Изложбата „Од меморијата“ од Беди Ибрахим во петок ќе биде отворена во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“

 

На 20 ноември 2020, петок од 12.00 часот во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Од меморијата“ од уметникот Беди Ибрахим.

 

Конча Пиркоска за изложбата „Од  меморијата“

 

Самиот наслов на изложбата „Од меморијата“ на Беди Ибрахим, нѝ  реферира на некои временски фрагменти, на акумулирани сеќавања кои се суптилно впишани во  авторовиот  ментален и емотивно визуелизиран дневник.  Сегашниот избор од страниците на  дневникот, авторот  нѝ го селектира  на девет   различно интонирани реди мејд предмети. Инсистирајќи на нивната изворна морфологија, само со минимална скулпторска и колористичка интервенција и комбинација, авторот на скулптурите и објектите, ќе им ја додели улогата на наратори. Тие, самите за себе, ќе нѝ говорат за нивната функција во времето на нивното време, но и за нашиот индивидуален и колективен заборав. Оттука, во фонот, во потекстот на делата: „Семејно стебло“, „Земја и леб“, „Исчекор“, „Виртуелно огледало“, „Илузија“, „Невестински ковчег“, „Танц“,  авторот во извесна смисла, и себеси ќе се препознае и презентира како конаратор, соучесник, кој ќе ја надополни играта на  нараторите  што се одвива помеѓу имагинацијата и реалноста. Низ ремеморирањето, ќе нѝ ги (пре)раскаже нивните различни приказни, потсетувајќи ги набљудувачите на некои битни универзални пораки.  Тие пораки ги препознаваме во архетипските слики (тркало, отворен круг, прозорец, лак…) коишто се вградени во структурата на уметничката игра.   Дискретната еманација на наведените архетипски космолошки слики, како во виртуелно огледало  се  рефлектираат во светот на микро сферата, и како проверен образец, или архивиран историски документ, нѝ го откриваат она бесконечното, изворното, суштественото, што се манифесрира како крајна инстанца за промислување на скриените феномени на човечкото постоење.

 

Оттука, со овој интердисциплинарен скулпторско-сликарски концепт    не само што ревносно ја доградува неговата лична креативна архитектура на времето, туку  Беди Ибрахим, низ  создавањето нѝ реферира на неговото длабоко разбирање и почитување на законите на редот кои владеат со космичкиот принцип, со принципот на нераскинливата врска на времето минато со времето  сегашно.

 

Биографија Беди Ибрахим.

 

Роден е во Скопје во 1959 г. Во 1985 г. дипломирал на ФЛУ на одделот за скулптура а во 1999 завршил постдипломски студии на истиот Факултет. Од 1985-1989 г. бил член на групата „Зеро“. Во 1991 г., престојувал на Универзитетот Мимар Синан во Истанбул, како и во ателјето на познатиот архитект Џенгис Бекташ .Во 1992 г. престојувал на Јилдиз Универитетот во Истанбул каде вршел истражувања во Кападокија. Во 1997 г. бил единствен претставник од Македонија на Меѓународното биенале во Истан­бул. Од 1999-2001 г. бил директор на Турската драма. Од 2002 до денес работи на ФЛУ како редовен  проф. на вајарскиот оддел и актуелен декан на ФЛУ. Во еден мандат бил и продекан за настава. Освен со скулптура се занимава и со сликарство и сценографија. Досега има реализиран над 20  самостојни изложби во земјата и во странство и бројни групни учества на локалната и меѓународната сцена. До­битник е на три наци­онал­ни и меѓународни награди.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи