Ѓорѓиевска : Планината за мене е начин на живот, спознавање на себеси и откривање на суштината на живеењето

Маријана Ѓорѓиевска е прилепска планинарка со која поразговараме околу планината по денешниот Светскиот ден на планината – 11 Декември. Ѓорѓиевска вели дека планината за неа претставува начин на живот, спознавање на себеси и откривање на суштината на живеењето. Планината правела да се чуствувам таа во буквална смисла на зборот. Инаку Ѓорѓиевска досега се има искачено на 2 од 7 светски сумити – Елбрус и Аконкагва. Најавува дека наскоро планира да се искачи и на уште еден, но засега не сака предвреме да открива детали. На сите им порачува да ја сакаат планината затоа што како што вели понекогаш најтешките прашања ќе ги одговорите баш на планина.

  

Колку години се занимаваш со планинарење и како започна ?

 

Планинарам речиси од кога знам за себе. Љубовта кон планината ми ја пренесе мојот покоен дедо, која од ден на ден се повеќе се зголемуваше, па по завршувањето на моите студии и враќањето во Прилеп почнав почесто да се занимавам со планинарење.

 

Зошто планината, што претставува таа за тебе, дали чувството се опишува со зборови?

 

Многу често ми го поставуваат ова прашање и искрено не знам дали можам во кратки црти да објаснам зошто… Не знам дали воопшто можам да објаснам зошто.

 

Слободата која ја чувствувам горе, енергијата која ја добивам во текот на планинарењето, желбата за скротување на планината и прифаќањето на нејзините правила на игра – прават да се чуствувам јас во буквална смисла на зборот.

 

Планината за мене претставува начин на живот, спознавање на себеси и откривање на суштината на живеењето.

 

 

 

Колку често си во планина?

 

Не онолку колку што би сакала да бидам.

 

Која планина ти е најубава, дали имаш „твое место“ некаде?

 

Да, имам мое место – тоа е планината. Но, не можам да одвојам конкретна планина. Јас ја сакам планината и планинарењето како активност и не ми е проблем на едно исто место да одам често – јас уживам при секое движење низ планина. Секоја планина ми е убава на различен начин, секоја планина си е убава во различно време од годината, со различно друштво, различна јас…

 

Кои врвови досега ги имаш искачено?

 

Највисокиот врв во Јужна Америка – Аконкагва, највисокиот врв во Европа – Елбрус, највисокиот врв на Алпите – Мон Блан, потоа највисокиот врв во Германија – Жугспиц, највисок врв во Австрија – Глосглокнер, Бонете во Аргентина, Боботов Кук во Црна Гора, Маја Језерце на Проклетије, Полукс во Италија, Тодорка, Мусала, Каранфили, Вихрен, Трем, Кораб, Црн Камен и многу други.

 

 

 

 

Имаш искачено 2 сумити, Елбрус и Аконкагва, дали ќе има за брзо и наредни и дали со тек на време во план се сите 7 некогаш?

 

Доколку се најде некој кој би го спонзорирал овој проект – со задоволство би заминала на таа авантура. Од сегашна гледна перспектива, без сериозна финансиска поддршка, врв на кариера би ми било искачување на 4 од 7 светски сумити. Искачувањето на третиот е во многу блиска иднина доколку ситуацијата предизвикана од вирусот Covid 19 не ескалира.

 

Денеска е Светски ден на планината, колку планините се посетени во Македонија, а каква е таа статистика во светот?

 

Секоја година на 11 Декември се слави Светскиот ден на планината, ден кој за Македонија како планинска земја е од исклучителна важност.

 

Планините покриваат околу 22% од површината на земјата и 13% од светската популација живее во овие предели. Благодетите од планинарењето се општо познати и баш поради тоа оваа активност се практикувала и постоела одамна.

 

Со зголемениот тренд на промовирање на здравиот начин на живеење и промоцијата на здрави животни навики, луѓето се повеќе се интересираат за планинарењето и тоа започнува на биде редовна физичка активност на сите генерации во светот, но и кај нас.

 

 

 

 

 

Дали луѓето за време на Ковид пандемијата се почесто планинарат?

 

Покрај сите негативни работи предизвикани од Ковид пандемијата, интересно е тоашто таа ги обедини семејствата да излегуваат во природа. Не само што се зацврсти семејството како основна општествена клетка, туку и „ги натера“ членовите на семејствата да поминуваат повеќе време заедно, да ги подобрат меѓусебните врски  – и тоа во природа. Времето поминато во природа, на чист воздух, надвор од градските гужви – не самошто ја подобрува здравствената слика туку ја зголемува и психичката стабилност на личноста.

 

Среќна сум што од ден на ден гледав се повеќе и повеќе луѓе на планина, но жал ми е што истите тие не и враќаа на природата во иста мера.

 

Планинита, особено оние места каде има некаков локалитет никогаш не биле толку загадени и со ѓубре како во овој период.

 

 

Што треба да се направи за да се промовира уште повеќе овој спорт кај нас, што недостасува?

 

Планинарењето како спортска активност е доста актуелно во последен период. Жално е што институционално не сме толку добро организирани, односно сме целосно неорганизирани. Доколку се направат определени измени во самата Федерација, исклучените делови да се приклучат, личниот интерес да се стави настрана – просперитетот ќе е неминовен.

 

Од друга страна, свесноста на луѓето се уште е премногу ниска за зачувување на природата, загадувањето е големо и никој не се грижи за она што го остава зад себе.

 

Преку активна промоција на позитивните придобивки од планинарењето, зголемување на достапноста на нашите природни убавини, лиценцирање и обучување на водичи, создавање тимови за спасување, маркирање на патеките, санкционирање на предизвикувачите на штети, заштита и обновување на веќепостоечките локалитети итн итн.

 

Има многу работи што можат да се направат  – потребна е желба и отворена соработка.

 

 

Која е твојата порака за планинатата и планинарењето?

 

 

Колку повеќе километри поминувам сфаќам дека она што навистина ни е потребно не е она за што секојдневно тежнееме.

 

Планината ме научи дека во принцип ние имаме многу повеќе од што ни е потребно и  си создаваме повеќе проблеми од оние кои навистина ги имаме.

 

Како живи суштества секогаш одиме напред, отвараме нови врати и правиме нови нешта затоашто сме љубопитни. Љубопитноста секогаш води кон нови патишта, а сите наши соништа можат да се остварат доколку имаме храброст да ги следиме.

 

Понекогаш најтешките прашања ќе ги одговорите баш на планина.  Планинарете, сакајте ја планината, почитувајте ја – верувајте нема да згрешите.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи