Поради добрите практики на примарна селекција на отпад кои во Прилеп се изведуваат веќе 15 години градот останува неприкосновен лидер во Македонија каде 49% од населението ја врши оваа селекција. Токму поради тоа и другите општи започнаа да доаѓаат во Прилеп и да ги учат методите како да го постигнат тоа. Претставници на општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден и Струмица, се запознаа со процесите примарната и секундарната селекција која наскоро треба да започне.
„Во Македонија има доста отпад кој несоодветно се селектира или се пласира таму каде што треба. Затоа дојдовме овде во Прилеп, како лидер во Македонија, да видиме на кој начин тие се справуваат со таа примарна селекција на отпад за која и сите ние јавни комунални претпријатија кои денес сме овде сме заинтересирани“, изјави Кире Синдраковски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Струмица.
Прилеп наскоро ја добива и првата фабрика за секундарна селекција на отпад,со што значително ќе се намалат трошоците на граѓаните и општината за во иднина за одлагање на отпад во Регионалната депонија во Новаци.
„Фабриката би имала капацитет од 10 тони на час да преработува отпад, што значи општина Прилеп и граѓаните ќе плаќаат минимални надоместоци во идниот проект, односно одлагањето на остатокот од отпадот кој не може да биде исселектиран“, кажа Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
„На јавното претпријатие беа доделени 9 специјални возила за отпад, од нив 4 се пристигнати, доделени се 8.318 канти за домаќинства, 126 контејнери од 1.1 метар кубен и тие контејнери се поставени во централниот дел на градот. Во последните 60 дена имаме склучено 700 договори со домаќинствата за кантите“, додаде Љубиша Јованоски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Во иднина се планира изградба на кејски ѕидови и минор корито на градската река кај сегашниот собирен центар, изградба на нова улица и негово проширување во современ европски објект за оваа намена.
„Овде ми имало еден современ собирен центар во кој за почеток би имало 5 фракции кои значат одлагање, односно доставување на отпадот од самите граѓани. Тие се светските стандарди и оттука потоа тој отпад во зависност од каков тип е понатаму да се третира и со тоа да го зголемиме комуналниот ред од кој во моментот јас не сум задоволен. Работиме и на изработка, односно во завршна фаза е пред донесување на одлуката за нов комунален ред и со целото ова како пакет Прилеп навистина по сите основи да биде лидер во однос на ова прашање“, рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Исто така Прилеп ја изготвува проетната документација за изградба на компостара кај депонијата Алинци.