ВИДЕО- Без Конески не би ја имало Македонија ваква кава што е – тој е стожерот на нашата државност

Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Се наоѓаме во селото Небрегово, во родната куќа на нашиот великан, кодификаторот на современиот македонски јазик, Блаже Конески. Овој спомен дом што го гледате позади мене, неговата родна куќа, е реконструирана комплетно и пуштена во употреба на 1 август 2005 година. Оттогаш па сѐ до денес илјадници посетители од Македонија и од странство ја посетиле ова куќа. Голем број на професори и студенти, македонисти, слависти од целиот свет доаѓаат тука и одржуваат различни настани и манифестации.

 

Од 2005 година оваа куќа е во владение и управување на Заводот и музеј Прилеп. Многу повеќе за неа, за тоа што сѐ наоѓа во Спомен домот и за нејзината историја и значење ќе ни раскаже Горан Цветкоски, етнолог во Заводот и музеј Прилеп. Ајде да погледнеме што сѐ има во овој значаен објект за нашата држава.

Блаже Конески живеел тука до своја седумгодишна возраст, односно до завршувањето на првото одделение во основното училиште во селото Небрегово, после тоа се селат со семејството во Прилеп. Куќата го задржува автентичниот изглед и распоредот на просториите како што биле во минатото.

„Ова е првата просторија, односно ходникот на долниот спрат од овој Спомен дом, тука пред сѐ можеме да ја забележиме бистата на Конески која што нѐ пречекува, а имаме и голем број на фотографии од минатото. А она што паѓа во очи е оваа фотографија за тоа како изгледала куќата пред 2005 година, пред да биде пуштена во употреба.

Вака изгледала куќата пред 2005 година, со грижа на Владата на Република Македонија и Завод и музеј Прилеп на 1 август 2005 година возобновена во овој габарит кој сега го имаме и е пуштена во употреба за посетителите. Овде ги гледаме 3 простории, од кои едниот е ходник во кој се прикажани предмети од нивниот живот кои ги користеле, прикажана е куќната слава Св. Никола, низ слики е прикажано неговото семејство, мајка, татко, баба, сестри, но и учениците со кои учел во прво одделение во ова село“, вели етнологот Горан Цветкоски.

Блаже Конески учел во селото Небрегово до прво одделение?

„Блаже Конески учел во селото Небрегово до прво одделение, до 1928 година. Потоа неговиот татко со целото семејство заминува во Прилеп и во Прилеп го завршува основното образование. Со завршување на основното образование заминува во Крагуевац каде завршува гимназија, а по завршувањето на гимназијата оди во Белград и се запишува на медицински факултет. Незавршувајќи го ни првиот семестар, по иницијатива на многу македонски интелектуалци во Белград, се откажува од медицинскиот факултет и се запушува на филолошки факултет. Желбата за јазикот, изучување на македонскиот јазик била поголема од сите други негови афинитети. Негов идеен творец во сето негово дело е познатиот и најголемиот македонски преродбеник Крсте Петков Мисирков“, додаде Цветкоски.

 На првиот спрат од куќата посетителите може да погледнат како изгледала една кујна или соба каде што се подготвувала храната и истата се конзумирала.

 „Автентична македонска селска соба во која прикажани се предметите за храна, предмети во кои се приготвувала храната, предмети во кои се чувале течностите и огниште на кое се подготвувала храната. Овие се предмети, или експонати каде се чувала храната, житото, виното, ракијата, водата итн., за да го доловиме начинот на кој семејството Конески живеело и просперирало во овој дом.

Другата просторија што била?

Другата просторија е една остава, во која семејството работело. Имаме 2 мелници, една рачна мелница за пченка и внатре има една друга мелница за жито. Семејството Конески е едно од побогатите семејства од ова село, на влезот од куќата имало фурна во која печеле леб дел од селаните и еве може да видите една штица на која го носеле лебот размесен на овој тарун и со оваа фурнаџиска лопата се носел лебот. Овие се наречени ноќви, го чувале брашното за разносување на сите месени производи.

Овие се тие елементи?

Да, тоа е тарун, а тоа е фурнаџиска лопата со која го ставале и ваделе лебот во фурната“, истакна Цветкоски.

Втората просторија е онаа соба за дневен престој и одмор.

„Другата просторија на првиот спрат е соба за дневен престој во кој дел од семејството Конески го поминувало дневниот одмор, доаѓајќи од полето, од носењето на стоката итн., може да видете како овој дневен простор е осмислен со пампур, столчиња, автентична колевка во која децата ги одгледувала баба му, мајка му и татко му. И еден отоман, тогаш најраспространет мебел, на кој седеле цело семејство собрани. Овде се “плетеле“ разни приказни од животот, за животни, за разни други настани, се пееле песни и оттогаш Блаже Конески е почнат со своите иницијативи и инспирации кои ги добивал од ова место, од ова село.

Рековте дека се едни од побогатите семејства тука во селото Небрегово, дали се знаат корените на Блаже Конески, од каде потекнуваат, од каде дошле неговите тука, токму во Небрегово?

Јас како задолжено лице тука во овој дом имав прилика да разговарам со негови потомци, нивните корени потекнуваат од Реканскиот крај, имале неколку конаци во тој дел, но 17-18 век биле напаѓи од Арнаутите, палени долго време и тие бегаат од тие села и еве патот ги донесол во ова село, мирен дел на Пелагонија, каде го продолжиле својот живот“, кажа Цветкоски.

На вториот спрат е инспиративниот чардак од каде се има прекрасен поглед на Пелагонија како и две простории, од кои едната е комплетнио пренесена од неговата куќа од Скопје.

„Се наоѓаме на вториот спрат од овој Спомен дом, во кој сместена е една касела и дел од диплите, но големината на овој дом ја дава овој чардак од каде се изѕира еден преубав поглед кон северозападниот дел на Пелагонија.

Може да излеземе?

Може. Еве го тој за мене чудесен поглед према овој дел на Пелагонија, отворен кон сите. Јас секогаш повторувам дека од овој чардак и од овие прозори од другата просторија Блаже Конески ги црпел сите свои мисли, сите свои идеи за да ги пишува своите прози, поезии и есеи, но најголема помош била неговата баба Дунавка со која заедно работеле на разбојот, ткаеле и тој секогаш бил застанат на прозорот. Откако се преселил во Скопје ретко идел во Прилеп, но секогаш идел со воз, а тука е и неговиот куфер.

Доаѓал ли често тука во селото Небрегово?

Имам разни информации од неговите потомци, некои велат дека идел поретко, некои велат дека идел почесто и ја црпел својата инспирација. Песната „Стерна“, „Црква“, сите се напишани за овој крај од Пелагонија, но секој извор на податоци е различен. Тоа што знаеме е дека бил премногу скромен и се однесувал така постојано, бил премногу добар“, истакна Цветкоски.

„Еве ја другата просторија од вториот кат, како што спомнав со разбојот, ова е оргинален разбој на кој неговата баба Дунавка ткаела. Може да ги видите, не знам дали се оригиналните дипли, но моите колеги од Завод и музеј кога ја отворале куќата во 2005 година се потрудиле да изгледа колку што е можно поавтентично. Еве ги тие 2 прозорци, заедно со чардакот каде седел и творел. Концепцијата на овој Спомен дом е така направена да долу се кажува тој традиционален начин на живот, а горе работата за своите потреби и во другата соба ќе видите како е целосно пренесена автентично комплетата соба од Скопје.

Еве сега од тој етнолошки дел преминуваме во тој писателски дел, или творечки дел, соба во која автентично е донесена неговата работна просторија, работното биро, машината за куцање, мастилницата која е подарок од некој голем човек во тоа време, креветот и еве го тој карактеристичен и толку слушан куфер со кој слегувал на Слепче или Браилово и така идел овде. Разговорот со селаните и со мештаните му бил секогаш на прво место, добрината ја црпел токму од кај нив. Витрините се со дела за и од Блаже Конески, неговиот животен пат, некој што ја имал видено собата на Водно потврдил дека тоа се тие витрини, кои само ги заклучувал за никој да не може да чепка и само тој да има пристап и да земи книга која му е потребна.

Оваа слика доловува како навистина Блаже да е тука, нѐ гледа и внимава на сето тоа што го снимаме во овој момент.

Блаже секогаш нѐ гледа, ова е фото снимка подарок од Универзитетска библиотека „Климент Охридски“ од Скопје, во неговата автентична големина, каде што држи предавање на некој од факултетите. А долу во другата просторија имаме уште поавтентична слика, во неговата природна големина каде држи говор на говорница. Тоа се слики пронајдени од библиотеката во Скопје и се подарок за овој Спомен дом и буквално овие слики го доловуваат тој начин на неговото живеење, што рековте како да нѐ гледа и сака секогаш да се вклучи во разговор. 

Што би ни кажал во овој момент Блаже, во ваков став што гледа кон нас?

Јас мислам дека единствено што би ни кажал е тоа што го пишувал секаде, „Послушајте Македонци, чувајте го македонскиот јазик затоа што може да ни го земат, нашата татковина е голема“. Другата синтагма е „Чувајте го зборот како добро врзан коњ, затоа што секоја луда глава може да го јава“, вели Цветкоски.

Во долниот дел се наоѓа и главната просторија на овој Спомен дом каде се одржуваат сите настани и манифестации, соба која што зборува за големината, ликот и делото на Блаже Конески.

Во овој дел ќе напоменеме дека главен иницијатор за возобновување на овој Спомен дом е прилепчанецот Миле Спирковски, со потекло од Небрегово кој голем дел од својот живот посветува на овој музеј, а откако истиот е изграден станува кустос во него. Денес Спирковски е во пензија, но од преголема љубов кон Конески и неговото дело во својот дом тој има направено посебно катче посветено на овој наш великан. Ова што го прави Спирковски е навистина реткост и е чин достоен за вистинска почит.

Со големи и длабоки емоции ни раскажа како Конески успеал да ги надмине сите проблеми кои му стоеле на патот за да го кодифицира современиот македонски јазик и да ја состави нашата азбука и правопис.

„Она што го видов што го направил Конески за кодификацијата на неполни 23 години, не само што тој е научник без преседан, ја преработил целата традиција од Кирил и Методиј па се до Мисирков, туку тој нѐ знаел што е тоа страв. Сега ќе го докажам тоа и би требало да се срушат сите шпекулации околу нашиот јазик за декрет од Белград, не знам Тито, Сталин итн. Првата комисија ја формира президиумот на АСНОМ, познати филолози со богато наставничко искуство, Македонци, но тука учествува и еден лут непријател на Конески, а тоа е Ѓорѓи Киселинов.

Треба да се каже вистината автентично, онака како што стои во сите документи кои ми ги даде Архивот на Македонија и Архивот на МАНУ, према кои во воведното излагање Киселинов рекол дека тие не можат да расправаат за таа работа. Конески се изнервирал, но без приговор. Кога дошло ред да се гласа во Комисијата за кодификација која работела под исклучително голем политички притисок и постојано ги менувала своите мислења, еднаш да дојдат руски филолози, два пати да не дојдат, а Македонија дала дел од своите суверени права на Федерацијата и било доста ризично.

Третиот ден дошол висок функционер од президиумот на АСНОМ кој поради застојот во работата предложил да дојдат руските филолози. Конески нервозно и храбро станал, ги собрал документите и истакнал дека нема да постапиме на начин кој ќе ги задоволи нашите северни и источни соседи и демонстративно ја напуштил Комисијата. Веднаш бил повикан од двајцата највлијателни членови од президиумот на АСНОМ, Ченто и Брашнаров на кои им објаснил дека не сака да седи во истиот ред со луѓе како Киселинов, кој во скопскиот бугарски весник со наслов „Целокупна Бугарарија“ објавил статија за бугарскиот карактер на македонските говори.

И како второ истакнал дека доколку дојдат руските филолози нема да има ништо од македонскиот јазик, или ќе се србизира, или ќе се бугаризира. Кога го слушнале тоа, му понудиле него да ја заврши кодификацијата, кој рекол дека тоа ќе се направи со почитување на националната традиција и сѐ што е напишано во 19 и 20 век.

Со тоа ја растураат првата Комисија, назначиле втора на чие чело е Конески, кој ја составува азбуката и на 5 мај Народната влада на Федерална Македонија донесува решение со кое се усвојува. На 7 јули тогашниот министер за народна просвета, другарот Никола Милчин донесува решение и го усвојува првиот македонски правопис кој Конески го напишал над 95%, а останатите 5% Крум Тошев. Народната влада на Федерална Македонија го усвојува и правописот.

Веднаш следувале жестоки напади, азбуката и правописот се нападнати, а Конески ги брани со книгата „Македонски јазик и македонска литература“. “Будното око“ на Белград веднаш ги повикале тројцата членови на Комисијата која ја направила кодификацијата, Блаже Конески, Веселинка Малинска и Венко Маркоски и ги испрашувале, а Конески научно објаснил околу буквите и говорот. Кога требало да се избери народниот говор кој требало да послужи како основа за македонскиот литературен јазик, Конески ги зема централните дијалекти од Кичево, Богомила, Велес, Прилеп и Битола и на овој начин ставил крај на стихијата во развитокот на македонскиот јазик, односно задал решителен чекор кон унифицирањето на македонскиот јазик и на тој начин кодификацијата ја направил природно и трајно“, изјави Миле Спирковски, иницијатор за изградбата на Спомен куќата.

Според Спирковски без Конески денес би ја немало Македонија ваква кава што е.

„Без Конески не постои Македонија, тоа што направил, Конески ги покажа особеностите кои македонскиот јазик го разликуваат од соседните и другите словенски јазици. Македонскиот јазик на Конески никогаш не емитираше друг јазик и не се спротивстави на некој трет јазик. Во светот Конески го афирмираше македонскиот јазик како рамноправен општо признат и најмлад словенски јазик и тоа е неговата големина. Денес дома македонскиот јазик на Конески е јазик на администрацијата, културата и законот и што е најважно општонародно е прифатен. Убаво е кажано, јазикот е нашата најголема и најкомплетна татковина, а Конески е стожерот околу кој се врти македонската државност. Без Конески и без неговото творештво ништо немаше да има“, додаде Спирковски.

Токму поради сето ова Блаже Конески е прогласен за еден од најзначајните Македонци во 20 век. Во негова чест при осамостојувањето на Македонија дури е испечатена пробна банкнота со неговиот лик, која за жал не го виде светлото на денот. Но светлото кое го запали Конески трае до денес тоа ќе биде водилката за во иднина на нашата држава и народ.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас поддржано од Министерството за култура и туризам во програмата од Национален интерес во културата за 2025 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци