Прилепскиот уметник Филип Перески со својата изложба „Флуктуација“ ќе се претстави пред хрватската публика во Македонскиот културно информативен центар во Загреб. Во склоп на настанот концерт ќе одржат и младите уметници Анастасија Гичевска (пијано) и Симеон Гошев (виолина), насловен како „Звучен пат“.
Проектот „Флуктуација“ на Филип Перески претставува дела со изразит експериментален и естетски карактер кои ја истражуваат линијата како основен визуелен и концептуален елемент. Во делата претставени на оваа изложба, линијата претставува жив организам и го изразува процесот на постојана промена, метафори и нестабилност. Целта на изложбата е да се создаде современ визуелен универзум во кој линијата станува медиум на енергија и движење.
Концертот „Звучен пат“ на врвните млади уметници, Анастасија Гичевска (пијано) и Симеон Гошев (виолина), носи дела од значајни композитори на класичната музика низ историјата – Сезар Франк, Хенрик Вјењавски и македонскиот композитор Томислав Зографски. Со овој концерт на публиката ѝ се приближува убавината на класичната музика и драгоценото уметничко доживување.
Настанот ќе се одржи на 10 ноември во 19.00 часот во Македонски КИЦ во Загреб.