„Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“ – прва книга од Каролина Мицевска

 

„Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“ е првата стручна книга од новинарот Каролина Мицевска, вработена во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Мицевска воедно долги години е дописник на Нова Македонија.

 

Книгата, чие издавање е поддржано од Министерството за култура, ќе биде одлично четиво во оваа област бидејќи односите со јавноста се многу важен планиран процес за влијание врз јавното мислење односно врз заемно задоволителна двонасочна комуникација.

 

„Односите со јавноста придонесуваат да се проектира, да се креира имиџот на една институција или, пак, на една личност пред јавноста. Двонасочен процес е во кој пораката се пренесува до публиката, но мора да се има и повратен процес, пред сѐ, заради практичноста во работата. Последните години голем замав во интернет комуникацијата зазедоа социјалните медиуми (социјални мрежи) кои се збир од многубројни канали за комуникација, интеракција меѓу повеќе луѓе кои, пак, можат да споделуваат најразлични содржини и во исто време да соработуваат. Онлајн-комуникацијата преку социјалните медиуми го креира јавното мислење односно придонесува за покренување на одредени активности кај граѓаните за најразлични прашања. Освен тоа, социјалните медиуми сѐ почесто се користат во односите со јавноста од страна на практичарите. Ова беше главната причина за изработување на книгата, која е резултат на мојот претходно одбранет  магистерски труд. Односите со јавноста и социјалните медиуми  имаат големо влијание врз јавното мислење, кое клучно за креирање на ставови“, вели авторката.

 

М-р Каролина Мицевска речиси 30 години преку новинарството го креира јавното мислење во градот, а е соработник на повеќе монографии и има реализирано десетина изложби на фотогафии.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.