална работа Прилеп.
Од МВР рекоа дека се почесто било и сајбер насилството, кое пак поради разни пораки и закани упатени на интернет, потоа преминувало и во физички пресметки на улиците, а имало и злоупотреби со личните податоци на младите, како и дистрибуција на порнографски материјали.
„Би апелирал до родителите санкционирање на социјалнитте мрежи до одредена возраст се додека нивните синови и ќерки, не се чувствуваат стабилно како личности за да ги употребуваат“, рече Сашо Јандрески, претседател на училишен парламент.
„Ние сме прво училиште кое што прави една ваква трибина се со цел да ги запозна учениците со тоа дека покрај добрите има и негативни странии“, изјави Марио Велкоски, заменик претседател на училишен парламент.
Поради се поголемата улогата на социјалните мрежи во секојдневието ваквите дебати помеѓу младите ќе бидат и тоа како потребни.