Според последниот извештај на здружението СТАНИЦА ПЕТ од Прилеп бројот на жртви на семејно насилство постојано се зголемува во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени во периодот од 2022 до 2025 година. 90% жртви се жените, 85% од жртвите жени насилството го претрпеле од својот сегашен или претходен партнер, а додека 90% од насилствата се извршуваат во домот каде жртвата живеела. Најзастепено е психолошкото насилство, а како главна причина поради која жртвите не ја напуштаат средината претставува економската зависност. Но жените се повеќе се охрабруваат да ги пријавуваат овие случаи.
„Сметаме дека оваа појава се должи на зголемување на свесноста кај жртвите и достапноста на онлајн информациите за да можат полесно да препознаат и каде да се обратат. Исто така, она што е интересно е што кај нас во здружението зголемен е бројот на пријавување на случаеви преку социјалните мрежи и мрежите Вибер и Вац ап“, изјави Христина Здравеска, здружение СТАНИЦА ПЕТ Прилеп.
Според експертите семејното насилство се зголемува поради тоа што институциите не можат да направат навремена и соодветна проценка на ризикот.
„Многу често во институциите се пропушта да се направи таква навремена проценка со некаков изговор дека таа веројатно ќе се врати во семејството, веројатно ќе се помират утре итн., и на тој начин пропуштаме навреме да спречиме посериозни последици. Не само што е за жртвата подобро и побезбедно навремено спречување, туку и генерално ако гледаме од аспект на системот, многу помалку ќе го чини превенцијата отколку справувањето со последиците од семејното наследство. Исто така она што е навистина евидентно и забележително е дека кога жртвата ќе се обрати во институции, се чека да има евидентни знаци на сериозно физичко насилство за да се покрене целиот тој систем на покренување. Сите овие други форми на насилство, економско, психолошко, посебно во последно време дигиталното насилство не се препознаваат“, додаде Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА ПЕТ Прилеп.
Институциите на локално ниво немаат ниту човечки, нуту технички услови за да ги процесираат случаите на сајбер насилство, па овие случаи се третираат само во МВР во Скопје, што не е доволно.