Џенан Лончаревиќ, Милица Павловиќ и Јелена Розга ќе бидат главните музички ѕвезди на 23-от по ред Пиво Фестивал кој ќе се одржи во Прилеп на 17, 18 и 19 јули, односно првиот викенд по завршувањето на Петровденските пости. Фестивалот се организира со поддршка на Општина Прилеп, а во организација на здружението „Вајб Евентс“. Забавата на главната бина во трите дена ќе започнува во 19 часот, а ќе завршува во 1 часот по полноќ. После тоа публиката ќе има можност да се забавува со музиката на повеќе ДЈ на Камената бина во центарот на градот.
„Низ призма на овој настан ние сериозно работиме да ја поправиме економската состојба во градот, да донесеме што е можно повеќе туристи за да овој град се врати повторно на местото каде беше во минатите години, а добро знаете дека овој настан предизвикуваше сериозен интерес во македонската, но и во балканската јавност“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
„Ќе има 6 пиварници од земјава и странство, над 20 видови пиво, а во тек се преговори со останати претставници и пиварници, како и други угостители кои ќе учествуваат со свои штандови на кои ќе се понуди традиционална вкусна прилепска скара и разни видови на пиво“, додаде Илија Волчески, водител на Фестивалот.
Општината годинава за Фестивалот одделила 2 милиони денари, пари од граѓаните. За кои се очекува неколку кратно да бидат вратени назад во прилепскиот бизнис сектор преку зголемена посета на туристите и зголемена продажба на стоки и услуги.
„Пари од граѓаните со кои сметаме дека покрај забавата која ќе биде понудена на јавната површина, односно на градскиот плоштад, дека дополнително ќе им помогнеме на стопанствениците, особено оние во старата прилепска чаршија, а и на целото стопанство во градот да се раздвижи малку. Период е кога сите наши иселеници се генерално тука, користат годишни одмори, период е кога сите наши сограѓани се на некој начин на годишен одмор и се слободни“, потенцираше градоначалникот Проданоски.
Исто така Општината била во преговори со УЈП и Агенцијата за храна и ветеринарство сите штандови да ги исполнуваат потребните законски услуги за да не доаѓа до проблеми од овој тип за време на трите фестивалски денови.