ВИДЕО – Слепченскиот манастир – милениумски чувар на многу историски тајни, уникатна убавина и раритетна уметност

 

Манастирот посветен на Свети Јован Претеча во близина на демирхисарското село Слепче е еден од најпосетуваните православни храмови во овој регион на Пелагонија. Со својата богата и славна историја манастирот привлекува огромен број туристи и верници, како од нашата држава така и од странство.

 

 

Според игуменот на манастирот, отец Серафим најстариот артeфакт поврзан со манастирот билa преклопна карта од 6 век, каде манастирот веќе постои. На таа преклопна карта постоеле и старите цркви во Охрид кои потекнувале од 4 век. Но според отец Серафим најзначаен бил развојот на манастирот во времето на Свети Климент, крај на 9 и почеток на 10 век.

 

„Манастирот си има свој развој и во писменоста, едноставно прв пат се појавува апостол на старословенски јазик, или црковнословенски од 10 век, кој што моментално е на 4 места, во Сант Петерсбург, во Москва, делови од него, два листа исто така се во Пловдив и во Одеса. Ние успеавме оваа година да ги откупиме тие лисја, 36 лисја од апостолот и тоа е директен препис на Кирило-Методиевскиот апостол, кој што од глаголична форма тоа време преминува во кирилична форма“, вели Отец Серафим, игумен на манастирот.

 

Доста значаен документ кој ја докажува и староста на манастирот е фрагментот од т.н. Цветен триод кој потекнува од 11 век. Тоа е пергаментен лисит најден во манастирот. За жал денес овој фрагмент се наоѓа во Русија.

 

Манастирот е многу тесно поврзан со Охрид. Практично на еден начин тој бил скриен центар на охридската школа, не само како препишувачки туку и место каде се издавале книги на новосоздадениот славјански јазик на Светите Кирил и Методиј. Според игуменот Серафим манастирот бил скриен центар како продолжување на делото на Свети Кирил и Методиј, затоа што сеуште постоеле одредени фактори во тоа време кои сметале дека Светото писмо може да се проповеда смо на латински, грчки и еврејски јазик, и голем дел од нив сакале да ја уништат новосоздадената глаголица, односно да го уништат тој нов јазик.

 

 

„Тоа е еден центар во кој што не само што се препишувало, не зборуваме само за препишувачка школа, туку зборуваме за одредени ученици и учители на словото на духовноста кои што работат во тоа време. Знаеме дека од историски акцент светите Климент и Наум се протерани. Прогонувани тие стигнуваат во област позната како Кутничевица и околу себе собираат мноштво ученици, но она што е битно, треба да се создаде центар каде сега ќе се употребува Кирило-Методиевското писмо. Бидејќи Свети Климен е најголем поборник на глаголицата, до последно се бори за нејзиното зачувување. После таа преминува во кирилица, но со точно значење на сето она што глаголичното писмо, буквата преведена на кирилично во однос на значењето и во однос на именувањето на божјите сили, божјата благодет, божјото дејство врз човекот, тоа е тоа Свето писмо за нас православните. Она што е важно и се уште не е научно потврдено, но ќе се види, историјата стигнува до тоа и не треба храброст тоа да се истакне, туку едноставно веќе се докажува дека е скриен центар за тие творби, така бил овој манастир“, додава отец Серафим, игумен на манастирот.

 

Одредени преданија велат дека блиското село Слепче е крстено така бидејќи тука стигнуваат ослепените војници на царот Самоил после битката на Беласица. Потоа и самиот манастир уште се нарекува и Слепчански манастир.

 

Според едно од тие преданија ќерката на Самоил, Косара, била ктитор на западниот конак на манастирот во 11 век.

 

Во еден од постарите поменици за манастирот од 1542 година се споменува дека византискиот император Михајло VIII Палеолог и неговата сопруга Теодора се еднии од ктиторите на манастирот во 13 век. Но за жал во 19 век тој поменик е земен од манастирот и денес се чува во збирката на рускиот славист Виктор Глигоровиќ во Одеса.

 

 

„Тоа е само едно од ктиторствата, бидејќи веќе претходно манастирот сигурно одреден период постоел, бидејќи стекнал некој си доволно голем углед, за да тоа го привлечи византискиот император, кој станува еден од ктиторите на манастирот, бидејќи Михајло 8 доаѓа на власт 1259 до 1281 година, што значи дека овој хронолошки податок е врзан за тој период. Е сега веќе во 14 век постои еден развој на манастирот кој ние пак преку овие пишани историски извори го следиме, и веќе кон крајот на 14 век ние имаме еден многу важен запис од 1393 година, исто во еден од старите ракописи на манастирот, кој говори дека веќе во манастирот постои овој континуитет на ова монашко живеење. Манастирскиот живот во континуитет веќе егзистира и дека веќе ги бележиме првите скрипториски активности, односно еден вид отпочнување на таа познатата Слепчанска скипторичка школа“, истакна проф. Д-р Сашо Цветковски, историчар на уметност.

 

Во последните 5 години во манастирот функционира т.н. Демирхисарско Слепчанска летна школа, во организација на манастирот Слепче, Општина Демир Хисар и истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ, во чии рамки се организираа и археолошки акции и се откриени остатоците на некоја постара градба на манастирот.

 

 

„Најважниот и најзначајниот дел од историјата на манастирот е поврзана за тој доцновизантиски период, односно послевизантиски, помеѓу крајот на 15, почетокот на 16 и веќе во континуитет веќе до крајот на 17 и веќе со одреден интензитет историјата веќе си продолжува со до некое наше современие. Но она што е поврзано со таа најзначајна историја на манастирот е токму тој период на 16 и 17 век. Тогаш во тој период манастирот ќе биде еден од најзначајните крипторични центри на Охридската архиепископија, тоа ќе биде еден од најзначајните уметнички центри на Охридската архиепископија и пошироко и тоа благодарение на ктиторството што постојано ќе го има низ својата историја на најмоќните и највлијателните тогаш наши христијански велможи, меѓу кои и богатите закупци на рудниците во Кратово и во Железец, Демир Хисар. Еден од тие големи магнати и големи покровители на манастирот и архиепископијата е кнезот од Кратово, Димитар кнез Кратовски, така се бележи во историските извори. И тој како моќен христијански велмож и кнез ќе биде новиот ктитор на манастирот Слепче“, рече историчарот на уметност Цветковски.

 

 

Токму поради помошта на кнезот Димитар од Кратово манастирот ќе биде економски стабилен и во 16 век ќе се започне со таа нова обнова на манастирот. Во тој период се сликаат иконите за новиот иконостас, се работи резбата на иконостасот од 16-тиот век. Од таа голема обнова на манастирот во 16 век има 10-тици икони од кои дел се чуваат и во Музејот на Македонија во Скопје и во Митрополијата во Битола.

 

Таа сликарска дејност е поврзана со големиот Зограф Јован Тодоров од Грамоста во Епирискиот дел на сегашна Грција. Зограф Јован заедно со зографот Онуфриј, кои се едни од најдобрите зографи кои во тоа време на првата половина на 16 век делуваат на просторот на Охридската Архиепископија.

 

„Ние имаме среќа да го откриеме и единствениот потпис на Јован зограф од Грамоста, тоа е познатата икона на Христос Седржител од манастирот Слепче, од 1542 година, што е исклучително значаен податок и благодарение на тој негов потпис ние веќе воспоставивме еден увид во поширокиот круг на уметноста, онаа што е создавана во 16 век во Демирхисарскиот регион. Така да освен иконите кои се исклучително важни и говорат за тој уметнички подем на манастирот, ние тука ја имаме и таа позната слепчанска резба, тие познати познати слепчански врати кои се апсолутно единствени и по начинот на својата обработка, по концепцијата. Во суштитна слепчанската резба е плитка копаница, не е тоа длабока копаница како подоцна ние што ќе го имаме тоа како еден стилски и уметнички израз на дебарската школа. Тоа е една плитка копаница која бара многу вештина, но од друга страна обозможува многу креативност и вклучување во самата копаница неколку многу значајни мотиви, кои се амблематични и стануваат препознатливи за слепчанската школа. Така да ние тоа го следиме скоро низ целиот 16 век“. вели Цветковски.

 

Во тој периодот н 16 век за манастирот освен уметноста значаен е и развојот на т.н. Слепчанска препишувачка школа. Целата таа огромна продукција на манастирот е под покровителство на Охридските архиепископи, особено на Архиепископот Прохор, кој е многу поврзан со кнезот Димитар од Кратово. Токму овие историски фигури се најзначајни за тие слободно да кажеме ѕвездени мигови на слепчанскиот манастир. Но и овој случај, како и претходно за жал Македонија скоро и да не поседува ништо од таа позната Слепчанска препишувачка школа.

 

„Ние сега тука имаме една генерација на препишувачи од Вистарион Дебарски Слепчански, тука се неговите ученици и наследници што ги имаме. Тоа е една генерација која тука активно 30-40 години работи и навистина таа продукција е исклучителна, фасцинантна е. Она што е трагично за нас и нашата културна историја е тоа што ние од тоа немаме скоро ништо во Македонија. Во 19 век тоа е се однесено од манастирот и сега се наоѓа дел во архивот на Хрватската академија на науките и уметностите, во Загреб. Дел се наоѓа во Белградската народна библиотека, голем дел е во Софија во нивната Универзитетска народна библиотека, имаме во Москва, имаме во Одеса. Значи ние корпусот на тие споменици веќе го имаме заокружено, бидејќи академикот Поп Атанасов многу интензивно работи на тоа и веќе постојано ја проширува збирката која и онака е импозантна и голема. Сега она што е важно е што манастирот во последните 5 години пројави една иницијатива и благодарение на претприемчивоста и желбата на сестринството и поготово игуменот Отец Серафим, дел од тоа големо книжевно наследство почнато е полека да се враќа во манастирот, но во форма на една дигитална копија, на една дигитализирана верзија на тие манастирски ракописи кои некогаш биле слепчански и излегле од скипторијата на слепчанската скипториска школа“, потенцираше професорот Цветковски.

 

„Она што е најзначајно до првата половина на 17 век е центар на создавање на сето она што го нарекуваме потреба не само на црквата, туку и на науката. Бидејќи мноштовото зборници се излезени од тука, мноштво евангелија, а нарочито мноштво ученици се обучувани за понатаму да можат да работат на ширење на сето она што е христова наука, на сите страни. Но и изучување на тогаш актуелните трендови во самата наука, особено благословието, бидејќи среќаваме одредени благословски зборници, кои што ги одработуваат темите, пример Григориј Палама од 14 век итн. Голем број ги има, оваа година се надеваме на одредена репатријација на ракописи од Загреб, од прилика 27 на број. Во првата библиотека во Софија има преку 40, 27 ги има во Бан, а вкупно од прилика се работи за 800 ракописи низ кои едноставно може да го гледаме движењето на словото, бидејќи иако се евангелија, иако се зборници, во нив постојат мноштво рачни сигнатури, записи, кои се шифрирани и се предмет на истражување во МАНУ“, додаде отец Серафим, игумен на манастирот.

 

 

Инаку манастирот е доста богат во овој период, во текот на 16-тиот век, има свои метоси и имоти, дури и надвор од демирхисарскиот регион, манастирот е толку финансиски моќен што донира прилози и за некои манастири на Света Гора. Тој е едне вид духовно и црковно средиште на Охридската Архиепископија.

 

Тој манастирски подем продолжува и во 17 век, од тој период е и фрескоживописот на двете манастирски порти. Тој датира од 1637 до 1638 година. Прво се слика северната манастирска порта, а потоа јужната. Во тоа време игумен на манастирот е отец Серафим.

 

Од тој период, од 17 век има остаток и на стариот иконостас и неколку икони од тој период.

 

18 век е период кој неповолно влијае врз развојот на манастирот и целокупното живеење на просторот на Македонија и започнува една стагнација на манастирот. Тоа е период кога централната власт на османлиската империја е деградирана и сега приматот го превземаат локалните моќници кои самоволно настапуваат како еден вид одметнати сили кои нанесуваат големи штети на манастирот.

 

„Во 1751 година ќе страда и игуменот на манастирот Кипријан, кој пред 2 години се канонизира од страна на МПЦ, бидејќи тоа негово мачеништво е сведочено од неговите собраќа, неговото страдање што ќе биде неколку дена пред Великден. Благодарение на се она што го направил за манастирот, а и неговата маченичка смрт даде еден импулс во времето на јубилејната година, 50 години од возобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и црквата да го прогласи за светител на нашата црква. Така да еве сега манастирот Слепче има една своја голема светиња, еден голем заштитник, покровител на манастирот после Свети Јован Претеча“, вели Цветковски.

 

 

Во 19 век се случува таа поголема последна обнова на манастирот. Во 1862 година е срушен стариот каталиконот кој потекнува уште од времето на кнезот Димитар Кратовски и на неговото место е изградена денешната црква.

 

Но тоа е време и кога се разграбува целото пишано богатство на манастирот.

 

„Тоа е период кога од друга страна сето она што е поврзано со ризницата на манастирот Слепче, поготово пишаната традиција, ракописите, скрипторијата. Дел од таа скрипторија ќе биде однесен од манастирот, во тоа најмногу ќе бидат инволвирани руските слависти, тука е Виктор Григорович, потоа тука е Архимандритот Антониј и некои други истражувачи, кои се поврзани со археолошкиот контантинополски институт, цариградски, кој е многу активен во времето втората половина на 19 век и сите тие научни екскурзии доаѓаат од таму со веќе подготвени претходни знаења и тоа е тој период кога голем дел од тоа манастирско културно наследство исчезнува од манастирот“, истакна професорот Сашо Цветковски.

 

Денес монашкото сестринство во манастирот Слепче ја продолжува тррадицијата на цртање икони, фрескоживопис како и на таа позната слепчанска резба.

 

Сега ателјето „Свети Лука“ за иконопис и живопис работи на истражување и возобновување на старите техники од 12, 13 и 14 век, кои подразбираат опширна зографска постапка која опфаќа познавање на зографски цртеж, типологија, историчност, архитектоника во иконата, користење на специфична зографска палета на бои со јајчена техника, подготовка на подлога за икона и живопис по природни рецептури, позлата со 24 каратно трослојно злато со повеќе технологии, меѓу кои и изработка со висока водена позлата со полимент и полирање со ахатни камења целосно на природен начин којшто во денешно време е наполно технологија во изумирање, бидејќи денес се поддржува современиот акриличен полимент. Исто така природни лакови и природна заштита на иконата,

 

 

Ателјето по примерот на слепченските монаси кои ги украсувале ракописните книги со минијатури и иницијали во минатото, и денес изработува минијатури, калиграфски текстови и украсни иницијали.

 

Денес, сестринството на Слепченската обител, низ долгогодишни истражувања и проучувања на Слепченското културно наследство, ја возобнови резбарската работилица во автентичниот стил на некогашната плитка резба со доминација на плетеница.

 

Игуменот Серафим изнесе и доста интересни факти и податоци за тоа што покажале нивните истражувања, за тоа како започнала таа резбарска школа во манастирот во Слепче.

 

„Трагајќи по тоа од каде резба во Слепче ние стигнавме до многу интересни пронајдоци, бидејќи се дојде во допир со слепчанските плетенки во плитка резба, со сите оние плетенки со кои се цртале Викингшките  гробови. Кога ќе спомнеме денеска Готи, треба да знаеме дека во свитата на Цар Константин биле околу 40.000, Готите биле ударната сила на војската на Цар Константин Велики. Свети Јован Златоуст пишува пофално писмо до готските епископи кои што примаат тогаш православие, бидејќи тие се првите кои од тогашниот јазик кој се употребувал, претпоставувам старогрчки, ги преведуваат богослужбените книги на готски. Нивното движење е многу интересно, бидејќи кога се повлекуваат заминувајќи за Италија, се задржуваат во областа на Преспа, Демир Хисар. Така да пратењето на таа стара резба, таа плетенка резба што беше таму и во сите артефакти што постојат во музејот во Осло, даваат неверојатна сличност, копии“, вели отецот Серафим.

 

 

 

Под водство на игуменот Серафим манастирот денес продолжува да биде значаен центар во овој крај. Возобновена е економијата на манастирот, но исто така и издавачката дејност. Денес сестринството на манастирот досега имаат издадено над 40 книги преведени од руски, грчки, англиски и српски јазик. Се издаде и манастирско издание на Новиот завет збогатено со иконографија, како и над 170 акатисти. Од неодамна издадени се и 4 стихозбирки на поезија насловена како „Манастирски води“.

 

„Во црквата христова помалку од 10% има творештва, или тропали, обично сите се покриени со општи. Тука се работи со возобновување, односно творештво на нови славословија, на тропали каде ги нема, агатисти каде ги нема, значи пишување, пишување и пишување на оваа слава Божја“, вели игуменот на Слепченскиот  манастор, Отец Серафим.

 

Токму поради целата оваа мистика што владее околу самиот манастир, славната, богата и несекодјневна историја, ова место е еден од напосетуваните манастири во Македонија, како од домашните така и од странските туристи.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи