Во рамки на проектот „Сејф сити“ планирано е подрачјето на Сектор за внатрешни работи Битола да биде опфатен, во тек е изработка на проектна документација, се надевам дека во наредните месеци ќе го имплементираме тој дел, опфатени се повеќе од 40 точки, вклучително и градот Прилеп, изјави денеска директорот на Биротот за јавна безбесност, Александар Јанев, одговарајќи на новинарско прашање дали Прилеп ќе добие „Safe City“.
„Но тоа што е повеќе важно, дека бројот на жртви во сообраќајот се намалува, културата на граѓаните се подига и можам да ги пофалам и возачите и сите ние што сме учесници во сообраќајот, без разлика дали сме возачи, пешаци или возиме велосипед, најважно е да ги почитуваме сообраќајните знаци и сообраќајните правила. На крајот на денот, „Сејф сити“ е систем кој покрај сообраќајот, овозможува и поефикасно работење на полицијата од аспект на откривачка дејност, од аспект на превенција на работи, од аспект на утврдување на докази или факти кои може да ги користиме понатаму во една идна постапка, или пак одржување на јавниот ред и мир, како и заштита на урбаната инфраструктура.
Поголем проект е, но многу корисен и ќе го надградуваме во иднина со одредени други алатки, кои што ги имаме достапни, за се на се да биде полицијата што поефикасна на терен, да биде што побрза кога дава прв одговор на настани, но најважниот момент е полицијата да биде насочена да ги предвидува настаните, да анализира, да прибира податоци и по една севкупна анализа да го преневира и присуството на терен, но и појавите кои можат да се случат во иднина. Тоа е нешто кое граѓаните го заслужуваат, сите ние како жители на оваа држава го заслужуваме и мораме да го менуваме мајндсетот и концептот на работење на полицијата во Македонија“, истакна Јанев.