ВИДЕО – За народните обичаи за Василица во прилепско и колку од нив се косат со црковните обичаи


По трет пат оваа година во Прилеп на платото под Градскиот саат каде во моментот се наоѓаме се одржа манифестацијата насловена како „На Василица во Прилеп“, каде што за сите присутни граѓани беа поделени над 500 буреци, но само во еден од нив имаше ставено паричка, а годинава нејзиниот среќен пронаоѓач беше прилепчанецот Љубчо Трајкоски кој на сите прилепчани и сите Македонци им посака здравје, љубов и среќа во Новата 2024 година, но си посака и една лична желба, односно оваа година да биде вработен, затоа што во моментот тој бил невработен.

Оваа традиција е нововостановена во Прилеп, ја имаме само 3 години, но сепак традицијата за одбележување на овој ден, односно на празникот Василица во Прилеп со вртење на паричка и нејзнино поставување во пита, бурек, или мазник е стара со векови. Така да на утрешниот ден, за празникот Св. Василиј Велики, големиот христијански светител, односно Стара Нова година по стариот календар како што ја нарекуваме ние христијаните, нема семејство во Прилеп кое што не го прави овој обичај.

За тоа кои се обичаите, адетите и што се случува во Прилеп токму за овие денови ќе поразговараме со мојот соговорник, господинот магистар Горан Василески, етнолог од Институтот за старословенска култура.

Господине Василески, како што кажавме паричката во Прилеп се става токму на овој ден, за празникот Василица. Можеби овој празник најкарактеристично се одблежува тука во Прилеп, додека во поголемиот дел од градовите и местата во Македонија паричката се става во пита, леб или некаква погача за Бадник и секогаш ја имаме онаа вечна дилема, дали за Бадник или за Василица?

Василески: Прилеп можам да кажам дека е еден пограничен град каде се дели границата, на запад од Прилеп се става за Василица, додека на исток се става за Бадник. Сепак е тоа народна, семејна традиција која се негува со генерации и генерации, едноставно во секое семејство секој има посебни адети кои си ги негува со генерации и едноставно останува да си ја продолжат таа традиција. Во Прилеп тука кај нас и во околината на Прилеп е карактеристично токму за Василица. Покрај она традиционално вртење на паричката, можам обичаите за Василица да ги поделам како семејни и колективни обичаи. Интересно е што во околината на Прилеп, не во градот, како во Прилеп што се палат огнови за Коледе, така во поголем дел од прилепските села се палат огнови за Василица. Покрај то се организираат и традиционални обредни поворки, Василичари, или во јужните села кон Битолско поле познати како Бабари. Овие поворки се составени најчесто од повозрасни мажи кои се собираат најпрво покрај василичарските огнови и се составуваат обредни улоги на зет, невеста, баба, дедо, гатач и одат од куќа во куќа каде се изведуваат претежно еротски елементи, бидејќи овој празник спаѓа во некрстени денови, односно деновите од Божик до Водици и дозволени се секакви безобразни разговори, песни. Одат од куќа до куќа каде домаќините ги даруваат со колбаси, сушено месо, сланина, посебни лепчиња како гевречиња, се прават интересни еротски акти пред домаќините и има доста смеа. Дури и шетале од село на село, има интересен случај во селото Свето Митрани, постојат таканаречени бабарски гробишта каде бабарските групи од Крушеани и од Воѓани се сретнале во атарот на селото Свето Митрани и се чувствувало едно ривалство меѓу двете групи, каде мора едната група да победи. Како непишан закон е дека тие загинати бабари, василичари мора да се закопаат на тоа место, тоа е спомен во селото Свето Митрани на овие традиционални поворки кои со текот на годините се повеќе се губат, или се трансформираат на помладата генерација, млади дечиња се маскираат слично на коледарчиња. Исто така во северните  села од прилепско поле место василичари оделе коледарчиња, како за Бадник кај нас во градот Прилеп, но различни се даровите, за Бадник се даваат нели костенчиња, оревчиња, посно, додека за Василица лепчиња, колбавчиња, сланини, џимиринки и слично. Тука се и семејните традиции, во Прилеп е карактеристично одењето на зетовите на бабалук кај родителите на невестата, кај дедото и бабата кои традиционално ги повикувале зетовите на домашни колбаси. Тоа е еден карактеристичен обичај за градот Прилеп. Потоа секако вртењето на паричката од она традиционално вртење само во семејството, веќе со текот на годините преминува во една друштвена традиција, каде во секое друштво, работна организација, претпријатие, се собираат и вртат мазник.

Токму така, во овие денови можеме да кажеме дека токму бурекџиите во Прилеп тријат раце, затоа што како што кажавте нема дуќанче, продавница, фабрика, каде пријателите, познаниците, друштвата, особено вечер се собираат, пред да се собере фамилијата во текот на утрешниот ден и го одбележуваат овој ден со вртење на паричката?

Василески: Традиционално се прави вртен или реден мазник, но тој е најсличен до бурекот. Како што спомнавме претпријатија, здруженија се собират и неможноста да направат домашен мазник најчесто се трансформира со бурекот, така да како што напоменавте бурекот овие денови е доста купуван.

Слободно можеме да кажеме дека илјадници буреци се продаваат во Прилеп и дека овие денови е најпродаваниот производ во цела Македонија. Она што сакав да ве прашам, спомнавте дека голем број на обичаи кои во селата се практикуваат, кои можеби потекнуваат пред христијанскиот период, односно времето на паганските обичаи, кои на некој начин не се одобрени од црквата. Колку овие обичаи и народни традиции се косат со верувањата и она што го проповеда црквата?

Василески: Овие се обичаи кои се врзуваат во народната традиција, односно традицијата на населението која ја наследувале од генерација на генерација, која доста се коси со црковните обичаи. Дел од тие обичаи, како што се нарекуваат пагански обичаи, се фузирале со црковните обичаи, како вртењето на паричката кој се смета исто така за претхристијански обичај. Се фузирал токму за празникот Василица со светецот Свети Василиј, во другите региони се поврзува со Бадник, со бадниковите поворки. Но сепак дел од овие традиции кои се практикуваат се косат со црковните традиции, но народот останал да ги практикува. Ние етнолозите ги поддржуваме и ни е тема на истражување токму оваа народна традиција, која веќе е архаична и со текот на годините се губи, но е доста интересна како богата тема за истражување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи