
Според најновите податоци на Центарот за управување со кризи (ЦУК), денеска до 13:00 часот во Македонија се регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, пет се ставени под контрола, а четири се целосно изгаснати.
Најопасна е ситуацијата кај селото Нивичино, кое се протега низ територијата на општините Василево, Радовиш и Берово. Пожарот таму зафатил делови од планините Голем Готен и Малешевските планини, каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и сува вегетација.
Во Прилеп, огнот избувнал кај селото Бешиште, на локацијата позната како Бешишки Рид, и се проширил кон селото Градешница во Новаци, како и до границата со Грција, зафаќајќи мешана шума. Иако дел од пожарот е под контрола, неколку крака сè уште се активни.
Огнени јазици се шират и во регионот помеѓу Прилеп и Кавадарци, каде пожарот беснее на релацијата Царевиќ – Смолани – Радобил – Дрен (општина Прилеп), како и во близина на селата Галиште и Трстеник (општина Кавадарци). Се гори мешана шума и ниска вегетација, а теренот е тежок за гаснење.
Уште еден активен пожар е регистриран кај Крушево, каде што градската депонија во атарот на месноста Струнга се запалила, зафаќајќи ѓубре, сува трева и нискостеблеста шума.
Во меѓувреме, пет пожари се ставени под контрола.