По 19 пат во Македонски Брод се одржа манифестацијата „Фестивал на костенот“, кој што траеше два дена. Првиот ден настанот започна со забава со DJ и еден од најпознатите македонски бендови СУПЕРХИКС.
Вториот ден настанот продолжи во Домот за култура со изложбата „Златен Костен“, на рачни изработки од костен од страна на учениците од овој град. Каде се доделија награди за најдибрите изработки и учесниците на оваа манифестација.
„Прекрасни изработки од нашите деца од детската градинка, од основното училиште „Свети Климент Охридски“ и од средното училиште „Свети Наум Охридски“, како и од дневниот центар. Како што ги гледате сите овие изработки, децата навистина се потрудија и им следуваат и соодветни награди за нив, така да нас ни е мило што по толку долго време повторно функционира оваа изложба. Значењето е големо, знаеме дека денес цела Македонија доаѓа во Македонски Брод, Македонски Брод живее за овој ден и навистина премногу гости ќе имаме и се надеваме дека нивното внимание ќе го задржиме со добра културно уметничка програма и со добри настани кои ќе останат запаметени уште долго“, изјави Жарко Стојкоски, директор на Дом за култура М. Брод.
„Овие изработки беа изработувани на тема „Изработка од есенски плодови“, кои ја симболизираат оваа околина. Овие изработки се направени од разни материјали кои учениците ги наоѓаат во природата.
Најмногу употребуван е костенот како што може да се види, како еден најпрепознатлив бренд за Поречието.
Точно така, човекот поттикнат од желбата да ја задржи чистата околина, да продолжи да ја почитува и сака околината, токму затоа се избрани овие есенски плодови како материјали за изработките.
Исто така гледаме и цртежи на истата тематика.
На иста таа тематика се изработуваат и цртежи во најразлични техники, започнувајќи од молив, боја, а можат да се додадат и есенските плодови“, кажа Жарко Блажески, наставник по ликовна уметност.
Присуствува и пет културно уметнички друштва од М. Брод, Демир Хисар, Прилеп и Крушево кои по завршувањето на овој дел од манифестацијата продефилираа од Домот за култура до центарот на градот каде изведоа традиционални македонски ора и песни.
Посетителите кои денеска дојдоа во М. Брод од сите околни градови и населени места имаа можност да вкусат и да си купат едни од најубавите костени во Македонија.
„Оваа година е добра, во нашето село Дреново имаше костен, добра е.
Каде го продавате овој костен, каде го бараат?
Одиме на пазарите, низ полето, нешто од дома трговци идат“, истакна еден производител на костен.
„Годинава костенот оди од 100 до 200 денари, 100 денари поситниот, 150 денари среден, 200 денари крупен костен. Го пласираме во соседните градови, во Прилеп, Кичево, Тетово, Скопје, а се случува некоја година да има и извоз.
Сѐ што ќе се собере на планините, сѐ се пласира во текот на годината?
Да, ретко се случува некоја година да остане“, кажа друг производител
„Нашиот костен се разликува по квалитетот, нема црви, покрупен е од другите костени од другите терени, дебарскиот или тетовскиот побрзо фаќаат црви, нашиот е малку поздрав за разлика од нив“, додаде трет учесник на оваа манифестација.
Брод засега нема погон за преработка на костенот, поради тежината на собирањето на костените, огромен дел останува несобран по планините иако многу се бара.
„Собирањето на костени не е баш лесна работа, треба да се качуваш на планини и треба да имаш имот пред сѐ, свои костени.
Со што се симнува долу, со добиток, со автомобили?
Претежно на рамо, носење на рамо, добиток нема, скоро никој не чува, многу ретко е, автомобил само до некаде може да иде. Треба денес да бидеш цел ден наведнат, да збираш, па кичма боли, па треба да носиш, не е баш лесно.
Значи пари има, ама сепак тешка е работата.
Тоа е“, изјави еден производител на овој плод.
Да не претерам, во нашето село над 5-6 тона останува несобран.
Сигурно слична е ситуацијата и во другите села?
Па најверојатно, не ги познавам доволно, ама најверојатно таква е ситуацијата и во другите села, бидејќи народот се отселува, постари се луѓето, послабо збирачи има, младите не идат да собираат“, вели друг производител.
Дали може да се собере во Поречието костен повеќе од овој што се собира во текот на целата година?
Тоа не можам да кажам, но може.
Останува ли по планините несобран?
Останува, бааги останува.
Зошто?
Не стасуваме. Никогаш не се собрал целосно. Сега во селото кај мене горе во Дреново сигурно уште 1.000 килограми може да се соберат“, рече друг поречанец.
Се продаваше и најбараниот кај нас чист еколошки костенов мед, поречка ракија и други традиционални специјалитети од овој крај.
„Се смета за поквалитетен?
Се смета за поквалитетен затоа што има повеќе минерали и се користи доста во нашево поднебје, затоа што има многу минерали. Додека ливадскиот е полесен мед.
Колку годинава се продава една тегла?
700 денари на ова поднебје, овде кај нас“, вели еден производител на мед.
„Поречкиот крај е најеколошки крај, в планина горе чиста средина, каде што нема возила.
Што продавате вие денес тука?
Продавам костени, домашна ракија, домашен природен мед.
Сите се домашни специјалитети, домашни производи и чисто еколошки?
Чисто еколошки, да“, кажа друг производител на мед.
Во Поречието годишно се собираат околу 300 тони на костен, со поорганизирано негово собирање, обезбедување на пристани патишта до парцелите, како и отворање на погони за негова преработка тоа би можело неколку кратко да се зголеми, со што ќе има уште поголем импакт врз поречката економија.
„Костенот како продукт кој го има во нашето Порече, особено органскиот костен, секако претставува полека но сигурно двигател на локалната економија. Населението сѐ повеќе и повеќе го собира костенот, а истиот тој завршува на македонските пазари, а се надеваме дека во иднина ќе излези истиот и надвор од Македонија. Ние како локална самоуправа работиме на проектот од Порече не само костен, туку да се извезуваат полупроизвод или производ од костен, со тоа што костенот би имал уште поголема додадена вредност и би бил движечка сила во локалната економија во општина Македонски Брод“, изјави Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.
„Добро е што е направен по 19 пат еден ваков фестивал во чест на костенот, а тоа значи не само промоција на овој крај, туку исто така и анимација на сѐ она што значи развој на рурален туризам, баш во Македонски Брод. Треба да ја искористат, покрај природните убавини и една од најубавите и најчисти реки во Македонија, а тоа е реката Треска, како и едно од најубавите вештачки езера кое е доста атрактивно и популарно, тоа е езерото Козјак. Преку вакви инвестиции, промоции, вакви фестивали што повеќе да се промовира самата општина, да идат тука туристи и да инвестираат, дали во викенд населби, а добро е и за живот тука, убав крај, убава природа, зеленило, така да Порече е еден од најубавите краеви во Македонија“, истакна Марјан Ристески, заменик министер за економија.
Поречието останува нашиот најпознат бренд за чиста и еколошка средина, производство на земјоделски производи од недопрена природа и крај во каков што секој од нас би сакал да живее. Токму ваквите манифестации како Фестивалот на костенот и другите кои се организираат во овој крај значаат негова уште поголема туристичка промоција и можност за економски развој.