Заштитата на мајките е фундаментално право на жените работнички кое е предвидено во клучните универзални договори за правата на човекот.
На пример, во Универзалната декларација за правата на човекот од 1948 година е наведено дека мајките и децата имаат право на специјална грижа и помош, како и на социјална заштита. Во Интернационалната конвенција за економски, социјални и културни права (International Covenant on Economic, Social and Cultural Rights -ICESCR2 ) од 1966 година е вклучена специјална заштита на мајките во текот на одреден период пред и по породување заедно со платено отсуство или отсуство со соодветни социјални придобивки. Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жени (The Convention for the Elimination of All Forms of Discrimination Against Women – CEDAW) повикува на специјални мерки за гарантирање на заштита на мајчинството, признаено како суштинско и фундаментално право.
Заштитата на мајчинството е од огромно значење за Интернационалната организација на трудот (International Labour Organization – ILO) по усвојувањето на првата Конвенција за заштита на мајчинството од 1919 година. Заштитата на мајчинството е проследена со правото на паричен надоместок за време на породилно отсуство, кое право е загарантирано со закодонодавна рамка во многу земји, а важно е да се напомене дека различни земји користат различни системи за одредување на критериуми за пристап до ова право, како и различни методи за нивото на паричниот надоместок.
Во Република Северна Македонија мајката има право на породилно отсуство согласно членот 165 од Законот за работни односи и е предвидено дека вработена за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од 9 месеци непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) и следува платено отсуство во период од 15 месеци.
Ваквите бенефиции произлегуваат од нивниот статус на осигуреници согласно Законот за здравствено осигурување. Доколку се разгледа членот 5 од Законот за здравствено осигурување ќе се увиди дека со овој Закон задолжително се осигуруваат: работници во работен однос кај правно лице, самовработено лице, правни лица кои вршат дејност на јавна служба и државни органи; лица кои имаат краткотрајно вработување согласно со Законот за агенциите за привремени вработувања; државјани на РСМакедонија вработени кај странски и меѓународни органи, организации и установи: самовработени лица, како и носители на семејни земјоделски стопанства од втора и трета категорија, согласно со Законот за земјоделство и рурален развој. Во овие категории на земјоделски стопанства спаѓаат семејни земјодеслки стопанства со остварен годишен нето приход од вршење на земјоделска дејност од износот на годишниот нето износ на минималната плата за претходната година, согласно податоците од Министерството за труд и социјална политика до годишниот износ за пресметка и плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување. И земјоделски стопанства со остварен годишен нето приход од вршење на земјоделска дејност до 2.000.000 денари.
Со задолжително здравствено осигурување на осигурените лица им се обезбедува право на основни здравствени услуги под услови утврдени со овој Закон и право на парични надоместоци и тоа: 1) право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство и 2) право на надоместок на патни трошоци.
Овој член на Законот покажува дека нашата држава има воведено одредби и систем за родителско отсуство по повод раѓање на дете, но доколку се разгледаат понатамошните членови на Законот, со посебен фокус на членот 14 кој го опфаќа правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство евидентно е дека во широката листа на осигуреници кои го имаат ова право отсуствува жената носител на семејно земјоделско стопанство од втора и трета категорија.
За разлика од нашата држава, во други држави постојат различни системи за поддршка на мајчинството. Доколку ја разгледаме правната регулатива за правото на породилно и родителско отсуство и паричните надоместоци кои се регулирани согласно со системот за поддршка на мајчинство и родителство во Република Хрватска ќе забележиме дека жените-земјоделки имаат право на мајчинство и родителска поддршка. Правото на надоместок за време на отсуство поради раѓање на дете ви е обезбедено доколку имате задолжително здравствено осигурување и доколку сте родител – фармер/земјоделец да го со постојано живеалиште во Хрватска во период од најмалку 3 години или доколку имате дозвола за постојан престој од најмалку 3 години доколку сте странски државјанин.
Во Австрија исто така постојат придобивки и законска регулација на паричен надоместок за отсуство поради раѓање на дете за осигуреници од земјоделскиот сектор, кое се регулира и остварува преку фондот за здравствено осигурување.
При компаративна анализа на правото на паричен надоместок за отсуство поради раѓање на дете, законската рамка и заштитата на родителите особено на мајките во Европските земји, може да се забележи дека кај голем број европски земји во законодавната регулатива за пристап до социјална заштита, постојат посебни регулативи за паричен надоместок за породилно отсуство за здравствени осигуреници со нестандардни договори, осигуреници од секторот земјодество и шумарство и др.
Не може да се не се забележи дека во нашата држава постои разлика помеѓу тоа колку работници се опфатени со законската регулатива за социјална заштита и паричен надоместок за отсуство поради раѓање, мајчинство и родителска грижа и колку всушност овој закон дава придобивки во пракса. Нееднаквост се јавува во зависност од тоа како се креираат и се применуваат законите. Празнините кои се јавуваат се поврзани со недостаток на свесност кај жените за законските права и придобивките од нив, празнините на социјалните системи, несоодветно спроведување, дискриминаторски практики, социјално исклучување, и сл.
Имајќи во предвид дека заштитата на мајчинството е фундаментално човеково право, а пристапот до платено породилно отсуство е од клучно значење за ефективна имплементација на законодавството и еднаков пристап до работнички права, во нашата држава неопходна е потребата од воспостваување и спроведување на инклузивни законски рамки кои ќе обезбедат основни права како што е породилното отсуство, правото на паричен надоместок за отсуство раѓање на дете и за здравствените осигуреници – носители на земјоделски стопанства. На овој начин ќе обезбедиме кохерентни социјални програми кои ќе го намалат нееднаквиот пристап до права за жените од различни работни дејности, и ќе обезбедат еднаквост и социјална правда.
Локална Акциона Група АГРО ЛИДЕР
Материјалот е изработен во рамки на проектот „Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи на ниско-платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”, што го спроведува конзорциум од 6 организации составен од: Институт за економски истражувања и политики Finance Think – Скопје; Здружение за истражување и анализи ЗМАИ – Скопје; Аналитика – Скопје; Здружение Гласен текстилец – Штип; Здружение за унапредување и заштита на правата на работниците Достоинствен Работник – Прилеп; и Здружение за рурален развој ЛАГ Агро Лидер – Кривогаштани, со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на материјалот е единствена одговорност на авторите од ЛАГ АГРО ЛИДЕР и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.