Прилепскиот уметник Марјан Стојаноски преку изложбата „Феникс 3“ ќе се претстави пред гевгеличани

 

 

Општо е познато дека Прилеп е расадник на културата и уметноста со децении наназад. Континуираната гордост на Прилеп несебично ја градат и одржуваат во живот многу наши прилепски уметници. Уметници кои со својата желба, упорност, посветеност и пред се креативност и талент  го создаваат и негуваат печатот кој останува после нас.

 

Еден од нив е и Марјан Стојаноски –академски скулптор со исклучителен осет за убавото во просторот. Го следам творештвото на Марјан од самите негови почетоци и искрено  се радувам на неговиот период на евалуација. Циклусите кои Стојаноски ги создава даваат посебна креација и раздвиженост во просторот.

 

Марјан го читам и доживувам преку неговите скулптури изработени во метал, материјал во кој најмногу твори и за него најблизок и најинтересен материјал за обликување. Материјал кој е исклучително тежок за обработка и креација, но дава широка можност за изработка на скулптури, различни по својата форма, структура и големина. Суровоста и студот како главни карактеристики на металот, авторот вешто ги прикрива со акцентирање на светлината, топлината и оплеменитоста.

 

Марјан Стојаноски е скулптор кој успева на металот да му најде судбина во уметноста, да го определи карактерот, да го идентификува вкусот и да ја постави стабилноста на критериумот.

 

Гледајќи ги делата, не можам да се оттргнам од впечатокот дека креативноста може секој материјал да го оживее. Разиграноста во просторот е видлива, а отсјајот на металот ја креира алката на убавото и уметничкото. Неговите креации ги следат светските уметнички движења и се на некој начин его на 21 век.

 

Ротирачките скулптури сами по себе се интересна приказна за нашите простори. Тоа е проблематика која кај нас и не е така често претставена во скулптурата и токму тоа е и главнот предизвик за почетоците на неговиот циклус „Феникс“. Чуствително изработените форми, говорат за бесконечност во просторот. Додека пак подвижноста на скулптурите не потсетува дека се се движи, се е менливо и се е минливо.  Моментот е сега и треба и мора да го живееме, тоа е пораката која јас ја читам од цикусот „Феникс“.

 

Идејата на авторот секако е да гооплемени просторот и да предизвика одредени индивидуални чуства кај консументите.Стојаноски во своите три фази од „Феникс“ трворештвото,  посебно во тетата фаза „Феникс 3“, успева да создаде идејни решенија и концепти за монументална скулптура во урбан простор.

 

„Феникс 3“ е последната фаза, каде авторот навлегува во самата форма и завршна реализација за изгледот на делото во отворен простор и негова  лична комуникација со публиката. Акцентот во оваа трета фаза од „Феникс“, го става на просторот околу делата. Неговата замисла е делата да бидат поставени на отворен простор во монументални димензии, каде ќе бидат во секојдневна комуникација со публиката и ќе предизвикаат, индивидуалното доживувањекај гледачот  да ги разбуди внатрешните емоции и размислувања за делото.

 

Јана Јанеска Ристески, Историчар на уметност

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.