„Секогаш и секаде први“ – 30 години постоење на единицата „Волци“

Во касарната „Илинден“ – Скопје денеска се одржа воена свеченост по повод одбележување на Денот на првата специјална единицата и 30 години од формирањето на Баталјонот на специјални сили (бСС).

Баталјонот го прославува 1 март, како датум во спомен на денот кога 1994 година е формирана првата специјална единица во Армијата, препознатлива како „Волци“, која воедно е и првата професионална единица.

Првиот командант на Баталјонот, пензионираниот генерал потполковник Мирослав Стојановски, на кого му беше врачена плакета за неговиот придонес во формирањето на Баталјонот, ги повика припадниците на оваа единица да ги чуваат и негуваат армиските вредости – лојалноста, почитта, несебичното служење, честа, интегритетот и храброста.

Стојановски потсети дека идејата за формирање на оваа единица на Армијата потекнува од октомври 1993 година кога на неформална средба на тогашниот воен врв, раководството на воената безбедносна служба првпат сериозно разговарала за претходно подготвен предлог којшто се однесувал на потребата да се формира професионална единица за специјални намени.

„Не беше секогаш лесно, без отпори и скептицизам заради поранешни искуства стекнати во службата, во поинаков општествено-политички систем, во Армија во која покрај многу други карактеристики масовноста во мирновремени услови ја обезбедуваше преку задолжително служење на воениот рок. Немаше многу разбирање за концептот на професионализација. Со почетокот на формирањето на Шестиот одред практично отпочна процесот на професионализација на македонската Армија. Имавме визија и големи очекувања, но во тој момент не знаевме каде ќе биде и каков ќе биде исходот. Тоа беше проект со многу непознаници. После толку години се испостави дека очекувањата биле реални, а резултатот очигледен – Единица која претставува гордост на нашата Армија и држава“, рече Стојановски.

Според началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, целите и очекувањата за формирањето на овој Баталјон се целосно реализирани.

„Единицата беше формирана во исклучително тежок период, но и комплициран временски период кога во регионот беснееја војни и кога дел од нашите соседи ја оспоруваа нашата самостојност и посебноста на македонскиот народ и јазик. Тука сме и денес, после 30 години, како формација на Армијата и сила на Македонија, симболично 30-та членка на НАТО“, рече Ѓурчиновски.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање оцени дека во изминатите 30 години Баталјонот за специјални сили се транформирал и адаптирал на современите предизвици и дека е првата армиска единица, која по членството во НАТО, успешно го има завршено процесот на оценување на борбената готовност и ги исполнила строгите НАТО стандарди.

„Секогаш и секаде први е она што најдобро ги опишува припадниците на Баталјонот за специјални цели. Секогаш без да прашате „зошто“, секаде без да опонирате „а зошто таму“. Први, подготвени, обучени, но и решени да ја добиете секоја битка. Но, јас би додала и три децении непоколебливост, посветеност, храброст, одлучност и несебична жртва во одбрана на татковината“, рече Петровска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи