Столтенберг: Нема план Б, без решение за името нема членство во НАТО

Facebook
Twitter
Email
Print

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер, по средбата со премиерот, Зоран Заев, во Владата, уште еднаш потврди дека интегративниот процес на Македонија во алијансата ќе зависи од решавањето на спорот за името со Грција.

 

„Морам да ја исклучам опцијата за влез со привремена референца. Дека тоа не е возможно се покажа прво на самитот во Букурешт во 2008 година, а се потврди и потоа на самитот во Варшава минатата година. Нема план Б, потребно е прво взаемно прифатливо решение под покровителство на Обединетите нации. Мислам дека е важно да сум искрен. Македонската Влада покажа дека е амбициозна и охрабрен сум од одлучноста на вашата држава. Но треба да се биде реален. Важно е да се препознае и да се види дека НАТО е алијанса која ги носи одлуките преку консензус  на сите членки и ако една земја го блокира членството, вашата земја не може да му се приклучи на НАТО. Ова на крајот на денот е политичка одлука. Вашите напори ќе бидат залудни ако мислите дека ќе станете членка без да го решите прашањето за името“ рече Столтенберг.

 

На прашањето зошто НАТО ја игнорира пресудата од Меѓународниот суд во Хаг и дали тоа не е кршење на меѓународното право, генералниот секретар појасни дека тоа е правно прашање, а членството во НАТО, пак, политичко.

 

„Тоа е суд а ова е политичко прашање. Како политичка алијанса ние носиме политички одлуки. НАТО е базиран на консензус, за да се смени одлука се бара поддршка од сите сојузници. Нема да бидам искрен со вас ако индицирам дека постои можност да се избегне прашањето за името“, подвлече тој.

 

Премиерот Заев рече дека верува дека земјава ќе стане 30. членка на НАТО и дека Македонија е силно посветена на реформите, како и на решавање на спорот за името.

 

„Македонија со поддршка на стратешките партнери создаде услови поканата за членство да не биде доведена во прашање. За жал во 2008 Македонија остана пред вратата заради прашањето за името. За жал веднаш потоа се активираа контрапродуктивни процеси кои ја предизвикаа најтешката политичка криза по осамостојувањето. Но, граѓаните се определија за градење силна демократија и за добро владеење. Ја реафирмиравме вербата во евроатлантските интеграции и убедени сме дека нашата земја ги заслужува евроатлантските перспективи. Сериозно мнозинство од граѓаните посакуваат членство во ЕУ и НАТО“, рече Заев.

 

Тој уште кажа дека Владата создава услови за градење национален консензус со претседателот на државата и со опозицијата и дека верува оти создаваат добар моментум за последниот заеднички исчекор со Грција.

 

Столтенберг во Владата беше пречекан со највисоки воени и државни почести. По средбата со Заев во Владата завршува посетата на Генералниот секретар на НАТО на земјава.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи