Министерството за здравство информира дека досега онлајн преку веб-страницата vakcinacija.mk, 55.970 лица ја пополниле формата за аплицирање за изразување интерес за вакцинација против Ковид-19. Преку матичните лекари за вакцинација се пријавиле 29.209 лица. Од вкупната бројка на пријавени, 38 илјади лица имаат над 70 години.
Вчера, со вакцинација на 202 здравствени работници почна имунизацијата во земјата.
Во согласност со направениот план за вакцинација на здравствените работници, први се вакцинираат медицинските лица што работеле или работат со ковид-пациенти од Инфективната клиника, ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, интерните клиники, кои хоспитализираа пациенти.
Од следната недела вакцинацијата ќе почне и кај здравствените работници во болниците во државата, како и во приватните болници.