Битолскиот Завод и Музеј е сместен во објектот на некогашното високо воено училиште или воена гимназија, која функционирала додека на овие простори била присутна Отоманската империја.
Денес тој е еден од најпосетуваните музеи во нашата држава. Преку големиот број поставки, кои опфаќаат различни временски интервали, може да се види и долови развојот и цивилизациските придобивки на овој дел на Пелагонија, од праисторијата па се до денес.
Поставките започнуваат со праисторијата каде најстарите артефакти се 4 фрагменти од долна вилица на мамут стар 10 милиони години, кои се пронајдени при ископ на јаглен во рудникот Суводол во 2009 година.
„Тие се едни од ретките палеонтолошки наоди, кои се претставени тука во нашата збирка. Потекнуваат од времето на миоценот, 10 милиони години пред нашата ера“, рече Јасмина Гулевска, кустос по праисторија.
Најбогата збирка на пронајдени предмети од праисторијата е онаа од неолитот, или околу 6.000 години пред нашата ера, од т.н. населби, денес познати како тумби кои се наоѓале покрај реката Црна. Тоа се : Велушка Тумба, Тумба Породин, Тумба Оптичари, Гургур Тумба и Тумба Кармани.
„Најзначајна се издвојува културната група Породинско-Велушка тумба, која изобилува со многу карактеристична керамика која се издвојува според нејзината изработка, особено чиста глина и танки ѕидови на самите садови, кои исто така се украсувани со многу геометриски елементи и ни даваат податоци за животот на човекот во праисторијата“ вели Гулевска.
Тука интересни се и разните фигурини кои имале ритуална употреба и печатите со кои се украсувале керамичките предмети.
Највпечатливи се жртвениците во форма на куќа, кои сликовито ни опишуваат како изгледала надворешноста, но и внатрешноста на неолитските живеалишта, кои биле изработувани од дрвени колци, кал и глина.
„Ова е предмет кој ни дава најмногу податоци за тоа како изгледале куќите. Овој е пронајден во тумба Породин, при ископувањата во 1952 година. Можеме да видиме дека праисториските куќи имале правоаголна основа, покривот им бил двосливен. Меѓутоа ова е стилизирана форма, што била употребувана и при изведувања на култни ритуали на праисторискиот човек, при што може да се забележи дека самиот оџак има стилизирана форма на богинката Мајка, а на дното се забележува отвор каде се извршувале спалувања“, додаде Гулевска.
„Исто така можеме да добиеме претстава и како изгледала внатрешноста на самата куќа, како биле организирани. Во центарот постоело огниште, кое било најважното место во неолитската куќа. Исто така има и мелници за жито и простор каде што живееле“, рече Гулевска.
Од овој период интересна е и макетата на грнчарска работилница откриена кај археолошкото наоѓалиште Радобор. Оваа работилница потекнува од 15 век пред нашата ера.
„На долниот дел на самата работилница бил простор каде што се подготвувала глината и се обработувала, додека во овој дел ова претставува печка каде се печеле садовите. На вториот кат од самата работилница се оставале самите садови да се сушат, со тоа што при самото ископување се пронајде огромен број на керамика која е мошне специфична за бронзеното време, од најразлични садови, керамички светилки и ламби“, истакна Гулевска.
По делот на праисторијата доаѓа делот на антиката, каде се поставени голем број предмети исто така пронајдени во овој регион.
„Можеме преку овие предмети да го видиме начинот на живеење на ова население, а исто така и нивните вкусови, нивните жеднеења кон некои нови работи, како и трговските врски кои постоеле во тоа време. Како позначајни предмети би ги спомнале артефактите од локалитетите кај Беранци, во кои имаме предмети за секојдневна употреба, но исто така можеме да го приметиме и накитот кој тогашната жена го употребувала и може да се види тука таа префинетост на тие луѓе. Фрагментите од златната маска, најдена кај Беранци, за жал фрагменти, златните наушници кои се правени во една извонредна техника на филигран и гранулација, како и останатиот материјал од бронза“, вели Енгин Насух, советник кустос.
Доста интересни за овој период се и големиот број пронајдени скулптури и монети, како и трагичната маска со ужасен изглед, пронајдена во Хераклеја. Тука се и приказите за тоа како изгледале македонските гробници вдлабени во карпа и што сé се наоѓало во нив.
„До мене може да се види и скулптурата на Атена Партенос, најдена во Хераклеја Линкестис. За жал ова е копија, оригиналот се најдува во Белградскиот музеј. Оваа скулптура е значајна затоа што е античка копија на онаа големата Атена Партенос, позната и славна нафидија која стоела на Партенонот во Атина и според оваа скулптура можеме да претпоставиме како таа навистина изгледала. Исто така значаен материјал во оваа поставка се и монетите од тоа време, почнувајќи од монетите кои циркулирале во грчките градови, монетите на македонските кралеви кои ни ги прикажуваат врските и движењето на луѓето во тоа време, како и монетите на римските цареви кои почнале да циркулираат со освојувањето на Македонија од Рим“, рече Насух.
Предметите во овој дел на поставката се од 6 век пред наша ера, па се до 4 и 5 век од нашата ера, односно педиод на 1.000 години континуиран живот во антиката во битолскиот регион.
„Локалитетот Хераклеја е најмногу истражуван, се работи за еден град доста значаен не само за оваа територија, но воопшто и за Македонија и Балканот. Град кој стоел, лежел, постоел на тој антички пас Виа Игнација, каде што се сретнувале разни цивилизации и култури. Истражувањата на овој град ни даваат многу информации за сите тие трговски, економски, културни движења во тоа време. Како локалитети ние имаме и други значајни локалитети, кои се од помал обем, но исто значајни или поголеми од Хераклеја Линкестис, ако се земи предвид она што е најдено, т.е. информациите кои тие локалитети ни ги дале. Како што кажав, локалитетите Висои, Црквиште кај Беранци, Дупен камен, Живојно“, додаде Насух.
По антиката доаѓа период кој е како премин помеѓу доцната антика и ранохристијанство. Каракктеристичен за овој период е големиот мозаик пронајден во базиликата во Хераклеа, долг околу 12 метри и е витинско ремек дела на ранотохристијанство во целиот свет.
Тука е и реконструкцијата на базиликата пронајдена при изградбата на РЕК Битола во 80-тите годинии на минатиот век.
„Претставува единствен примерок на ранохристијански објект, кој во себе содржи мозаик, содржи капители кои се уште не ја имаат формата која подоцна ќе биде карактеристична и забележлива за тој период. Односно, содржи одредена стилизација која наговестува, најавува одредена форма и симболика што ќе биде главната иконографска состојба во христијанството“, вели Владо Ѓорески, кустос по современа ликовна уметност.
Следен е периодот на средновековието кој се протега од 7 до 14 век. Покрај Битолското Кале најзначаен локалитет во рамки на средновековна Битола е уметничката галерија Јени Џамија, а во последните години и локалитетот Хераклеа.
Почетоците на средниот век се поврзани со големата преселба на народите и доаѓањето на Словените и Аварите на овие простори. Се мешаат културите и цивилизациите и најголем дел од словените го прифаќаат христијанството.
Според ископувањата во Јени Џамија, Битола како град се развива уште во 7 век и според претпоставките тој бил како еден вид на манастир, од таму подоцна го добива и името Манастир или обител.
„Археолошките докази ни кажуваат дека Битола е еден од најзначајните градови, покрај во антиката, и во средниот век, затоа што овде поминувала Виа Игнација не само во антиката, туку и во средниот век. Значи истите патишта се користени во средниот век и преку тие патишта се носеле разни трговски стоки, поминувале разни војски. Битола е позната и при борбата со Турците во 1383 година, кога пружиле најмногу отпор од сите градови. Целосно градот е освоен дури 1395 година“, рече Слободан Стојкоски, стручен соработник за средновековна археологија.
Со истражувањата на локалитетот Јени Џамија кој функционира во период од 7 до 15 век откриени се повеќе значајни артефакти кои сега се изложени во битолскиот музеј.
„Локалитетот или уметничка галерија Јени џамија во Битола е еден од најзначајните локалитети за средновековната археологија. Тука се започнати ископувања уште 2001 година и таму е откриен објект со ориентација исток-запад, по што се испостави, и по самиот опус, дека се работи за христијански сахрален објект. Овде во поставката имаме неколку предмети кои што се доста значајни од овој локалитет. Тука е кулпионот, кој претставува приврзок кој го носел некој битен монах или член на монашката фамилија. Од едната страна се претставите на Св. Теодор Тирон и на Св. Ѓорѓи, а од другата страна се претставите на Св. Василиј и Св. Никола. Изработен е во ниело техниката, од сребро со позлата и е еден од најзначајните артефакти кој ни зборуваат и за датирањето. Тој датира според техниката на изработка и според иконографијата од крајот на 11 и почетокот на 12 век. Друг значаен предмет е копјето. Копјата се многу ретки како наоди, затоа што тие константно се претопувале и се правеле нови и затоа меч или копје е многу редок археолошки наод“, изјави, Стојкоски.
На Битолското Кале е откриена средновековна населба која датира од 11 век, каде е откриена и една црква која крие доста интересна приказна.
„Тука се работи за локалитет кој најмногу бил користен во времето на цар Самоил, дури има претпоставки дека во црквата е крунисан неговиот син Граврило Радомир. Тие претпоставки се базираат врз тоа дека на северниот дел на црквата има влез кој потоа е затворен“, потенцираше Стојкоски.
Еден од најзначајните артефакти во целиот битолски музеј е средновековната плоча каде за прв пат се споменува градот Битола.
„Царот Иван го обновува градот Битола. Плочата најверојатно е направена во 1017 година, додека некои научници сметаат дека е можно да е направена во 13 век, од царот Иван Асан. Плочата е доста значајна и за контекстот на самиот текст, кој вели дека градот Битола е обновен, значи дека градот Битола и претходно постоел“, рече Стојкоски.
Тука е и харпунот за ловење на риба и алатките за длабење на чунови кои укажуваат дека тука на просторот на Пелагонија постоело езеро. Остатоци од езерото можеле да се забележат се до 50-тите години на минатиот век, кога тоа се исушило.
Етнолошката поставка е исто така една од поинтересните во музејот. Тука може да се видат голем број носии, градски, но и носии од руралните области околу Битола. Тука најмногу е опфатен периодот од развојот на Битола помеѓу средината на 19 и средината на 20 век.
„Можеме да добиеме јасна слика за етнички состав на население, да добиеме претстава според структурата на населението и овде во овој период значајни се два главни типа на облекување, а тоа е ала турката, што подразбира облекување од ориентално левандискиот начин на облекување, кој е доминантен кај турското население и Турците како владеачки етнос. Но секако дека и другото население сака да биде еден дел во тие облеки и тие облеки ги носи и другото население, но секогаш имало некои наредби, забрани, во смисла да се знае кои се владеачки етнос. На пример обичното население не смее да носи зелена боја, мажите не смеат да носат високи фесови со долги пискули, во црвена боја. Кај обичното население мажите носеле пониски фесови и во потемна боја“, вели Наде Геневска Брачиќ, етнолог, кустос советник.
Од почетокот на 20 век започнува прифаќањето на европската мода, а тука спаѓа и облеката ала франга. Во тој период во Битола се појавува еден слој на доста богата класа, во која спаѓаат особено трговците.
Како изгледала облеката, но и модата во тоа време во Битола на етнолозите им помогнал богатиот фонд на снимки и фотографии на браќата Манаки.
„И конкретно низ оваа фотографија овде можеме да го видиме баш тој пресек како една млада жена е облечена во европска мода со богата шапка, додека постарите, родителите и мажот и жената се облечени во онаа традиционална, македонска градска облека. Посебно интересно е можеби тоа што жените за одредување на својот сталеж носеле шамија, таканаречена шкепа, на главата носеле и игла која имала краци и во зависност од тоа колку повеќе краци има, толку припаѓа на некоја повисока социјална категорија“, рече Геневска Брачиќ.
Музејот поседува и богата колекција на народни селски носиии, чија употреба за жал полека започнува да се напушта во првите децениии од 20 век.
„Најбогато се опремени невестинските носии, како и зетовските носии. Поедноставни се оние носии кои се за постари жени. Сето тоа е одлика на жената која ги изработувала посебно кошулите и која везовите ги везела според целиот тој колективен дух, според сите норми и така можело кога ќе се излезело на сред село да се знае која девојка е девојка, која е стасана за мажење, која е невеста, која е веќе мажена жена“, истакна Геневска Брачиќ.
Посебно место завземаат носиите од Мариовскиот крај. Повеќе застапени се женските од машките носии. Во Мариово носијата останала да се употребува кај населението се до 60-тиите, а некаде па и 70-тите години на минатиов век, додека во другите битолски села таа веќе била исфрлена од употреба уште во 40-тите години.
„Во Мариово посебно како интересно можам да истакнам дека за времето кога била активна носијата, кога биле сите оние традиционални обичаи, кога се одржувале и кога посебно на Велигден се излегувало на сред село, тогаш во машката носија многу интересен е примерот на машката фустанела. Колку е помлад човекот, тој повеќе сакал да се истакне во орото и тогаш фустанелата е со многу повеќе глинови, поширока, па така играјќи кога ќе се завртел целата таа се вртела. Сакале на некој начин да бидат повпечатливи, да побудат поголем интерес кај девојките“, кажа етнологот Геневска Брачиќ.
Кога станува збор за носиите неизбежен дел од овој период секако е и накитот кој покрај естетскиот карактер го покажува и социјалниот статус на оној кој го носи, верската припадност и други обележја. Се дели на селски и градски накит, најчесто изработуван е од сребро со позлата.
„Она што е значајно да се каже е дека во нашата култура накитот можеме да го поделиме на селски накит кој е помасивен, поголем, помногуброен, и градски накит кој се користел за надополнување на градската носија ала турка, или ала франка, секоја соодветно. Имаме парчиња кои што се за надополнување на женската и машката носија, а разликата е во тоа што женскиот накит се користи за дополнување на женската убавина, акцентирање на женската убавина, додека машкиот накит е за истакнување на социјалниот статус. Може исто така да се подели на накит кој се користи во свечени прилики и накит кој се користи повеќе во секојдневието. Македонските мајстори за изработка на накитот, било да е градски или селски, користеле инспирација од нивната околина. Поради тоа, најмногу како декорација доминираат растителните мотиви, исто така геометриските, но тие се помалку застапени“, изјави Ефросинија Палевска, кустос етнолог.
Кога сме кај крајот на 19 и почетокот на 20 век во битолскиот музеј може да се види како изгледала една типична градска дневна соба од овој период, кога Битола, тогаш позната и како градот на конзулите, е еден од поразвиените градови на ова подрачје, не само на територијата на сегашна Македонија, туку и пошироко.
„Знаете, Битола како трговкси, политички, воен центар на тогашната империја имала добро ситуирани семејства. Предметите кои се наоѓаат, односно мебелот и порцеланот сите се импорт предмети, индустриско производство и сите се увезени, како на пример пианиното кое е од Париз. Дел од тие ситуирани семејства се фотографирани и се изложени на ѕидовите, а тоа се снимки делумно направени од браќата Манаки. Украсите се исто така значаен дел од сето тоа, бидејќи се работи за ситуирани семејства, гледале да го истакнат својот социјален статус и тоа да бидат предмети кои се добро изработени и кои имаат некаква финансиска вредност“, додаде Палевска.
Битола во овој период освен како градот на конзулите е познтаа и како градот на клавирите. Голем број од добро ситуираните семејства во градот во своите домови имале клавири. Се претпоставува дека нивнииот број во тој перииод на крај на 19 и почеток на 20 век во Битола имало околу 50-тина клавири. Дел од нив сега се изложени во посебна поставка во музејот.
„Пред неколку години имавме истражување низ битолските куќи и откривме навистина еден поголем број на клавири, најчесто од Виена или Минхен. Овие панели низ целата сала се всушност фотографии од домовите каде и ден денес постојат тие клавири, стари 100 и повеќе години. Втората ситуација е намештајот. Најзначаен е намештајот од италијанскиот конзулат во Битола и тоа докажува дека ова е градот на конзулите, една поврзаност на градот на конзулите, градот на клавирите“, рече Владо Ѓорески, кустос по современа ликовна уметност.
За овој период крај на 19 и почеток на 20 век во музејот има и поставка поврзана со Илинденскиот период и создавањето на Тајната македонско одринска револуцинерна организација.
Како посебна поставна е Галеријата на икони каде се сместени икони од 17, 18 и 19 век. Поголем дел од манастирот во Велушина.
„Во овој дел овие икони оригинални се презени од истоимениот манастир во Велушино и претставуваат, неколку од нив, уникатни ремек дела, низ кои може да се следи иконописното творештво, особено од 17, 18, 19 век“, истакна Ѓорески.
Тука е и Галерија на современа ликовна уметност, која поседува над 1.000 дела преку кои може да се следи историјата на современата ликовна уметност во Македонија.
„Преку овој простор, практично ние наговестуваме, најавуваме ревизија на современата македонска ликовна уметност, бидејќи со новооткриените дела на Александар Ѓаконов од 1890-тите години, кој студирал во Виена, всушност забележуваме дека историјата на македонското современо сликарство започнало најверојатно 50 години пред досегашната детерминација на современата македоснака уметност, со познатите Мартиновски, Личеновски и Пандилов. Всушност Александар Ѓаконов е столбот, основачот на современата македонска уметност“, изјави Ѓорески.
Во состав на музејот се и легатите на битолските уметници Борислав Траиковски и Сотир Димовски.
Реконструкција на истакнатиот сликар Борислав Траиковски и на неговот атеље кое беше во селото Бистрица. Скоро, како што беше затекнато атељето во Бистрица е пренесено и реконструирано, односно на некој начин прекопирано. Следниот легат е на битолскиот вајар Сотир Димовски. Неговото семејство ни отстапи околу 30-тина негови скулптури. Всушност Сотир Димовски е еден хроничар на истакнатите личности на Битола и пошироко. Најголем дел од спомениците низ градот, паметниците, односно патоказите на вистинското постоење всушност се негови дела“, кажа Ѓорески.
Поставките завршуваат со дела поврзани со Втората светска војна, ослободувањето од фашизмот и создавање на нова модерна Битола.
Како посебна поставка е Спомен собата на таткото на модерна Турција Мустафа Кемал Ататурк, кој своето средно воено училиште го завршил токму во оваа зграда во која денес е сместен Заводот и Музеј Битола. Поставката е отворена во 1998 година во договор помеѓу Владите на Македонија и Турција и истата комплетно е опремена од страна на турската држава. Оваа поставка можеби е една од најпосетуваните во музејот, особено од страна на турските туристи.
Токму поради целото ова богатство од праисторијата, па се до денес, уникатните артефакти и поставки Музејот во Битола е еден од најпосетуваните во нашата држава.