Вечерва сме собрани во срцето на Прилеп, во градот од каде што пред 85 години започна организираното вооружено востание против фашистичкиот окупатор. На ова место, во овој град, историјата е запишана во книгите и зачувана во спомениците. Таа е дел од нашето секојдневие, од нашето име, од нашиот идентитет и од одговорноста што ја носиме како прилепчани, истакна вечерва Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп, во предвечерието на големиот национален празник 11 Октомври.
„На 11 октомври 1941 година, храброста на нашите сограѓани го означи почетокот на една борба во која слободата имаше повисока цена од личната сигурност, а љубовта кон татковината беше посилна од стравот. Луѓето што тогаш се исправија против фашизмот знаеја дека можеби ги очекуваат затвор, прогон и смрт. Но знаеја и дека има вредности за кои човек мора да застане исправено, дури и кога е најтешко. Затоа 11 Октомври за нас е сведоштво за изборот што го направиле нашите предци. Изборот да не се помират со неправдата, да не ја прифатат окупацијата како судбина и да не се откажат од правото на сопствена слобода“, рече Проданоски.
Тој нагласи дека од Прилеп започна пламенот на востанието што се прошири низ Македонија и стана дел од борбата за слобода, достоинство и создавање сопствена држава,а зад тој историски чин стојат имињата, животите и семејствата на луѓе кои не барале признание за својата храброст, туку верувале во правото на својот народ да живее слободен.
„Како градоначалник на Прилеп, чувствувам особена одговорност кон ова наследство. Да се биде на чело на градот херој не значи само да се чува споменот на минатото. Тоа значи да се разбере неговата порака и таа да се претвори во обврска за денешното време. Токму затоа, годинава, 85-годишнината од 11 Октомври ја одбележуваме со богата културно уметничка програма под насловот „Приказна за градот херој“. Од 1 октомври до 3 ноември, преку културни настани, изложби, театарски претстави, филмски проекции, книги, спортски натпревари и средби, ги оживуваме страниците на нашата историја и ги поврзуваме со животот на денешен Прилеп. Оваа приказна продолжува со 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, датум што нè потсетува на долгата и пожртвувана борба на македонскиот народ за слобода и сопствена држава. А нејзиното историско поглавје за нашиот град го заокружуваме на 3 ноември, кога го одбележуваме конечното ослободување на Прилеп во 1944 година“, додаде Проданоски.
Трите датуми, секој со своето посебно историско значење, нè потсетуваат дека слободата е резултат на долгогодишен стремеж, храброст и пожртвуваност на многу генерации.
„Затоа сакаме „Приказна за градот херој“ да биде повеќе од одбележување само на еден празник, тоа треба да биде можност да ја запознаеме, да ја разбереме и да ја пренесеме нашата историја на генерациите што доаѓаат. Особено ме радува што во оваа приказна значајно се вклучени и нашите најмлади сограѓани. Кога ги гледаме тие млади луѓе како стојат рамо до рамо, знаеме дека нашата историја има кому да му ја пренесеме. Но знаеме и дека нашата одговорност не завршува со тоа што ќе им раскажеме што се случило пред 85 години. Наша задача е да им обезбедиме образование, можности и услови во кои ќе можат да го остварат својот потенцијал тука, во Прилеп и во Република Македонија. Вечерва, токму во пресрет на празникот, ќе имаме можност да видиме и поинаков начин на раскажување на нашата историја. Преку оживеани историски слики, ќе бидат претставени сцени и моменти поврзани со 11 Октомври и со настаните што го одбележале овој значаен ден. Премиерно ќе го прикажеме краткиот филм „Првиот истрел“, видео-приказна што ќе нè врати во времето на храбрите прилепчани и македонски борци кои први се исправиле против фашистичкиот окупатор. Преку овој филм ќе имаме можност уште еднаш да се доближиме до нивните подвизи, до одлуките што ги донеле и до миговите во кои започнала една борба што го променила текот на нашата историја. Сакам младите да ги запознаваат овие настани не само преку учебниците, туку и преку човечките приказни што стојат зад нив. Зашто зад секој историски настан има луѓе, нивни семејства, стравови, надежи и жртви. А зад слободата што денес ја живееме стои храброста на оние кои не се откажале од неа“, рече Проданоски.
Вечерва беше посочено дека нашите предци се бореле за слобода, а ние ја имаме обврската таа слобода да ја исполнуваме со работа, знаење, одговорност и резултати.
„Да градиме град во кој младите ќе гледаат причина да останат, да создаваат и да ја планираат својата иднина. Град во кој секое дете ќе има можност да напредува, секој човек ќе биде почитуван, а трудот и знаењето ќе бидат вредности што се препознаваат. Како локална самоуправа, работиме на подобра инфраструктура, на уредени улици и јавни простори, на поквалитетни услови во образованието, на поддршка на културата и спортот и на создавање нови можности за економски развој. Тоа се конкретни задачи што бараат време, посветеност и одговорност. Но токму преку нив се менува секојдневието на граѓаните и се гради град во кој вреди да се живее. Свесен сум дека пред нас има уште многу работа. Не постои град без предизвици, ниту развој што се случува преку ноќ. Но верувам дека со јасни цели, чесна работа и соработка можеме да направиме повеќе. Затоа што иднината на Прилеп не е обврска само на градоначалникот или на општинската администрација. Таа е заедничка одговорност на сите нас, на институциите, на училиштата, на бизнис-секторот, на културните и спортските работници, на младите и на секој граѓанин што сака да придонесе. Прилеп го добил своето место во историјата со храброста на луѓето што не се повлекле кога било најтешко. Наше е денес да покажеме храброст на поинаков начин, да преземаме одговорност, да не се задоволуваме со просечноста и упорно да работиме за подобра иднина. Тоа е начинот на кој му оддаваме почит на градот херој. Не само со зборови и свечености, туку со секоја завршена работа, со секоја нова можност за младите, со секој подобрен услов за живот и со секој чекор напред што го правиме заедно“, кажа Проданоски.