Собранието го ратификуваше договорот со Бугарија

Facebook
Twitter
Email
Print

Собранието на денешната 30 седница го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Со 61 глас „за“ и еден воздржан пратениците го изгласаа Предлог-законот за добрососедство со Бугарија, а во работата на Парламентот не учествуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

 

Образложувајќи ја важноста на Договорот, министерот за надворешни работи, Никола Димитров во неговото обраќање истакна дека овој договор ги покрива најважните национални интереси и дека денешниот ден има симболика, бидејќи на тој ден Бугарија ја призна Македонија. Димитров рече дека е факт оти тешки и деликатни прашања меѓу две соседни држави многу тешко се договараат и дека “ниту ние, ниту во Бугарија целосно сме среќни со текстот.“ Димитров посочи дека договорот е значаен поради тоа што двете страни се охрабриле „да излезат од рововите“, особено во регионот кој е оптоварен со историја, и дека е важно што тој дава извесна самодоверба во општеството.

 

Договорот беше потпишан на 1 август 2017 година од страна на премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов, како што беше речено, поради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството и развивање на сестрани меѓусебни односи согласно меѓународното право.

 

Со Договорот, кој веќе е ратификуван од Бугарскиот парламент, Бугарија се обврза дека ќе ја помага Македонија на патот за членство во ЕУ и НАТО.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи