ВИДЕО – Јованоски: Ситуацијата е крајно загрижувачка, Ковид 19 застрашувачки се шири, бараме заострување на мерките

Заклучокот којшто произлезе од денешната онлајн седница на Општинскиот кризен штаб, е дека ситуацијата со вирусот Ковид-19 во општина Прилеп е влошена и крајно загрижувачка, а за тоа зборуваат бројките. Истакна на денешната прес конференција градоначалникотна Прилеп, Илиија Јованоски.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Од почетокот на пандемијата, заклучно со вчерашниот ден вкупниот број на заболени изнесува  2.766 лица, а бројот на активни случаи е 1.021.

 

856 пациенти се лекуваат во домашни услови, 117 во болнички, а 48 во дневната болница.

 

За жал, досега 125 наши сограѓани ја изгубија битката со вирусот.

 

Заклучно со вчера, во изолација и самоизолација се наоѓаат 1.319 граѓани.

 

Она што е особено загрижувачки и алармантно, е дека во последните дваесетина дена драстично и рапидно се зголемува бројот на новозаразени, хоспитализирани и, за жал починати лица.

 

Од тие причини, Општинскиот кризен штаб ги донесе следните заклучоци:

 

Прво, со цел да ја превенираме и запреме ваквата застрашувачка тенденција на ширење на заразата, Општинскиот кризен штаб да побара од Главниот кризен штаб, заострување на мерките и воведување на дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на целата територија на општина Прилеп. 

 

Во очекување на одговор на нашето барање, како Општински кризен штаб ги засилуваме локалните мерки за превенција и справување со болеста во градот и населените места.

 

Најпрво, би сакал да истакнам дека заради алармантната состојба и потребата од зголемен број на медински персонал во Инфективното оддление, Општинскиот кризен штаб го задолжува претседателот на Здружението на матични лекари од нашиот град, почнувајќи од утре па во наредниот период, да обезбеди по два тима, составени од доктор и медицинска сестра, кои ќе волонтираат по систем на ротација во втора и трета смена во Инфективното одделение.

 

Едниот тим ќе работи од 14.00 до 22.00 часот, а вториот тим од 22.00 часот до 07.00 наутро.

 

Ова е особено важно, затоа што постојниот медицински персонал во Инфективното одделение, е навистина исцрпен и со крајни сили и напори се бори со заразата и се грижи за секој пациент.

 

Во соработка со Спасителната служба „Златоврв“, триесетина нивни волонтери на кои ќе им асистира и полицијата, ќе бидат вклучени во обезбедување на редот и дистанцата пред здравствените институции, како и за одржување ред и дистанца пред банките, поголемите маркети и пред и во Градскиот пазар.

 

Пред тие локации и институции, Општината повторно ќе ги обележи позициите за одржување на дистанца во редиците, со поставување налепници „Стој овде“.

 

Волонтерите од Спасителната служба ќе бидат ангажирани и за набавка и доставување на лекови и намирници до домовите на сите повозрасни и изнемоштени граѓани.

 

Ги повикувам сите оние млади лица од нашиот град, кои се здрави или ја прележале болеста, кои би сакале да помогнат и да се приклучат на волонтерската служба, да се обратат на следните телефонски броеви: 073/333-800 и 073/333-900 кај одговорните лица за волонтерската служба при „Златоврв“, Сашо Јандрески и Дарко Неданоски.

 

На истите контакт телефони, сите граѓани кои имаат потреба од доставување на намирници, ќе можат да се обратат секој ден, во периодот од 08.00 до 16.00 часот.

 

Дезинфекцијата на улиците, јавните површини, како и на локалните и државните институции  во градот и населените места, ќе продолжи со засилен интензитет.

 

Дозволете, на крајот да упатам уште еден апел до сите граѓани на општина Прилеп: носете заштитни маски, секаде и секогаш, избегнувајте го групирањето, дружбите и семејните веселби. Само на тој начин, ќе успееме да ја ставиме ситуацијата под контрола, ќе си помогнеме себеси, на најблиските и на здравствените работници“, истакна Јованоски.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи