Силен е континуитетот кај македонскиот народ за одбележување на Илинденското востание. По 1903-та година Илинден за прв пат се одбележува во 1918 година кога за кмет на Крушево е избран Наум Томалевски, еден од учесниците во Востанието. Српската власт потоа целосно го забранува славењето, се до почеток на 20-тите години на минатиот век кога повторно започнуваат индивидуални иницијативи за негово одбележување, а најсилниот бунт кај народот се случува во 1940 со Илинденските демонстрации кои ги предводи Методија Андонов Ченто.
„Особено со враќањето на бугарската окупаторска армија тука во 1941 година, веднаш е направен обид со пароли од Крушево до месноста Мечкин Камен да се испишат антифашистички и антибугарски пароли за да се избегне можноста да му се даде право на окупаторот да го легитимира Илинден како негов празник. Во Крушево најголемиот обид и дострел е извршен 1943 година кога еден од партизанските одреди на сам ден Илинден вечерта извршиле напад и ја оневозможиле бугарската администрација да го прослави Илинден и да го присвои“, изјави Д-р Зоран Богески, виш кустос и историчар.
И за време на НОБ Илинден се негува кај партизаните, кои како прекари ги носат имињата на Илинденците, а партизанските одреди ги носат имињарта на славните војводи. На првото заседание на АСНОМ 2 август 1944 Илинден е прогласен за државен празник. Двата Илиндена наголемо се слават и за време на Југославија.
„1969 година по повод 25 годишнината од првото заседание на АСНОМ во Скопје е одржана и свечена седница на Народното Собрание. На неа присуствува и самиот Јосип Броз Тито, тој е еден од говорниците. Дури и на оваа свечена седница, Собранието на Социјалистичка Република Македонија донесува одлука да се воведе споменица на АСНОМ“, рече Александар Симоновски, Институт за национална историја Скопје.
Оваа научна трибина беше дел од годинешните одбележувања „10 Дена Крушевска Република“.
„Како народ не сметам дека доволно си ја познаваме нашата историја и приказната за нашата држава. Мислам дека е од особено значење денешната трибина, која веќе трета година по ред се организира во рамките на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, истакна Захарија Ангелеска, директор на НУЦК „10 Дена Крушевска Република“.
Ова е трета научна трибина посветена на Илинден во рамки на „10 Дена Крушевска Република“ по пауза од 20-тина години.