Проданоски: Нови капитални проекти кои ја менуваат сликата на Прилеп

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Градоначалникот на општина Прилеп, Дејан Проданоски синоќа го одржа својот отчет за досега сработеното во првата година од својот мандат, но и најави што сѐ прилепчани може да очекуваат во следните години.

Зборуваше за проекти кои ја менуваат сликата на Прилеп и создаваат услови за негови иден развој. Подобра инфраструктура, побезбеден сообраќај, уредени јавни простори, подобри услови за стопанството и други инвестиции.

„Тука сакам да ја спомнам рехабилитацијата на улиците во градското подрачје и рехабилитацијата на улиците во населените места. За реализација на овој проект од огромно значење за подобрување на патната инфраструктура обезбедивме околу 168 милиони денари средства од буџетот на Општина Прилеп, и ќе работиме и во наредните години да ја подобриме патната мрежа и да го олесниме движењето и функционирањето на нашите сограѓани.

  • Комплетна реконструкција на улицата „Кузман Јосифоски“, решаваме проблем стар со децении. Проектот се реализираше со поддршка од Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, во вредност од 5.902.588 денари.
  • Се реконструираше главниот транспортен цевковод што ја носи водата од резервоарот во Варош, при што старите азбестно-цементни и метални цевки се заменуваат со современи полиетиленски цевки. Опфатени се 300 метри главна водоводна линија Ф-315, како и дополнителни 140 метри секундарна мрежа Ф-63, со поврзување на куќните приклучоци.
  • Рехабилитацијата на улицата, во должина од 300 метри и на површина од околу 3.000 квадратни метри, Општина Прилеп ја реализираше со сопствени средства.
  • Фотонапонска централа на пречистителната станица. Станува збор за инвестиција од 10.137.176 денари, реализирана преку Министерството за транспорт. Поставена е фотонапонска електроцентрала со капацитет од 540 kW, со која се создаваат услови за производство на електрична енергија од обновливи извори за потребите на пречистителната станица на ЈКП „Водовод и канализација“. Со тоа ќе се намалат режиските трошоци за електрична енергија.
  • Изградба на водоводна мрежа во Лениште и до манастирот „Св. Димитрија“ кај селото Селце. Проектите се реализираат преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Вредноста на инвестицијата за водоводот до манастирот изнесува 9.779.604 денари, а за водоводот во Лениште 20 милиони денари. Со овие проекти трајно ги решаваме проблемите со водоснабдувањето и ги подобруваме условите за живот во овие населени места.

И ова не е сè што се реализираше во Прилеп во однос на инфраструктурата во текот на една година. Прилеп прави уште повеќе и тука не ја завршуваме нашата приказна за убав, модерен и функционален град.

Продолжуваме со реализација на конкретни проекти:

  • Наскоро започнува реконструкцијата на улиците „Трајко Николоски“ и „Орде Чопела“ – капитални проекти со вкупна вредност од околу 180 милиони денари.
  • Ќе бидат поставени полуподземни контејнери на 21 локација низ градот. Средствата се обезбедени преку Министерството за животна средина, во вредност од околу 18 милиони денари.
  • Значаен проект е и изградбата на дел од улицата „Победа“, од крстосницата со улицата „Александар Македонски“ до крстосницата со улицата „Павел Шатев“, а втората фаза односно уште еден значаен проект е и изградбата на мост на истоимената улица. Вкупната вредност на овие проекти изнесува повеќе од 100 милиони денари, а ќе се реализираат преку Министерството за транспорт.
  • Во моментов сме во фаза на јавна набавка, со цел да избереме изведувач за чистење на речното корито на градската река, за што имаме предвидено 3 милиони денари.

Од проектите што се подготвуваат, сакам да издвојам неколку:

  • Oбиколниците Исток и Запад
  • Проектот за комплетно инфраструктурно уредување на населбата Градина, чија реализација ќе започне до крајот на 2026 година
  • Комплетна реконструкција на улиците Александар Македонски и Егејска
  • Комплетна реконструкција, со подземна инфраструктура, на улиците Бистра Планина, Осоговска и Зеленгора
  • Изградба на нови улици во индустриската зона кај „Комфи Ангел“
  • Реконструкција на постојниот мост на градската река на улицата Цане Илиески
  • Поставување фотоволтаици на покривот на ООУ „Добре Јованоски“ и Гимназијата.

Особено значаен проект е изградбата на нова училишна спортска сала во населеното место Мало Коњари, за што веќе имаме склучено договор со изведувач. Вредноста на проектот изнесува повеќе од 30 милиони денари. Оваа инвестиција е важна не само за учениците, туку и за жителите на Мало Коњари и околните населени места, бидејќи во овој регион досега нема училишна спортска сала. Со нејзината изградба ќе се создадат услови за одржување на наставата по физичко образование, спортски активности и настани, со што ќе се задоволат потребите на поширокиот регион.

Во тек е и изградбата на градски тоалети на три локации: во центарот на градот, реконструкцијата на тоалетите на Могилата и изградбата на нови тоалети кај стадионот со вештачка трева во населбата Типски.

Посебно внимание посветуваме и на изработката на нов Генерален урбанистички план (ГУП). Со неговото донесување ќе се создадат појасни и посоодветни услови за урбанистички развој, ќе се надминат постојните проблеми при издавањето дозволи за градба и ќе се овозможи проширување на градежниот опфат на Општина Прилеп за дополнителни 310 хектари. Ова е особено важно за идниот развој на градот, отворањето нови можности за инвестиции и планирањето на нови станбени, деловни и индустриски капацитети.

Прилеп е градот во кој живееме, градот во кој растат нашите деца, во кој ги создаваме нашите семејства, во кој се раѓаат идеи и се вложува труд. Градот во кој сакаме да има причина да се остане, можност да се успее и гордост да се живее.

Токму затоа, секоја одлука што ја носиме и секој проект што го започнуваме мора да има јасна смисла, да остави нешто вредно зад себе. Улиците, училиштата, спортските терени, јавните простори и сите инвестиции за кои зборувавме. Тие се дел од сликата за Прилеп каков што сакаме да го имаме утре“, истакна Проданоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци