Итар Пејо е најпопуларниот лик од македонските народни приказни и нема кој не го знае, од 7 до 77 години. За негова поголема популаризација овој викенд во Прилеп ќе се одржи и фестивал посветен на него, кој за прв пат ќе се организира во овој град, а многу повеќе за тој фестивал ќе ни каже Елена Николоска од КУД „Мирче Ацев“ кои се организатори на самиот фестивал, со поддршка на Центарот за култура од Прилеп и Општина Прилеп.
Николоска: Идејата за овој фестивал е од неколкумина членови на КУД „Мирче Ацев“, како што знаеме фолклорните ансамбли се места за дружење, забава, смеа и места од каде што излегле и многу познати “бисери“ и поговори. Па така во потрага по идеја за настан или фестивал ние дојдовме до идеја да направиме нешто што го поврзува хуморот, сатирата и се разбира каде ако не во Прилеп. Одбравме да биде центар на овој фестивал како град кој е познат по фолклорното творештво, театарските игри, како град кој е познат по мајтапот и шегата. Го избравме ликот и делото на Итар Пејо, фолклорен лик од Македонија како симбол на македонската итроштина, како своите маки и секојдневие ги пренесувале преку шега и преку хумористичен збор.
Токму така, за некои Итар Пејо е личност која вистински постоела во селото Градешница, но исто така има тврдења дека тој е измислена личност која го симболизира тој мајтап, шега, хумор, но и сила, итроштина и мудрост на македонскиот народ да го преброди тоа 5 вековно османлиско ропство кое било на овие простори. Вие го споивте сето тоа со вашиот фолклор, традиција, народна песна и игра, заедно со македонскиот хумор.
Николоска: Така е и треба да се напомене дека овој е фестивал кој од почетната идеја до целосната организација е организиран од страна на младите. Тоа е еден начин како да продолжиме да го негуваме македонското културно наследство, овој пат преку шега и да покажеме дека културното наследство не е нешто што стои заклучено и нема само еден единствен начин за да го пренесуваме, туку младите да најдуваат свои начини како своевремено преку нешта кои се во нивен интерес да продолжат да го негуваат и културното наследство и шегата како една алатка која ја користиме во секојдневието и за подобрување на расположението, но и за креирање на забавни содржини.
Како што најавивме, фестивалот трае 2 дена, во петок вечер е првата фестивалска вечер, а втората фестивалска вечер е во сабота. Првата фестивалска вечер ќе се одржи токму на ова плато позади нас. Имате и гости, културно уметнички друштва кои доаѓаат од Полска и од Словачка.
Николоска: Така, планираме секоја година да го прошируваме фестивалот, да не биде ограничен само на балканските земји, туку да го прошируваме и да запознаваме нови култури. Оваа година имаме можност да ги проследиме настапите на реномирани фолклорни ансамбли од Полска и Словачка, како и 4 ансамбли од Македонија. Годинава поради технички и логистички причини мораше да биде со помал број гости, но наредната година планираме и тематски да го прошириме фестивалот, да бидат настапите поврзани со одредена тема која ќе го прикажува секојдневието или реалноста на различни народи.
Што се е предвидено да се случува првата вечер, како ќе започне фестивалот, а што се ќе има можност да погледне публиката втората вечер?
Николоска: Прва активност како дел од фестивалот во петок дента ќе биде детска работилница каде најмладите ќе имаат можност да се запознаат со различна култура, да креираат нешто свое и да се запознаат нешето повеќе со културното наследство. Потоа од официјалните активности продолжуваме со дефиле низ центарот на Прилеп, кое ќе заврши токму тука во 19 часот каде ќе проследиме и настап на фолклорните ансамбли кои се планирани за во петок. Додека во сабота во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе имаме завршен настан, свеченост каде уште еднаш ќе настапат неколку различни друштва и се разбира гостите од Полска и Словачка и ќе бидат доделени плакети за благодарност.
Ова е прва година, какви се вашите очекувања, дали веќе сте подготвени, има уште неколку дена до самиот почеток?
Николоска: Оваа година планиравме да биде поставувањето на темелите за фестивалот, па така немаме некоја конкретна тема која ќе биде. Подготовките веќе на големо се завршуваат, останува уште да ги пречекаме гостите во наредните денови и да започнеме со активностите.
Ентузијазмот се гледа кај вас, особено ми е драго што младите го поттикнуваат сето ова, да се зачува нашето културно богатство кое го имаме, како во однос на народната песна и игра, нормално традиција, но и мајтапот и шегата кои се најголеми карактеристични белези за Прилеп.
Николоска: Ги поканувам сите заинтересирани уште во петок да дојдат тука на ова место, на настанот кој ќе биде од отворен тип. Додека за во сабота се продаваат билети по цена од 100 денари, секој работен ден од 10 до 12 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Особено ги поканувам младите да дојдат и да ги посетуваат ваквите настани, особено што се иницирани од млади, бидејќи верувам дека секој млад човек може да најде место каде ќе се пронајде себе си, каде ќе пронајде начин како да твори и каде преку креативност и преку шега можеме да продолжиме да го негуваме културното наследство и да зборуваме за нашите интереси.
Ти благодарам за овој разговор. Еве апел и од мене, сите оние кои сакаат да ја погледнат македонската народна песна, игра, традиција, да ги погледнат гостувањата на културно уметничките друштва од странство, но и од цела Македонија, нормално да слушнат и одредени мајтапи и шеги, хуморески од прилепски автори, да дојдат тука во петок и во сабота и да го погледнат овој фестивал кој за прв пат се организира во градот под Марковите Кули.