Имате уште 4 дена за да се спремите за зимската сезона – од понеделник полицијата ќе казнува по 45 евра

Facebook
Twitter
Email
Print
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Зимата носи предизвици, безбедноста во сообраќајот е наша одговорност. Управувањето со моторно возило во зимски услови бара зголемена внимателност, одговорност и целосна подготвеност од секој учесник во сообраќајот. Намалената видливост, влажните коловози, снегот и голомразицата значително го зголемуваат ризикот од сообраќајни незгоди и ја наметнуваат потребата од повисоко ниво на сообраќајна дисциплина и превентивно однесување, се наведува во денешното соопштение на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

„Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од 15 ноември до 15 март, задолжително е поседување на пропишана зимска опрема во возилата. Притоа, во Правилникот за задолжителна опрема на возилата е предвидено: задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg претставува: зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4mm или доколку возилото поседува летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4mm да поседува синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.

Задолжителна зимска опрема на моторни возила со погон на сите тркала (4×4) претставува: зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6mm или летни пневматици со минимална длабочина од 4mm, доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога возилото има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон. Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg , односно ТТВ се подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, од 6 mm. пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од 4 mm. ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала“, истакнуваат од РСБСП.

Автобуси и товарни моторни возила, кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и – прирачен алат – лопата, вреќа со песок и слично.

„Зимата претставува период со највисок степен на ризик на патиштата, каде главните опасности за возачите се лизгави коловози заради снег, мраз или „голомразица“, појава која често е невидлива и особено опасна, намалена видливост поради густа магла, врнежи, подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења, намалена концентрација и замор на возачите“, додаваат од РСБСП.

Затоа, како што се додава во соопштението, РСБСП со „Зимската кампања“ упатува јасни пораки до сите учесници во сообраќајот.

„Следете ги информациите за временските услови на патиштата. Прилагодете ја брзината на движење кон условите на патот, а не на дозволениот максимум. Користете задолжителна зимска опрема за возилото. Проверете ја техничката исправност на возилото за упрабвување во зимски услови. Одржувајте безбедно растојание и избегнувајте нагли маневри – сопирање, забрзување или свртување. Не управувајте возило под дејство на алкохол, психоактивни супстанции или кога сте заморени. Посветете посебно внимание на пешаците, велосипедистите и другите ранливи категории – учесници во сообраќајот. Запомнете: зимските услови не ги намалуваат последиците од неодговорното однесување – тие го зголемуваат ризикот“, додаваат од РСБСП.

Се нагласува дека безбедноста во сообраќајот не е прашање на среќа, туку на свесност, знаење и одговорност.

„Безбедното учество во сообраќајот е заедничка одговорност. Секое правилно донесено решение зад воланот може да спречи сообраќајна незгода, да спаси човечки живот и да заштити нечие семејство од ненадоместлива загуба. На патот не сте сами. Вашата одговорност е нечија безбедност“,порачуваат од РСБСП.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци