Ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата. Ова е една од пораките што денеска од Скопје ги испрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски. Таа ова го кажа велејќи дека земјава ѝ припаѓа на Европската Унија.
„Со многу труд и посветеност, пристапните преговори почнаа во 2022 година, скринингот беше завршен за помалку од една година и сега има само еден клучен чекор кој треба да го направите за да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага ЕУ. Ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата затоа што нашето мото е различност и обединетост и ние сме мошне сериозни по тоа прашање. Северна Македонија навистина постигна успех со Планот за раст, веќе добивте 140 милиони евра, а ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели, а напредокот е навистина импресивен“, рече Фон дер Лајен.
Оцени дека земајва повеќепати покажала оти може да носи храбри одлуки за својата иднина. Како што посочи, Преспанскиот договор бил момент на вистинска политичка храброст со две земји коишто избрале да свртат нова страница и да го пишуваат новото поглавје од историјата заедно – ја отвори вратата кон членството во НАТО и денес Северна Македонија е навистина ценет сојузник, слично и во Европската Унија.
„Вие бевте првата земја во регионот која што го потпиша партнерството за одбрана и безбедност, како и да ги искористи инструментите за европска безбедност. Вие сте дел од коалицијата на подготвените, бидејќи кога европска нација и пријател беше нападната, Северна Македонија се исправи и вие помагате на нашата Унија и ние сме навистина мошне благодарни за тоа. Ова е Северна Македонија која што ние ја знаеме, земја која што стои на зборот, земја која што припаѓа на масата во Европската Унија и мојата порака е ова. Јасно вие ни припаѓате нам“, порача Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен порача дека во моментот кога процесот ќе се деблокира, Европската Унија ќе може да даде патоказ за натамошниот пат на земјава кон ЕУ, како што тоа сега го стори за дел од земјите кандидати.
„Во моментот кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои се неопходни. Да, сè уште има работа, но импресивно е она што досега го имате направено. Сега се фокусираме да ја деблокираме ситуацијата за да можеме да дојдеме со патоказ и во Северна Македонија“, истакна претседателката на Европската комисија.
Шефицата на ЕК порача дека усвојувањето на уставните измени и натаму останува следниот чекор што земјава треба да го преземе за да се придвижи на својот евроинтегративен пат.