Центарот за климатски промени ја информира јавноста за настанот „Соларен саем Прилеп“, кој ќе се одржи на 16 септември од 11:00 до 14:00 часот на градскиот плоштад во Прилеп.
Настанот има за цел да ја доближи темата за користење на сончевата енергија и обновливите извори до граѓаните преку информативни и интерактивни активности. Посетителите ќе можат да се информираат за придобивките од користење соларна енергија, можностите за поставување фотонапонски системи во домаќинствата, како и пошироките чекори за вклучување во енергетската транзиција, вклучително и концептот на просумер – граѓанин кој произведува и троши сопствена електрична енергија.
Во рамки на саемот ќе бидат поставени штандови од различни организации и компании со што граѓаните ќе можат директно да се информираат за технички решенија, понуди и практични аспекти за инсталација. Ќе бидат организирани и интерактивни активности и демонстрации поврзани со користење на соларна енергија, меѓу кои и симулации на производство и користење на електрична енергија, како и интерактивни работилници за деца со цел на најмладите да им се доближи концептот на обновливи извори на енергија на забавен и едукативен начин.
Настанот е дел од пошироките напори за зголемување на јавната свест за одржливи енергетски решенија и поттикнување на енергетската транзиција. Целта е дополнително да се доближат можностите за користење обновливи извори на енергија до пошироката јавност и да се поттикне учеството на граѓаните во енергетската транзиција.