На 27 ноември 2026 од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „СПАМ“ од уметникот Ѓорѓи Десподов.
„СПАМ“ е самостојна изложба на Ѓорѓи Десподов, која обединува три проекти развивани од 2023 година до денес: SPAM, Honey I’m Home и The Goblet of Delusion. Тука, трите проекти се среќаваат на заедничко игралиште, каде што дигиталната култура, шпекулативните светови и апсурдите на секојдневието се испреплетуваат. На крајот на краиштата, кога реалноста е веќе доволно чудна, зошто да не ја направиме уште малку почудна?
Живееме во свет во кој нашите домови стануваат сè попаметни, нашите телефони нè познаваат подобро отколку што се познаваме самите себе, а живеењето во заблуда можеби е сосема разумен начин да го истуркаме денот. Технологијата ни ветува полесен, поповрзан и повозбудлив живот. А ние продолжуваме да веруваме во тие ветувања, дури и кога работите не излегуваат баш како што ни било ветено. Но, кој рече дека удобноста доаѓа без последици? Или дека работите создадени за да ни овозможат комфорт не можат истовремено да нè заробат? Движејќи се помеѓу физичките и дигиталните средини, Десподов си поигрува со познати предмети и приказните што ги поврзуваме со нив. Една куќа може да ги предаде своите жители, на еден напуштен билборд му е скршено срцето, еден пророк зборува преку спам, а еден пехар станува мистериозен артефакт што идните археолози ќе се обидуваат да го дешифрираат. Овие предмети не мора нужно да имаат одговори, а не се ни особено заинтересирани да бидат корисни. Наместо тоа, тие ги носат фантазиите, анксиозностите и противречностите на светот што ги создал, претворајќи ги секојдневните искуства во шпекулативни сценарија во кои сè е доволно познато за да нè натера да го преиспитаме. Наместо да се обидува да го поправи светот или да објасни како функционира, СПАМ отвора простор за игра со неговите грешки, недоразбирања и празни ветувања. Затоа што понекогаш обидот да најдеме смисла во сè е преценет, а можеби и малку губење во бесмислицата е сосема разумно место за почеток.
Ѓорѓи Десподов (1996, Прилеп) е мултидисциплинарен уметник од Македонија, кој живее и работи во Хаг, Холандија. Неговата уметничка практика се развива на пресекот помеѓу физичката и дигиталната реалност, истражувајќи ги можностите на виртуелната и проширената реалност преку различни медиуми, вклучувајќи дигитална илустрација, видео, 3Д анимација и инсталација.
Магистрира на Кралската академија за уметност во Хаг, Холандија на програмата Non Linear Narrative во 2025. Во 2025 година ја добил наградата STRP Young ACT Award за својот магистерски проект Doom Scroll Rehab: Cache Cleanse во Холандија.. Во 2023 година ја доби наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник во Северна Македонија.
Преку реинтерпретација на секојдневни предмети и визуелни симболи, Десподов ги поврзува личните искуства со пошироки општествени прашања, истражувајќи ги односите меѓу технологијата, идентитетот, структурите на моќ и современата визуелна култура. Неговите дела истовремено ја слават и критички ја преиспитуваат средината во која се создаваат и прикажуваат. Неговата работа е претставена на повеќе меѓународни фестивали и групни изложби во Северна Македонија, Словенија, Бугарија, Австрија, Кина, Холандија и Франција.
Изложбата е дел од годишната програма во визуелни уметности, поддржана од Министерството за култура и туризам.
