Преработка на Законот за јавно-приватното партнерство како решение за загубите во јавните претпријатија

Facebook
Twitter
Email
Print
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Законот за јавно-приватно партнерство треба да се преработи и да се направи да биде поефикасен за оние што го применуваат, смета заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.

Според Ристески, законот сега остава простор за одредени проблеми при неговата примена, вклучително и во однос на постапките на Државниот завод за ревизија и забелешките што произлегуваат од нив.

„Овој модел има особено значење за идните инвестиции во државата. Сметам дека законот треба да се преработи и да се направи поефикасен, така што институциите и сите што го применуваат да немаат страв или несигурност при неговото спроведување. Во Владата веќе работиме на ова прашање и се надевам дека на една од следните седници на Економско-социјалниот совет ќе го разгледаме Законот за јавно-приватно партнерство. Верувам дека овој модел може да даде значајни резултати, какви што веќе се постигнати во развиените западноевропски држави. Затоа е важно соодветно да се имплементира и кај нас“, изјави денеска Ристески пред почетокот на тркалезната маса организирана од Сојузот на стопански комори.

Од Сојузот на стопански комори сметаат дека јавно-приватното партнерство е особено значајно за понатамошниот развој на економијата и бизнисот, а истовремено може да придонесе и за решавање на проблемите во јавните претпријатија.

„Станува збор за јавни претпријатија кои имаат проблеми во работењето и остваруваат загуби. Тие би можеле, преку соодветен модел на јавно-приватно партнерство, да добијат нов капитал и да го унапредат своето функционирање, при што државата би можела да остане доминантен сопственик. Ова се модели што се применуваат во регионот и во земјите на Европската Унија. Приватниот сектор би вложувал капитал во развојот на јавните претпријатија, во набавка на современа техничка опрема, во унапредување на човечките ресурси, како и во доквалификација и преквалификација на вработените. На тој начин државата би добила поефикасни претпријатија, а дел од суштинските проблеми би се решавале преку приватните инвестиции и експертиза. Целта е јавните претпријатија да станат профитабилни компании, од кои корист ќе имаат сите засегнати страни. Притоа, би се отворил простор и за активирање на домашниот капитал во интерес на државата и на самите компании“, рече претседателот на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски.

ССКМ останува и на ставот дека треба да се разгледа можноста за премин на дел од вработените од јавниот во приватниот сектор, но нагласува дека станува збор за прашање што бара внимателна анализа и соодветни услови.

„Во дел од јавните претпријатија има голем број вработени, но не сите се соодветно ангажирани во работните процеси. Преку јавно-приватното партнерство би можело да се создаде простор за поефикасна организација на работата и за премин на дел од вработените кон приватниот сектор, доколку постојат соодветни услови. Сметаме дека тоа е важно затоа што компаниите треба да бидат главни носители на економските активности во државата. Потребно е да расте бројот на вработени во приватниот сектор, а претпријатијата да работат поефикасно и да создаваат нова вредност“, додаде Ѓорѓиевски.

Според заменик-министерот за економија, во последно време се забележува премин на вработените од јавен во приватен сектор и тоа, смета Ристески, е добро.

„Во последниот период забележуваме интересни појави во јавните институции и министерствата. Голем дел од вработените во администрацијата заминуваат и продолжуваат да работат во приватниот сектор. Тоа е добро и корисно за македонската економија, бидејќи во западноевропските земји приватниот сектор често нуди повисоки плати од јавниот сектор. Ќе бидеме задоволни кога и кај нас приватниот сектор ќе стане попривлечен и поинтересен за вработување од јавниот сектор“, рече Ристески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци