Во Прилеп, во организација на Центарот за култура Марко Цепенков по втор пат се одржа тро дневната работилница „Мозаикот денес“. Младите уметнички таленти повторно твореа во една ретка техника која се употреба кај нас за создавање на уметнички дела.
„По успешното минатогодишно издание, годинава повторно ги собираме младите таленти заедно да учат, работат, создаваат и да ја откриваат убавината на мозаичната уметност. Нашата цел е да ја поттикнеме нивната мотивација, нивната креација и да им овозможиме нивните идеи да ги преточат во уметнички дела“, истакна Марија Попова Јованоска, директор на Центар за култура „Марко Цепенков“ Прилеп.
Ментор на овој проект е м-р Александра Димитрова, а координатор на проектот уметникот Марјан Стојаноски. Мозаикот е една од најстарите техники за создавање на уметнички дела.
„Целта на оваа работилница која веќе по втор пат е препознаена од Министерството за култура и туризам, е да се развие креативноста преку создавање уметничко дело, односно слика со спојување, односно со градење на мали парчиња. Во овој случај одбравме мозаик кој е изработен од керамички глазирани плочки кои се комбинација со стакло, каде учениците по сопствен избор одбраа теми и изработија прекрасни мозаици“, изјави м-р Александра Димитрова, ментор во проектот.
Мозаикот е техника каде освен талентот за создавање на уметничко дело потребно е и поголема размислување за тоа како да се скршат малите парченца од различен материјал и истите да се надополнат едно со друго создавајќи и претставувајќи одредена слика.
„Секоја техника си има тежина, но овде малку е потребно и дополнителен напор. Станува збор за техника на составување, а во исто време и размислување како да се вклопат тие коцки, значи како од мали парчиња да се создаде слика и убавината е токму во тоа, во размислувањето, во креативноста, во иновативноста, да размислуваат каде кое камче, бидејќи создавањето на самиот мозаик е приказна на камчињата, значи преку комбинирање да создадат една слика“, додаде Додаде Димитрова.
Оваа техника е ретка кај нас, уметниците се занимаат повеќе со други техники. Но овие млади со радост и голема желба ја прифатија и започнаа да творат со неа како да тоа го правеле цел живот, а не само 3 дена.
„Мене ми е прв пат да работам во оваа работилница за мозаици и мене ми е прв пат да работам мозаик и баш прекрасно ми оди. Јас ја правам ѕвездената ноќ од Винсент Ван Гог, која ме инспирира и ми е најомилена негова слика. Почнав да ја правам со различни сини камчиња и со неколку црни камчиња. Како за прв пат овој процес баш лесно ми оди и баш ми е мило што сум пријавен на оваа работилница.
Дали претходно се имаш занимавано со други ликовни техники?
Да, имам работено и во други работилници, пример за икони за Св. Климент и за Св. Кирил и Методиј, а исто така имам работено со различни техники како графи, акрил и акварел.
Кога ќе ги споредиш со мозаикот?
Искрено мозаикот е поинтересен према другите техники, но повеќе другите техники ги користам во секојдневниот живот, во цртањето“, вели Лазар Ѓуриќ, посетител на тро дневната работилница „Мозаикот денес“.
Во иднина се планираа одржување на вакви работилници и во други градови на Македонија, како и правење на изложба со создадените дела.