Со оглед на актуелните случувања и потребата за повторно оживување и сеќавање на поновата македонска историја, најважна да се спомене е улогата на партизанското движење на територијата на Македонија во Втората светска војна.
Партизаните од Прилеп први го дигаат својот глас на отпор и почнуваат оружена борба против бугарскиот фашистички окупатор. Целта што овие млади, идејно напредни и храбри луѓе, ја имаат во вид е крајното ослободување на Македонија од странски (соседни) власти и сили, и создавање на своја македонска држава.
Меѓу првенците од Прилеп коишто ја прифаќаат борбата е народниот херој Борка Велески–Левата, роден 1912 година, потекнувал од работничка фамилија, бил интелигентен и образуван во гимназијата и завршил воена школа во 30-тите години на минатиот век. Во својата младост, ги прифатил идеите на комунистичката идеолошка стварност и бил спремен да се бори за идеалите на работничкиот народ (кој бил мнозинство на тогашниот, како и сегашниот општествено-економски конструкт). Својата посветеност на работниците и нивните права ја изразувал преку својата ненадмината елоквенција и емоција, на собири со своите пријатели, пред работниците на Монополот во Прилеп (чиј синдикален водач бил пред Војната), како и пред широките народни маси во селата и градовите каде се наоѓал.
Со почетокот на Втората светска војна, имајќи го во предвид неговиот слободарски дух, храброст, идеолошка и воена спремност, активно учествува во организацијата и извршувањето на оружениот отпор против окупациските сили во Прилеп и прилепско.
Во 1941 и 1942 година, избран е за командант на Втората чета на партизанскиот одред „Димитар Влахов“, со која раководи и ги извршува задачите на Комунистичката партија на Југославија (фактичкиот организатор на оружената борба во рамките на тогашна окупирана Југославија). Со големата противофанзива на Бугарите и домашните издајници, летото и есента на 1942 година се посебно критични и опасни за македонските партизани. При една таква акција, на 14. септември 1942., се најдуваат опколени на Мукос (недалеку од Прилеп) партизаните од втората чета под команда на Борка Велески-Левата. Се води жестока борба против бугарските полицајци и војници, во која, нажалост, паѓаат скоро сите партизани од одредот. Нивниот командант ја брани отстапницата со последните сили, иако претходно ранет, и со последните куршуми го дава животот за слободна Македонија. Неговиот сон се остварува по неговата смрт, а денешните генерации со почит и долг треба да се сеќаваат на хероите, и да го чуваат нивниот спомен.
Поради големината на Борка Велески-Левата, а во спомен на сите жртви на фашистичката агресија, се обнови споменикот на Мукос, на 14. септември 2019 година, од фамилијата Велески и Сојузот на борци од Прилеп.