Од кого се кријат и од што се плашат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Прилеп ?

Продолжува веќе со години воспоставената практика за поделба на медиумите на ваши и наши, твои и мои, вакви и такви, на сите партиските прес конференции кои ги држат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Прилеп.

 

Откако е формиран порталот Инфо Компас досега не е поканет на ниту една прес конференција, од ниту една од овие две политички партии. А за да биде нештото потрагикомично редовно на нашите мејлови стигнуваат прес конференциите во текстуална или видео форма, но откако тие ќе бидат одржани.

 

Тоа укажува на неколку работи. Прво и двете партии и тоа како се запознати со нашиот медиум и нашите телефонски броеви и добро знаат кои сме ние. Намерно не сакаат да не поканат. Второ, сакаат да бидат објавени и видени во јавноста, но по можност сами да си се сниимаат и да ни пратат материјали. Севернокорејски принцип. И трето не сакаат да поканат новинари на прес конференциите затоа што се плашат од прашања.

 

Па еве едно отворено прашање до двете партии од што се плашите, од народот ? Што толку криете па не сакате да поканете новинари ?

 

ВМРО-ДПМНЕ е партија во опозиција, рејтинг таков каков што има – ич, обезглавена, со цело поранешно раководство кое секој втор ден е на суд. И сега наместо да се бори за што е можно поголема медиумска застапеност, да си го поврати имиџот и рејтингот и да кокетира со сите можни медиуми, таа уште живее во филмот дека „Никој ништо не ни може“ и дека ќе си правиме што сакаме и ќе си го викаме на прес кого сакаме. Браво, само така и да си продолжите, ќе видиме до каде ќе стигнете.

 

СДСМ пак која до вчера наводно се бореше за слобода на новинарството сега и таа започна да ги дели медиумите и да си вика на прес конференции кого сака. Од О.О. на СДСМ Прилеп исто така добро знаат кој работи во порталот Инфо Компас. Е па господа од власта ако нема што да криете зошто се плашите од новинарите, поканете не на вашите прес конференции. Или пак учите од вашите претходници. Ама гледајте и да не завршите како нив.

 

И да не должиме повеќе, порталот Инфо Компас како професионален медиум и поради објективно информирање на јавноста и понатаму ќе продолжи да ги објавува самоснимените прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

 

Поздрав, со надеж дека ќе се видиме на некоја наредна прес конференција !

 

 

Редакција на Инфо Компас.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира