ВИДЕО: Кои тајни ги крие Стибера, откриени се само 5% од градот кој броел 20.000 жители, во денешни бројки метропола од околу 300.000 граѓани

ТЕМЗА - нов дневен престој во Припеп - дружење, учење, забава – исто како децата да се дома
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци
Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
Во КРЕМОНА ШОПИНГ ЦЕНТАР сега и ѕидни панели, вештачка трева, декоративни дрвца, трпезариски маси и клуб маси, компјутерски бироа и столици

Античкиот град Стибера или како што уште некои ја нарекуваат македонската Помпеја. Според некои податоци кои што постојат, овој град постои некаде околу 500 до 600 години, од 3 до 4 век пред наша ера, па се некаде до 2-3 век од наша ера. Во неговиот најголем процут, односно во римскиот период, градот брои дури 20.000 жители, што во денешни бројки тоа би било еквивалент на една метропола  од 200 до 300.000 жители. Токму ова зборува за колкав значаен центар станува збор на ова место. Но, за жал, иако овој град е на ранг на градовите Хераклеја, Скупи, Стоби итн., сепак е откриен само 5%, 95% се наоѓаат закопани на овие ридови кои се наоѓаат позади мене. За тоа која е Стибера, кога е оформена и што ќе се случува понатаму со археолошките истражувања кои тука се одвиваат секоја година, ќе нѐ прошета низ овој град и ќе ни ја раскаже приказната за Стибера, археологот во „Завод и музеј Прилеп“, Душко Темелкоски.

Првите археолошки истражувања тука се забележани некаде во периодот помеѓу двете светски војни, а со нив раководи српскиот археолог Никола Вулиќ. Тој истражува на околу 20-тина метри од ова место каде се наоѓаме, а официјалните археолошки истражувања во Македонија за прв пат се направени во 1953 година од страна на „Археолошкиот музеј“ во Скопје, додека првата градба која е откриена тука на локалитетот Стибера е токму овој објект позади нас, а тоа е храмот посветен на богињата Тихе. Како што кажав, низ целата оваа приказна ќе нѐ води и ќе ни ја раскаже археологот Душко Темелкоски. Господине Темелкоски, ова е првото нешто, првиот објект што се открива на овој значаен и импозантен град Стибера, кој броел во тоа време 20.000 жители.

Темелкоски: Да, сепак ние зборуваме за перидот од времето на Римската империја кога броел околу 20.000 жители и оваа е една од тие неколку јавни градби откриени од тој период во Стибера, прва градба како што спомнавте. Јас истражуваат нашите колеги од 1953 од „Археолошкиот музеј“, затоа што прилепскиот музеј е формиран 2 години подоцна, во 1955 година, така да оние убави мермерни наоди на скулптури од видни граѓани, се наоѓаат денес изложени во „Археолошкиот музеј“ во Скопје и секој може да ги види, да ја посети изложбената сала каде што тие се изложени. Конкретно за оваа градба, за овој храм, ќе кажам дека речиси сите градови од тоа античко време имале храм посветен на богињата Тихе, таа е всушност универзална богиња заштитничка на градовите, како што во денешно време имаме прогласено светци да бидат патрони на градовите, така во тоа време богињата Тихе е таа единствена која била заштитничка на градовите.

Ајде да го погледнеме од блиску.

Темелкоски: Иако вака оваа градба делува едноставна, има четвртаста основа, сепак е многу значајна заради мермерните скулптури кои се тука најдени. Тие мермерни скулптури биле во овие ниши тука во ѕидовите, но и на овие постаменти тука што се.

Претпоставувам туак се наоѓала богињата Тихе?

Темелкоски: Да, тука се наоѓала скулптурата на богињата Тихе, која за жал не е пронајдена, но натписот кажува дека тоа е храмот посветен на неа, а на другите натписи ги пишува имињата на видни граѓани од една фамилија, фамилија ????? кои донирале парични средства за овој храм да биде подигнат. И она што спомнав на почетокот, тие бисти од таа фамилија се наоѓаат денес во „Археолошкиот музеј“ во Скопје.

Значи овој е главниот дел од храмот, а тука е местото од каде се влегувало?

Темелкоски: Да, тука е тремот од каде се влегувало и тука се вршеле тие процесии посветени на богинката Тихе.

Дали сметате дека во иднина тука има нешто што би можело понатаму да се истражува?

Темелкоски: Не, обично во археологијата кога се работи се фокусира на конкретната градба и додека таа целосно не се истражи до подното ниво, не се остава да не се доистражи. Значи сепак тоа е истражено, каде што стоиме ова е самиот под на храмот, така да нема што повеќе да се истражи.

Она што е интересно да се каже, е дека од нашата десна страна тука пред повеќе години „Заводот и музеј Прилеп“ го откри првото Собрание на некој антички градо во Македонија, наречено Булефтерионо, тоа е во овој момент затрупано за да се заштити од атмосферски влијанија, а од левата страна на овој храм се наоѓа Агората, која исто така за прв пат е откриена во Македонија во некој антички град.

Темелкоски: Во конкретниот случај, бидејќи имаме 3 јавни репрезентативни градби, храмот на богинката Тихе, Собранието од десна страна, официјалната зграда на плоштадот, Агората од лева страна, овој дел, ова ридче наречено бедем, всушност е местото каде што бил оној главниот, урбан центар, административното јадро на градот Стибера.

Она што може да се каже за Собранието е дека во овој момент тоа се наоѓа во приватен имот, затрупано е и чека подобри денови да биде повторно откриено и презентирано во јавноста.

Темелкоски: Кога ќе се решат тие процеси, во тек се за да се решат имотните прашања, да државата ги добие тие приватни парцели, за да може ние археолозите повторно да го откриеме, имаме документирано каде точно се наоѓа позицијата на Собранието, но тоа остана неистражено, сите простории не ги доистраживме и се надевам дека ќе дочекаме да ги добиеме приватните парцели од државата и да го доистражиме конкретно не само таа јавна градба, туку и други неколку градби кои се наоѓаат помеѓу храмот и Собранието.

Пред да ја посетиме Агората, да кажеме неколку зборови и за историјата на самиот град, според она што се знае постои некаде  околу 600 години, односно од 3-4 век пред наша ера, па се 2 век од наша ера.

Темелкоски: Да, Стибера е формирана некаде за време на владеење на македонските кралеви и се знае конкретно кога Римјаните доаѓаат на овие балкански простори, доаѓаат преку денешна Албанија, дека конкретно тука се воделе битки во рамките на Македонско-Римските војни, со последните 2 кралеви таткото и синот Филип Петти и Персеј. Се знае точно дека еден од конзулите, од војсководците на римската армија дошол за време на втората војна тука во Стибера и тука одмарале извесно време неговите легии, тука се снабдиле со прехрамбени намирници. Додека во третата Македонско-Римска војна, последниот македонски крал Персеј тука го имал извесно време својот команден штаб и дури имал и една битка која ја водел против Илирите кои биле населени во делот на денешно Кичево, во тоа време градот Ускана и во тие историски записи стои дека Персеј откако завршил со походот кон денешно Кичево, заробените административни високодостоинственици од Илирите ги носи тука во Стибера и токму на местото на главниот градски плоштад ги продаваат како робови, бидејќи тоа е време на робовладелество. Значи ние конкретно стоиме на местото каде последниот антички македонски крал Персеј ги продавал робовите заробени во походот до Ускана.

Дали се знае кој крал го подигнува градот, дали има некои податоци?

Темелкоски: Нема податок, но сепак тој е подигнат во времето кога Македонија ја имала постепено својата експанзија, или денешниот Егејски дел на Македонија. Тука сепак биле друг етникум, Дериопи, така да сепак Македонија како постепено се шири во времето на Филип, таткото на Александар Македонски, постепено оваа територија се припојува кон Античка Македонија. Значи не е формирана од македонски кралеви, туку си бил тоа град на Дериопите.

Својот процут го доживува потоа во римската епоха.

Темелкоски: Да, во римската епоха за време на Нерва Антонини, тоа се династии на неколку имератори, тоа е процут на римската империја воопшто и градот тогаш го доживува својот најголем процут со преку 20.000 жители.

Да ја погледнеме Агората сега.

Темелкоски: Да, тука сме.

Значи ова е тој простор каде што се наоѓа Агората?

Темелкоски: Да, тоа е официјалната зграда на главниот плоштад Агора, каде во секој антички град се одржувале разни манифестации од забавен карактер, прослава за некои празници, политички митинзи како во денешно време итн.

Значи ова е тој простор каде се продавало буквално сѐ, пазаришниот дел?

Темелкоски: Да, тука официјалниот дел бил на пазарот, всушност на плоштадот луѓето кои купувале и продавале роба и стока како млечни производи, сокови, вино, овошје, зелечнук, морале сите од нив да дојдат тука во оваа официјална зграда, каде имало поставено 2 мерни маси, каде службеното лице агораном вршело евиденција на она што е продадено, колку килажа или литража е продадено, за всушност да земи државата еден вид на данок. Значи ништо не можело да се купи или продаде, а да не се дојди во овој дел, во оваа зграда и да биде тоа верифицирано од тоа службено лице.

Значи данокот е битен за една држава уште од римско време?

Темелкоски: Па да, инаку како освојувале тие територии, како ја плаќале војската? Нормално со парите од данокот.

Ова е масата каде се мереле тие продукти кои се во цврста состојба.

Темелкоски: Да, тука имало ваги и тука се продавало компири, пиперки, баш зеленчук и овошје, а имаме и друга мерна маса со вдлабнатинки, која е однесена во музејот и таму е презентирана, со тие вдлабнатини, кои всушност се реципиенти во кои се сипале течностите како вино, сокови, млеко, бидејќи мора сето тоа да биде регулирано.

Значи прво морало да биде ставено во тие садови?

Темелкоски: Да, а долу имало отвор со цевки и оној што купува остава долу керамичко грне или друг сад и го купува тоа нешто, а во исто време го верификува агораномот.

Дали се знае кои бисти стоеле тука во овие ниши кои се откриени и конзервирани?

Темелкоски: Конкретно тука долу под оваа ниша беше падната бистата на жената на имераторот Марко Аврелиј, кој владеел во средината на вториот век од нашата ера, тоа е царицата Фаустина помладата. Во Стибера пронајдовме, да се пофалиме, биста не една жена на император, што е многу значаен и вреден наод, затоа што не сите градови во Римската империја имале таква привилегија. А зошто пак сега би била пронајдена биста од жена на римски император во зграда каде се вршеле пазарни трансакции? Затоа што императорот Марко Аврелиј, нејзиниот сопруг, бил еден од неколкуте големи реформатори во Рисмката империја, кој правел економски реформи, донел нови законски акти и решенија и всушност неговата сопруга царицата Фаустина тука е претставена како заштитничка на трговијата, како патрона за да бидат успешни тие трансакции, или да надгледува дали данокот се плаќа како што треба.

Од она што се сеќавам што многу сме го следеле во овој изминат период, мислам дека таа е една од најубавите бисти на Фаустина која што е пронајдена не само во Македонија, туку и во поширокиот регион.

Темелкоски: Со мои колешки бевме на симпозиум во Загреб, тој симпозиум беше на ниво на цела Европа, каде се претставуваа разни убави бисти и фигури од мермер од цела Европа од времето на Римската империја и конкретно кога заврши симпозиумот, кога ние авторите на реферати ги пуштивме нашите трудови за објавување, кога се објави зборникот на ниво на Европа, редакцискиот одбор на зборникот одлучиле на насловната страница да биде Фаустина од Стибера, покрај толку многу мермерни наоди од цела Европа.

Она што би сакал да ве прашам исто е за овој бунар кој се наоѓа на средина, дали се за што служел, или е запотребите на самиот пазар?

Темелкоски: Да, за потребите на самото пазариште, тоа не е бунар со вода која доаѓа, туку бил исполнет со вода, очигледно за миење на раце и други секојдневни потреби, тука седеле луѓето кога се верификувале купопродажните трансакции.

Дали Агората продолжува во овој дел надолу, или пак ја има и околу нас?

Темелкоски: Не, надолу е плоштадот, тука биле долу, а ова била зградата каде доаѓале. Плоштадот за жал, ние работевме годинава на 2 позиции, заради висинскиот пад кој го има теренот и заради земјоделски работи на имателите на парцелата во текот на стотици години, остатоците од плоштадот нема никогаш да ги најдеме, однесени се со тие земјоделски активности.

Се наоѓаме пред Храмот на императорите. Она што е карактеристично за Стибера е тоа што Храм на императорите не морало да има секој антички град и тоа е еден белег по кој се препознава рангот кој го имал овој град.

Темелкоски: Така, значи ние зборуваме за времето на Римската империја, за оној најголем процут во 2-3 век од нашата ера. Во градот Стибера е откриен Храмот на императорите каде се одржувале церемонии и одредени свечености во чест на императорите и привилегија таков храм да се има во рамките на Римската империја, која знаеме дека се простира на огромен простор, низ целиот Медитеран, градовите што имале чест да имаат таков храм било навистина голема привилегија и тоа говори за големото значење и каков општествен и политички статус и ранк имал тој град во тоа време. Стибера со тоа што го има овој храм е високо рангиран според својот статус во рамки на Римската империја.

Тука гледаме и некои мермерни постаменти, што пишува на нив?

Темелкоски: Конкретно тие мермерни постаменти, тоа се жртвеници и на нив е испишан текст, кој е преведен од наши колеги и пишува дека тоа е Храм на императори и така дознаваме ние према натписите на тие мермерни споменици.

Дали се знае дали некогаш некој римски император поминал тука или го посетил овој град?

Темелкоски: Не, за Стибера и овој дел на Македонија не се знае дали некој римски император го има посетено.

Понатаму што имаме можност да погледнеме?

Темелкоски: Понатаму го имаме тој помал плоштад каде е чешмата, а покрај неа од другата страна е училиштето, Гимназионот.

Ова е таа чешма која ја спомнавте претходно, интересно е што овде пишува „Посејдон, Еригони Нимфи“, што значи тоа?

Темелкоски: Тоа се 3 божества, ликови од митологијата од античко време. Посејдон е главното божество на сите води, реки, океани, езера.

Токму затоа е поставен кај чешмата.

Темелкоски: Да. Еригони е името на речното локално божество на реката Еригон, а реката Еригон од античко време е Црна Река од денешно време. И Нимфаи, тоа се придружничките, нимфите на тие речни божества, на Посејдон и Еригон. Значи буквално на ова место, Ин Ситу, што велиме археолозите е најден мермерен споменик со натпис кој означува што е всушност во прашање.

Оваа чешма е од извор, или водата се носела од друго место?

Темелкоски: Не, водата се носела од горниот дел на градот со каптажа, која и ден денес постои. Таа вода од дождовници доаѓала и во тоа време со цевковод до тука.

Потоа водата продолжува преку овој канал?

Темелкоски: Продолжува да оди надолу, да. Овој канал е за одвод.

Практично ова е тој канал кој го дели градот на некаков лев и десен дел?

Темелкоски: Само овој централен дел на плоштадот.

И ваму лево е Гимназионот?

Темелкоски: Да, Гимназионот или училиштето. Има интересен момент дека покрај чешмите, учениците кога ќе станеле полнолетни, а во тоа римско време учеле само машките ученици кои се наречени ефеби, има момент дека на нивното полноледство доаѓале тука кај чешмата и им се сечеле прамени од косата како знак дека станале полнолетни.

Токму тука на ова место?

Темелкоски: Токму тука, да.

Она што исто така сакам да потенцирам е дека според бројот на ефеби, како што знам се утврдува и бројот на жители во градот.

Темелкоски: Така, да, според тие плочи мермерни каде што стојат имиња на ученици, од прилика се прави процентуална застапеност на учениците, на фамилијарните имиња и така е дојдена таа бројка од 20.000 жители на Стибера во време на Римската импераја, во оној нејзин процут.

Кои се вашите идни планови за овој локалитет и неговиот развој?

Темелкоски: Конкретно прилепскиот „Завод и музеј“ работи на конзерваторски зафати во горниот дел кај зградата на Агората, а овој долен дел тука, секоторот Гимназион, Храмот на императорите и плоштадот со таа чешма веќе се конзервирани и се спремни за туристичка презентација. Но сепак треба да се реши главниот проблем, да се направи експропријација на приватните ниви, затоа што меѓу двата сектори, горниот и долниот се приватни парцели, не може државата да вложи, по закон, за урбанизација, ставање на информативни табли, ниту пак може да направи настрешници над објектите, ниту да донесе реплики на оние преубави скулптури и да ги стави во нишите, во објектите, за да биде поатрактивно за оние кои што ќе доаѓаат да го посетат градот. Сето тоа ќе се реши кога ќе се заврши таа постапка со експропријација, или откупување на парцелите кои се во приватна сопственост. Иако мештаните од селото Чепигово имаат слух, но сепак некои административни пречки се тука кои тој процес го успоруваат.

Да се надеваме дека во иднина ќе се надминат тие процеси и дека конечно ќе имаме нови откритија на Стибера, како што кажав тука под овие ридови, под ова поле има огромен број на градби кои чекаат да бидат откриени.

Темелкоски: Многу мал процент, нешто околу 5% се октриени со овие неколку јавни згради. А што да кажеме за оние стамбени и други објекти каде тие 20.000 луѓе живееле.

Како што кажав и на почетокот на оваа репортажа, еден од најимпозантните објекти кои имал секој антички град, амфитеатарот за жал не е откриен.

Темелкоски: Се уште не е откриен, да, а сигурно Стибера би требало да го има.

Исто така и Некрополата.

Темелкоски: И Некрополата, да, која би била со многу богати наоди, затоа што со толку мермерни скулптури во објектите, сигурно градот бил богат и граѓаните кои биле погребувани во таа Некропола биле погребувани со богати прилози, гробни наоди што кажуваме ние, што служеле за другиот свет. Така да ако се најде некрополата во Стибера, ќе имаме богатство од убави движни наоди.

Стибера е антички град премногу вреден за Македонија за да биде се уште под земја. Неговото значење, историја, репрезентативност и богатсво со различни предмети можат да донесат огромен број на туристи во иднина, доколку тука се уреди целиот локалитет и се прошири со нови откритија и археолошки истражувања.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас поддржано од Министерството за култура и туризам во програмата од Национален интерес во културата за 2026 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Во КРЕМОНА ШОПИНГ ЦЕНТАР сега и ѕидни панели, вештачка трева, декоративни дрвца, трпезариски маси и клуб маси, компјутерски бироа и столици
ТЕМЗА - нов дневен престој во Припеп - дружење, учење, забава – исто како децата да се дома
Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци