ВИДЕО- Бесплатни систематски прегледи за штитениците од Дневниот центар „Ѕуница“, Центарот за лица со церебрална парализа и Здружението „Порака“

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Медицинскиот тим од амбулантата „Десоски“ во соработка со Центарот за социјална работа од Прилеп направија бесплатен систематски преглед на штитениците кои го посетуваат Дневниот центар „Ѕуница“ во Прилеп. Систематски преглед утре и во четврток ќе се изврши и во Центарот за лица со церебрална парализа од овој град од страна на докторот по општа медицина Билјана Јорданоска и во Здружението „Порака“ од страна на поликлиниката „Медика 95“.

„Се грижиме за нашето здравје, да дадеме примат на тоа, се надевам дека ова можеби ќе им олесни на родителите и згрижувачите во однос и на материјалниот дел и на физичкиот дел кога треба да се носат нашите корисници по амбулантите. А и ќе ни овозможи нас олеснување во смисла на сѐ она што го предвидуваме како активности да знаеме каква е нивната здравствена состојба, за да можеме да ги вклучуваме во активностите кои што следат. Од понеделник продолжуваме со активности, заклучно со 2 декември кога ќе имаме работилници, спортски настани со ученици од основното училиште „Гоце Делчев“, гимназиајта „Мирче Ацев“, медицинското училиште „Ѓорче Петров“, за да на 3 декември, благодарност до СОУ „Орде Чопела“ и оваа година со моите колеги од двата дневни центри донесовме одлука дека настанот нема да биде во просториите на „Ѕуница“ како што бил низ годините, оваа година ние ќе бидеме гости. Училиштето „Орде Чопела“ ги отвори вратите за нас и тие ќе бидат домаќини на настанот, тоа ќе биде еден мал хепенинг каде што нашиот концепт на активности се надевам дека ќе биде интересен, со што сакаме да испратиме една порака дека сме видливи и дека се насочуваме кон процесот на инклузија на нашите корисници, со сите останати во локалната заедница“, изјави Зоран Малковски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.

 

„Се правеше ЕКГ, се правеше ортоскопски и риноскопски преглед на пациентите, се мереше притисок и останати прегледи кои ги извршивме. Со оваа иницијатива цел нѝ беше да помогнеме во подобрување на здравствената заштита, како и поголем пристап до здравствени услуги и пред сѐ ни е важно да покажеме дека грижата и помошта на овие лица нѝ е од исклучително значење“, додаде Д-р Симона Стојаноска Јовеска амбуланта „Десоски“ Прилеп.

Родителите се задоволни од ваквиот однос кон нивните деца за кои велат дека им е потребна голема помош од стручни лица, како и од страна на државата.

„Треба да се прават систематски прегледи, тие се деца кои не можат да се пожалат ме боли бубрег или нешто слично. Исклучително има лица кои се многу издржливи на болка и што не може да се сетат, не може некогаш да се разликува аутистичен напад со прескоци, конкретно во нашиот случај, значи не можат да се разграничат и тука навистина нѝ треба поддршка и од Центарот, на пример како беше, што беше, од здравствените работници… тие се секојдневни предизвици, значи никогаш не се знае денот како ќе тече. Ние можеме да направиме структура за денот, но кај нив е малку потешко, секој ден е различен, секое дете е различно. Соработката меѓу здравствените работници и социјалните работници е исклучително голема. Дефектолозите исто така, мислам дека треба да се зголеми бројот на дефектолози затоа што веќе има услови, гледаме дека има сензорни соби. И здравствената заштита треба да се зголеми, еве сега некои напори, сакам да ја искористам можноста да спомнам за стоматолошките прегледи. Имаме персонал, имаме анестезиолози, има позитивен одговор, има желба, но фали да се реализира“, вели Катерина Крстеска, родител на дете со попреченост.

Центарот „Ѕуница“ постои веќе 25 години, а за овој период досега во образовниот процес биле инклузирани 40-тина дечиња. Но потоа се јавувало проблем што понатаму кога ќе го завршат образованието.

„Моментално кај нас корисниците се на возраст од 6 до 40 години, што значи дека вклучуваме дечиња од 5 до 7 години, до 8 години и со нив работиме во полето на стекнување на основни културни и хигиенски навики, подигнување на степенот на социјализација и комуникација и во соработка со образование ги вклучуваме во образовниот процес. Се грижиме да се обезбеди образовен асистент на секој корисник и понатаму грижата останува на образованието, со изготвување на индивидуален план за работа, а дневниот центар е секогаш во поддршка на образовниот процес. Доста се деца вклучени, како бројка да издвојам можеби 30-40 деца го поминале процесот на образование, но можам да кажам, овие години што забележуваме, имаме група на деца до 7 години, имаме едне распон од 7 до 18 години, значи тој дел од лицата со попреченост е инклузиран, во основни и средни училишта. Но една работа сега што се јавува е после тие 18 години и завршување на средно образование, повторно имаме барања истите корисници да бидат вратени во дневниот центар. Тука можеби треба да се работи на пазарот на трудот, лицата со попреченост да бидат вклучени, но не да бидат вклучени во заштитни друштва, туку да се прават напори да бидат вклучени во јавен и приватен сектор и да видиме инклузија на дело и со видливи резултати, а не само инклузија на збор“, додаде Снежана Јошеска, социјален работник.

Во Ѕуница има 13, а во Центарот за церебрална парализа 12 штитеници, тоа е максимумот кој што може во моментов да се смести во овие установи со оглед на бројот на кадар кој го имаат. Од Центарот за социјална работа се надеваат дека идната година ќе имаат можност за зголемување на бројот на персонал, а со тоа да се зголеми и бројот на штитеници на кого ќе му се даваат овие услуги.

„Центрите имаат можност за да се зголеми бројот на корисници, но со оглед на тоа што бројот на вработени е овој каков што е, ние не можеме, затоа што нема да можеме да пружиме квалитетна услуга, би било само да се натрупува работата, а да не се даде квалитетна услуга во однос на она што е замислено во планот на активности. Се надевам дека во наредната тековна година ќе имаме можност за нови вработувања, нови можности за да го зголемиме бројот. Ја имаме една од најубавите сензорни соби каде можеме да даваме услуга не само на наши штитеници, туку на сите оние кои имаат потреба. Нашиот дефектолог си е обучен за работа“, потенцираше Зоран Малковски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.

Годинава централната прослава за 3 Декевмри, Светскиот ден на лица со попреченост во Прилеп ќе се одржи во СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци