ВИДЕО – Стојкоски: Нема вишок на тутун, ова е грешка на откупувачите и Министерството и треба итно да се реши

 

Наш соговорни за ова интервју на порталот Инфо Компас е Петре Стојкоски кој е избран за нов претседател на Асоцијацијата на земјоделци кој доаѓа на местото на Ефтим Шаклев. Неговиот избор се изврши пред неколку денови на годишното собрание кое се одржа во селото Таринци, Општина Карбинци. Г-дине Стојкоски пред се честитки за новата функција, која ќе ви донесе и многу одговорности.

 

 

Ви благодарам за честитката. Прво што сакам да напоменам е тоа дека пред неколку денови имавме Собрание на кое едногласно без избран јас за претседател. Досегашниот наш претседател, Ефтим Шаклев, почина и ние моравме да избереме нов претседател и ново раководство. Така што во овој случај ми припадна мене таа чест. Нормално сега ќе се зголемат и обврските кои ги носи оваа функција, но се надевам декак сите тие предизвици кои ќе бидат пред нас, заеднички со сите земјоделци, сточари и сите други гранки во земјоделието, заеднички ќе ги надминиме.

 Да започнеме со една најактуелна состојба во земјоделскиот сектор овие денови, а тоа е тутунопроизводството, чиј откуп, според оценките на тутунарите, оваа година помина катастрофално, со огромен број проблеми, штрајкови, блокади, пониски откупни цени за разлика од лани, а сега остана и неоткупен вишок на тутун поради што во четврток се организираат протести со блокада на патот Прилеп-Скопје. Како Асоцијација како ја оценувате оваа состојба?

 Морам прво да кажам за едно нешто што се случуваше пред една година. Минатата година ако сите тутунопроизводители сакаа да склучат договор со откупувачите, по претпоставка велиме ако сака од 100.000 корења или 150.000 корења, откупните прретпријатија склучуваа договор и не му го даваа договорот во истиот момент за да се види за колкава количина на тутун веќе му е изготвен договорот. Ова што велиме дека сега е вишок на тутун, јас не се согласувам дека тоа е вишок на тутун. Туку грешката на откупувачите и грешката на Министерството за земјоделство ја трпиме ние денес како тутунопроизводители. Што значи ако ние како тутунопроизводители сме биле благовремено известени дека треба да имаме производство од 23 милионии килограми можеби ќе се прилагодевме на таа ситуација. Сега викаме дека имаме од 1 милион до 1,3 милиони килограми вишок на тутун, тој вишок на тутун, ако биле навремено склучени договорите или претходната година, тогаш немаше да имаме вишок тутун. Значи не треба да разговараме за вишок на тутун, туку треба да разговараме за грешката во договорите, грешката во овој случај мораме да кажеме дека се најдува кај самите откупни компании и во Министерството за земјоделство. Со оглед на тоа мислам дека сите тутунопроизводители, таа ситуација ја знаат дека не е грешката кај самите тутунопроизводители. Апелирам до откупувачите и до Министерството за земјоделие под итно да најдат решение овој проблем да се надмине и да не го кажуваме дека е вишок на тутун туку е грешка во постигнувањето на договорите.

Имаше неколку пати средби, откупувачите ветија дека ќе биде откупен овој вишок на тутун, но еве тоа не се реализира, зошто?

 Компаниите можеби имале зацртано дека треба да се намали производството на суров тутун, но компаниите не ги известија навреме тутунопроизводителите да кажат дека ако на пример вие сте произведувале до денес 2 тона, ова година треба да произведеш 1,5 тони. Тоа значи компаниите сега сакаат по нереална основа да се извадат од ова што веќе тие направија грешка, но ние како Асоцијација, еве јас како претседател, ќе го повикам Сојузот на земјоделски здруженија, кој мислам дека доста беше активен и сакаше да го реши проблемот. Нормално и штрајкувачкиот одбор сакаше да го реши овој случај со вишокот на тутун, но еве не се успеа. Во четврток има закажано протест од страна на оние тутунопроизводители кои го немаат предадено тутунот, меѓутоа јас ќе се обидам до четврток заедно со Сојузот на земјоделски здруженија, заедно со штрајкувачкииот одбор да издејствуваме средба во Министертсвото за земјоделство со министерот и откупувачите и ако треба и со Владата. Прво мора да си ја разберат грешката и штом е тоа нивна грешка, тогаш многу полесно треба да прифатат да го откупат останатиот тутун.

 

 

Aко до четврток не се најде решение како Асоцијација ќе гии поддржиме протестите

 

 

Ако не се најде решение дали како асоцијација ќе ги поддржите протестите?

Па, во овој случај нормално ако не се најде решение ќе ги поддржиме, затоа што не се гледа вината кај тутунопроизводителите.

Имаше најава од министерот дека се преговара со одредена турска компанија која што би го откупила на еден начин, или дел од овој вишок на тутун?

Значи министерот во Прилеп кажа дека преговара со турска компанија, конкретно преговара за овој тутун кој не е дооткупен од страна на откупувачите и мислам дека тоа прашање ќе го реши во интерес на тутунопроизводителите. Тоа значи дека ќе најде решение, за четврток штрајковите кои се закажани ние немаме цел да бидеме од една или од друга страна. Нашата цел како земјоделци, како Асоцијација ќе ни биде да се обединиме сите гранки во земјоделието, во случајот во некоја поголема Асоцијација, со која што ќе најдуваме решенија и ќе предлагаме на самото Министерство за земјоделие како да се надминуваат сите проблеми кои се наталожени.

 

 

Се надевам дека овој тренд на поделби кај земјоделците ќе престане

 

 

Оценката на сите тутунопроизводители е дека ова е катастрофална година за нив. Оваа година исто така помина бурно, се создадоа повеќе здруженија помеѓу тутунопроизводителите, имаше голем број и напаѓања помеѓу себе. Некако се поделивте како сектор, така да и Сојузот на земјоделски здруженија кој во овој момент е легитимен претставник на тутунопроизводителите и нивните барања, беше напаѓан од страна на другите здруженија дека не ги застапувал како што треба нивните права и нивните барања. Зошто се поделивте и не настапувате заеднички и дали тоа е можеби таа причина што не се изборивте да добиете повисока цена и да се откупи овој вишок на тутун?

Колку повеќе ќе бидеме разединети како здруженија, како производители на земјоделски производи, толку повеќе ќе имаат интерес  откупувачите за нашите производи. Во овој случај, се надевам дека тој тренд на разединување ќе запре, ќе се обединиме сите како една Асоцијација со која што ќе им покажеме и на Министерството за земјоделие и на откупувачите, без разлика дали се однесува на тутун или други земјодеслки и сточарски производи, дека сепак тоа единство ќе почне да функционира кај нас земјоделците и сточарите.

Дали ќе имате некаква средба со откупувачите, затоа што следува новата реколта и треба да се потпишуваат новите договори. Како член на Сојузот на земјоделски здруженија повикавте тутунопроизводителите да не ги потпишуваат договорите се додека не склучите вие нов договор со откупувачите, не се смени правилникот и не се откупи вишокот на тутун?

Се она што е кажано е реално и исправно. Како тутунопроизводител апелирам да не склучуваат договори се додека не завршат нашите преговори кои се во тек. Тоа значи ако за неколку денови завршат тие преговори, јас верувам дека успешно ќе завршат, конечно ние наредната реколта нема да бидеме оценувани. Или па обратно, ако бидеме со намалено производство како што кажа министерот за земјоделие, тогаш ние ќе знаеме од денеска дека таа ситуација е така. Тогаш, што е многу тешко, секој тутунопроизводител кој работел цел живот тутун, многу тешко може да се преобрати. Но таа преобразба во друго производство треба да одговори министерството за земјоделие, затоа што со секое ново производство тука се новите проблеми, недоволно познати за производителот, за да може да се прифати, треба стимулацијата да дојде малку на повисоко ниво, за секој нов производ кој треба да следува на местото на тутунопроизводство.

 

 

Што точно ќе побарате од откупувачите и што барате?

 

Сега најбитно е да го откупат тутунот кој тие го згрешија, ние не произведовме вишок на тутун, ние произведовме толку тутун колку што и претходната година произведовме. Значи грешката да си ја исправат самите откупувачи, па понатаму нашите барања се веќе доставени до нив, ќе разговараме после тоа.

 

 

Министерот бара 21 милион килограми, но го прашувам да каже што ако се произведат 28 милиони, што со тој тутун?

 

 

Дали се согласувате со оној став на министерот да има подобра цена во иднина тутунот, треба да се произведуваат околу 21 милион килограми тутун во Македонија, а во овој момент произведуваме повеќе?

 

Министерот кажа дека 21 милион килограми се доволни за да има добра цена, меѓутоа од овде министерот го прашувам што до 28 милиони килограми, што со тутунот кој го произведуваме и со која субвенција ќе бидеме обештетени како нова гранка за замена на тутунопроизводството?

 

 

 

Ќе предложиме таа стимулација за увоз на мали прасиња да се укине

 

 

Да се надеваме дека за брзо време ќе ги решите овие проблеми. Кои ќе бидат вашите следни чекори како прв претседател на Асоцијацијата на земјоделци?

Ние имаме доста тука гранки и подгранки во земјоделието кои се задоволни од она што е моменталната ситуација, некои пак не се задоволни. Се она што мислиме дека е реално, дека треба да интервенираме во Министерството за земјоделие, во Владата на РСМ ние ќе интервенираме. Конкретно до претходната година свињарството беше на една позитива во РСМ, меѓутоа сега имаме доволен број на свиње во кои има стимулација, по 1.000 денари за товеник за да се однеси во кланица и сите оние што внесуваат прасиња и тие добиваат по 1.000 денари за увезено прасе. Со оглед дека ние имаме доволно килограми на свежо, наше домашно месо ќе предложиме таа стимулација за увоз на мали прасиња да се укине. Мислам дека нашата држава и нашите фармери можат да произведат прасиња, тие прасиња да можат да се распределат кај некој што сака да ги купи и таа стимулација да остане тука, на тој производител кој треба да ги произведи тие прасиња. Или обратно, да добие стимулација оној што сака да ги купи, но од наше производство.

За крај каква е состојбата со другите гранки, или се уште правите скенирање?

Конкретно во однос на фармерството, во производството на млеко мислам дека имаме нереална откупна цена на млекото, мислам дека тука и самото Министерство не да кажам дека е незаинтересирано, но има пропусти. Затоа што имаме многу ниска откупна цена, а како финален производ, сирење и други производи се со многу повисоки цени. Тоа значи дека реално цената на суровото млеко треба да оди многу повисоко отколку што е денес.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи