Престижната награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ му се доделува на актерот Александар Степанулески за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, во изведба на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.
Одлуката е донесена едногласно од жири-комисијата на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ – Струмица 2026, во состав: Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, претседателка, и Биљана Ѓуровиќ и Иван Додовски, членови.
Во своето образложение, жири-комисијата истакнува дека Степанулески го гради Луков како фигура на привидна неприкосновена моќ, која постепено се распаѓа и ги открива стравот, зависноста и моралната разграденост на ликот. Со силно сценско присуство, прецизни промени на актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување, тој ја разоткрива сложената противречност на човекот што манипулира, заплашува и организира политичко убиство, а истовремено останува заробеник на системот на кој му служи.
„Честитки до Александар Степанулески за заслуженото признание! Наградата „Ристо Шишков“ продолжува да го слави врвното актерско мајсторство и да ја потврдува својата исклучителна вредност во македонскиот и регионалниот театарски простор“, велат од Фестивалот.