Бугарската полиција денес во Софија го уапсила Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски. Од МВР велат дека бугарската полиција ги известила дека тој денеска е приведен, по претходно распишана меѓународна потерница од македонските власти.
По апсењето, македонското Министерство за правда ќе треба да почне постапка за негова екстрадиција.
Спасов е поранешен специјалец од МВР, кој беше осуден за убиството на младиот Нешкоски за време на прославата во Скопје за изборната победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори на 5 јуни 2011 година.
Тој беше осуден на 14 години затвор. Спасов беше пуштен од затворот „Идризово“ пред 1 година, поради лекарски наоди дека имало потреба од операција за дискус хернија и од кила. Требало да се врати во затворот „Идризово“ на 18 октомври.