Над 50 барања за утврдување на штета поднесле земјоделците од општина Прилеп од големото невреме кое на 24 овој месец го погоди регионот на општините Прилеп и Долнени, кога беа погодено над 1.500 хектари засадени со тутун, пиперки, пченка и други култури. На делови земјоделското производство беше уништено и 100% Најголеми штети има кај тутунот каде се комплетно уништени средината на втора, и цела трета и четврта берба. Општина Прилеп веќе формира Комисија за утврдање на штетата која работи на терен.
„Овие штети се сериозни, како што кажав во фаза на развој, особено кај тутунот зафатени се оние берби кои за земјоделците значат најквалитетен род, со кој на крајот би постигнале највисока цена. Станува збор за дел од втора, трета и четврта берба, за нив тоа значи преполовено производство, а исто така и преполовен приход за годината“, изјави Николче Карапеевски, претседател на Комисија за утврдување на штети.
Секогаш при вакви непогоди се отвора прашањето зошто македонското земјоделско производство не се осигурува иако државата при тоа плаќа 60% од осигурителната полиса. Земјоделците се жалат дека осигурителнте компании не сакаат да им го осигураат родот или и да го направат тоа, сумата која ќе ја добијат и минимална. Од Сојузот на тутунски здруженија истакнаа дека ќе бараат осигурувањето на тутунот да биде како порано вклучено во самиот договор за откуп.
„Ова што се случи во овој дел на Прилеп, на Пелагонија, очекувањата се дека наместо 30 милиони ќе бидат околу 25-26 милиони род. Осигурителните компании на некој начин ги изигруваат самите земјоделци, но ние како Сојуз правиме напори и сакаме да го вратиме стариот начин на осигурување, односно при самото склучување на договорот да се склучи и полиса за осигурување. А тоа може многу лесно да го реши државата со осигурителните компании, затоа што ако сакаат да добијат лиценца за осигурување, треба 5% од површините под посеви да ги осигура, а ако не ги осигуруваат, нема да добијат лиценца“, додаде Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.
По извршената проценка Комисијата за проценка на штети изработува елаборат кој што го доставува до локалната самоуправа, каде Советот усвојува заклучок и го доставува до Владата.