ВИДЕО – Совети за здрава исхрана и здрав начин на живот од нутриционистот и фитнес тренер Елена Мирческа

Неалкохолното наталожување на масти во црниот дроб понатаму може да доведе до воспаление, фиброза, цироза и на крај канцер на истиот. Моментално една четвртина од светкото население пати од ова заболување. Многу е лошо што ваквата состојба најчесто не дава симптоми, па многу од случаите се смета дека сеуште не се дијагностицирани.

 

 

Со растењето на бројката на заболени од дијабетес и покачена телесна тежина низ годините на светско ниво, расте и бројката на замастување на црниот дроб и состојбите поврзани со него. Оттука може да се знае дека здравиот начин на живот и промената на животните навики може да допринесе за значително намалување на стапката на заболени и контрола врз здравјето на црниот дроб, а оттука и на целокупната здравствена состојба.

 

Ние како поединци не треба да чекаме да се развијат симптоми на одредено заболување, па дури потоа да реагираме. Замастувањето на црниот дроб обично не дава никакви знаци и додека се открие може да доведе до значителни оштетувања. Одржувањето на нормална телесна тежина, редовен начин на живот и секојдневна физичка активност се одличен начин на превенција, но и на лекување на веќе настанатата состојба.

 

Постојат неколку работи на кои треба да се обрни внимание:

 

  • Да се има навремени оброци во текот на денот кои калориски би биле распределени така што би имале богат појадок, нормален ручек и скромна вечера. Треба да се знае дека сите шеќери, вклучително и оние здравите, како на пример од овошјето, кои навечер нема каде да се потрошат, се складираат како масти или гликоген.

 

  • Да се планиранраат оброците во текот на денот со цел да се спречи прегладнување и посегнување по брза и нездрава храна

 

  • Секојдневно да се јадат по пет порции на свежо овошје и зеленчук во сите бои на виножитото. Само така ќе знаеме дека сме го обезбедиле телото со сите неопходни витамини, минерали и фитонутриени. Една порција е колку големината на една тупаница. Најчесто овошјето да се јаде во предпладневните часови, а свежите салати нека бидат неизоставен дел од ручекот и вечерата, како би се обезбедило телото со неопходните ензими кои би помогнале во варењето на храната, а и би се превенирало прејадување доколку пред секој оброк се јаде свежа зелена салата. Кога станува збор за салата, да се преферира темно зелен лисест зеленчук, а сите останати зеленчуци да служат како додаток.

 

  • Да се заменат рафинираните житарици со целозрнести производи. Со отфрлањето на обвивката од зрното, не само што се отфрла најголемиот дел на витамините и минералите, туку и растителните влакна кои превенираат нагол скок на шеќерот во крвта

 

  • Да се преферира домашно подготвена храна наспроти индустриска храна која содржи скриени масти и шеќери. Домашната храна да биде најчесто варена или печена, да не се приготвува предолго, да се одберат оброци кои се подготвуваат термички за пократко време. Така вие заштедувате на време, а добивате на здравје

 

  • Во ретките моменти кога се купува индустриски подготвена храна, научете се да ги читате етикетите, всушност колку помалку зборови кои не знаете што значат и не можете да ги прочитате се напишани, толку подобро

 

  • Мастите да се внесуваат ги преку здрави извори како семиња, семки, авокадо, маслинки и слично, а намалете ги заситените и транс мастите со намалување на внесот на пржена и фритирана храна, маргарини, сосови, кремови, запршки и слично

 

  • Протеините да се внесуваат претежно од здрави извори како мешунки, соини производи, нискомасни или обезмастени, најдобро ферментирани млечни производи, риба и пилешко, а лимитирајте го внесот на црвено месо и морска храна, додека сувомеснатите производи целосно би ги исфрлиле од исхраната

 

  • Да се ограничи внесот на сол и додаден шеќер во оброците, да се преферира ладно цедено, наспроти рафирирано масло

 

  • Внесот на течности да се сведува во најголем дел на вода, понекогаш чај или домашно подготвен свеж сок, додека купечките сокови и алкохолот целосно би ги исфрлиле од употреба.

 

Физичката активност исто така како и исхраната е клучен фактор за одржување на здрав организам и нормална телесна тежина. Доколку не сте биле предходно физички активни, посебно доколку имате покачена телесна тежина, започнете постепено со обично пешачење, во време и интензитет доволен да се зголеми срцевиот ритам, најмалку пет пати во неделата и постепено зголемувате темпо и интензитет. Одберете активност која ве исполнува и не ви е досадна, и никогаш не започнувајте нагло и немајте големи очекувања на почеток, како би превенирале да се откажете поради разочарување. Со тек на време, гледајте да комбинирате кардио тренинг со тренинг со тежини, како би ја зголемиле и одржувале нормалната мускулна маса.

 

Автор : Елена Мирческа, нутриционист и фитнес тренер

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи