По повод Светскиот ден на дијабетесот, на 15 ноември, СИНА РЕВОЛУЦИЈА организира нова акција за пошумување, со која испраќа порака за еколошка одговорност, солидарност и грижа за идните генерации.
По повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември, здружението на граѓани СИНА РЕВОЛУЦИЈА по четврти пат ја организира еколошката акција за пошумување под мотото „НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВО“.
Акцијата ќе се одржи на 15 ноември 2026 година, со почеток во 10:00 часот, во атарот на манастирот „Св. Димитриј“ во село Селце, а во неа ги повикуваме да се вклучат сите граѓани, волонтери, компании, институции, организации и добронамерни луѓе кои сакаат да придонесат за поздрава и позелена животна средина.
За сите заинтересирани волонтери кои немаат сопствен превоз, организиран е бесплатен превоз до локацијата на акцијата. Поаѓањето е во 09:30 часот пред Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Оваа иницијатива има посебна симболика и претставува продолжение на нашата заложба грижата за здравјето на луѓето да ја поврземе со грижата за природата.
Лицата со дијабетес секојдневно користат инсулински игли, ленти за мерење гликемија, сензори, ланцети и други медицински материјали неопходни за одржување на нивното здравје и квалитет на живот. Овие материјали создаваат специфичен медицински отпад, кој претставува дел од еколошкиот отпечаток на животот со дијабетес.
Не можеме да се откажеме од медицинските помагала кои ни го спасуваат животот, но можеме да преземеме одговорност и да направиме нешто добро за природата.
Токму затоа, преку оваа акција сакаме симболично да го компензираме дел од еколошкиот отпечаток што го оставаме, но и да ја подигнеме јавната свест за правилното постапување со медицинскиот отпад, заштитата на шумите и потребата од активно вклучување на граѓаните во зачувувањето на животната средина.
За СИНА РЕВОЛУЦИЈА, ова не е само еднодневна активност. Ова е порака дека лицата со дијабетес не се само корисници на здравствени услуги, туку и активни членови на општеството кои имаат право, волја и одговорност да придонесуваат за подобра иднина.
Со секое засадено дрво создаваме нова вредност, оставаме позитивен пример и испраќаме порака дека промените започнуваат од нас самите.
Бидејќи природата не треба само да ја користиме – треба и да ѝ враќаме.
НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВО!