Гостин во ова интервју на Инфо Компас е басистот и фронтменот на прилепската рок група The Hounds, Златко Карчески. Мислам дека твоето последно интервју за нашиот портал го правевме пред точно 2 години, а поводот беше 10 години од формирањето на The Hounds, но и промоцијата на вашиот прв албум „Кај ни се срцата“. Две години потоа, повторно повод на нашиот разговор ќе биде правeњето на вашиот втор албум. Добредојде во ова твое најново интервју за Инфо Компас.
Добро ве најдов. Како што кажа, поводот за ова интервју е почетокот на снимање на нашиот втор албум. Го искористивме овој период кога сме послободни, затоа што нема стандардни, класични музички ангажмани, може да се посветиме на авторска музика и планираме да го искористиме овој момент.
После скоро 12 години од формирањето на The Hounds оваа година и две години од албумот кој што беше насловен „Кај ни се срцата“, после толку време ги најдовме кај ни се срцата?
Се надевам, се надевам дека ги најдовме, но сепак ќе продолжиме да ги бараме и се надевам дека со наредново од нас ќе еволуира таа наша музика.
Како што знаеме „Кај ни се срцата“ беше насловот на вашиот прв албум и насловот на една од песните која остави еден најзабележителен траг. Како ќе се вика овој ваш втор албум, дали веќе имате име, колку песни ќе бидат на него?
Можам да кажам дека сега за сега 6 песни дефинитивно ќе одат на носач. Не знаеме како ќе се вика, тоа зависи од сите што ќе бидат вклучени во албумот. Можам да кажам дека дефинитивно ќе се снима кај Јордан Манов во Кочани, дека музиката на сите песни е наша, аранжманот е наш, на некои песни сме текстописци, но генерално текстовите ќе ги пишува Весна Малинова. Тоа е тоа во глобала.
За колкав временски период планирате да го снимите овој втор албум и кога може да се очекува да излезе?
Па се надевам дека до крајот на оваа година ќе го снимиме цел, да се сними, да се испродуцира, да се изаранжира, затоа што навистина е потребно време, кое сега за жал или за среќа го имаме. Се надеваме дека ако не цел албум, дефинитвно ќе пуштиме еден или два синглови во етер до крајот на годината, но ќе видиме.
Дали некои од овие песни ќе видат и видео запис до крајот на годината?
Нормално дека ќе има видео записи, се надеваме на 3 или 4, но ќе видиме како ќе одат работите, затоа што реално нема ни услови со денешнава ситуација да се снимаат ни видеа, ни такви логистики да се организираат, затоа што ситуацијата е таква каква што е.
Која е тематиката на овој втор албум, во споредба со тематиката на тие 9 песни од првиот албум?
Во глобала темите продолжуваат да бидат така социјални, има љубовни моментуми се разбира, зборуваме за се што не опкружува, се трудиме да ја кажуваме вистината и тоа е тоа. Отприлика тематиката е слична како и на првиот албум, но со еволуција на звук и се надеваме со музичка еволуција.
Токму тоа сакав да те прашам, која е таа еволуција помеѓу претходниот и овој албум, во однос на звукот?
Не знам, мене ми е глупаво да го искористам зборот помодерен, но сакаме да експериментираме, ќе видиме каде ќе не однесе тоа, затоа што додека не почнеме со снимање, не можеме да знаеме како ќе изгледа сето тоа. Имаме некој концепт во главата, се надеваме дека ќе го реализираме најдобро што може.
Како што кажавме и претходно оваа година 12 години од формирањето на The Hounds, роденденот ви е некаде кон средината на месец август. Се наоѓаме во една тешка ситуација со корона кризата, дали може нешто да се планира во однос на вашиот роденден како бенд? Секоја година правите традиционален концерт во старата прилепска чаршија, на кој што гости ви се и голем број други музичари.
Ќе видиме, не зависи тоа од нас, ништо од ова не зависи од нас. Не сме такви да се надеваме на чуда, но сепак веруваме во сето тоа. Веруваме и во докторите, се надеваме дека ќе излеземе од кризава што е можно побрзо и дека ќе го одржиме тој концерт, бидејќи тој ни е едно одбележје на целата година. Онака како најбитен концерт, најбитен настан за нас, а се надевам дека и публиката во Прилеп го доживува слично.
Како што кажавме се наоѓаме во една тешка криза, не само како држава туку и цела планета. Една од сферите што е погодена е секако и музиката. На каков начин се справувате со овие предизвици?
И музиката е погодена, но нормално ситуацијата е таква каква што е за сите. Како музичари или како уметници, како гранка на уметноста, сепак сме одбрале да имаме професија што е надвор од комфорт зоната, да немаш стабилно работно место и ваљда тоа е нешто што не храни и што не инспирира. Никој не бил спремен за вакви работи да се случат, знаете ако стагнира настапувачкиот дел, ќе дојде инспирација и инспиративен инпут да создаваш нова музика и ваљда се компензира некако. Тоа е тоа, ќе живееме со ова уште некое време очигледно, се надеваме на најдобро.
Да се надеваме дека набрзо ќе заврши оваа криза, дека ќе имаме можност набрзо да слушнеме некој сингл од вашиот нов албум, па да видеме и видео записи.
И да го промовираме тука.
Да, да се надеваме и на нашиот портал Инфо Компас вашата прва песна, ви стоиме на располагање и да се надеваме дека повторно ќе се вратиме на старата нормалност, не оваа нова нормалност.
Да, не ја сакам новата нормалност.
Токму така, старата нормалност што ја сакаме и која што ја знаеме и дека конечно ќе се забавуваме на вашите концерти и свирки.
Така, се надевам дека за брзо ќе биде добро, им посакувам на сите добро здравје, им посакувам да се присебни и да победи разумот, да се слушаат доктори, докторите да не ги слушаат политичарите и се ќе биде ок.
Да се надеваме дека ќе биде така.
Поздрав.