Пандемијата со КОВИД 19 со себе донесе многу предизвици во секоја сфера на нашето живеење – здравство,економија, социјала, образование … па континуирано сме во потрага по најдобри решенија за справување и адаптирање на проблемите со кои се соочуваме во оваа непредвидлива околност.
Еден од најголемите предизвици со кои се соочивме беше да се изнајде решение за да се продожи континуитетот на образовниот процес, па следејќи ги светските трендови, Министерството за образование и наука во соработка со локалните образовни институции започнаа со организирање на настава на далечинско учење, без притоа да се целосно свесни за условите и можностите за нејзино реализирање.
Се отвори и првата национална платформа за е-настава, со молба да активно се вклучат наставниците, но во сета таа еуфорија дека се воведува нешто “ново” заборавивме да ги процениме ризиците, и последиците од можните “пропусти” во организирањето и спроведувањето на е-наставата.
Се пропушти фактот дека некои ученици немаат пристап до Интернет и/или технологија па не се во можност да учествуваат во дигиталното учење, односно е-наставата, со што на многумина им беше оневозможено правото на пристап до образование .
Времето на организирање на е-наставата најчесто беше креирано според потребите на наставниците, па на многу учители/наставници не им претставуваше проблем отсуството на учениците.
Дополнително, наместо да се придржуваме до целите и програмите за работа за тековната учебна година каде наставникот го води, менторира, советува и оспособува ученикот за учење, таа улога во голем број случаи им беше предадена на родителите, со што родителите добија двојна улога – да го користат своето претходно искуство и знаење за да ги преточат инструкциите на учителот/наставникот и да ја преземат улогата на “учител/наставник”, и да ги совладаат зададените задачи а потврдата за својот труд да им ја препишат на своите деца – учениците.
Неоспорен е фактот дека воведувањето на е-наставата поради неможноста за реализирање на традиционалната настава во училница требаше да биде брзо, свесни бевме и сме дека ќе има пропусти, но исто така факт е дека голем процент од образовниот кадар не ја презеде индивидуалната одговорност за спроведување на својата планирана програма во вакви непредвидливи наставни ситуации, притоа не размислувајќи за последиците кои на долгорочен план ќе влијаат на учениците.
Учебната година веќе заврши, неопходна е потребата од реална проценка на тоа како системот на образование се одржа во оваа непредвидлива ситуација, да се идентификуваат проблемите и ризиците, да се размисли за иднината на образованието, и да започне да се гради индивидуална и колективна свесност за неопходноста од поефикасно и поефективно спроведување на далечинска настава каде учителите/наставниците ќе ја имаат најдоминантната обврска да со голема динамичност, програмирани активности, менторство и активно следење на учениците надвор од традиционалниот наставен облик ја исполнат образовната цел од индивидуален, и општествен аспект.
Образовниот систем се менува и бара брзи адаптации со позитивни достигнувања, зошто Новата учебна година година е на повидок, а не сакаме да ја започнеме “неподготвени ” да одговориме на потребите на учениците за она што треба да биде нивно утрешно определување и нивна идна професија.
Автор: Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР