ВИДЕО : Александар Вељаноски го фати Светиот крст во Прилеп

Дваесет и деветгодишниот Александар Вељаноски од Прилеп по трет пат го фати Светиот крст кој денеска на празникот Богојавление – Водици беше фрлен во водите на Аква паркот Салида во Прилеп. Со богослужбата чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-Пелагониски Г. Петар. Годинава имаше огромна заинтересираност кај прилепчани за скокање по светиот крст. Се пријавија 100 учесници, 7 од нив беа девојки, а двајцата најмлади имаа по 12 години.

 

 

„Осум пати скокам по Светиот крст, ова е трет пат како го фаќам. Чувството е прекрасно му посакувам на сиите учесници да го фатат. На сите им посакувам многу здравје, љубов, среќа и бериќет. За многу години нека е празникот и за само за убаво да се гледаме“, изјави Александар Вељаноски.

 

Митрополитот Преспанско-Пелагониски Г. Петар истакна дека големото присуство на народот било показател за големата вера на православните во нашата Македонска Православна црква.

 

„Оваа година имаме огромно присуство на луѓе на овој голем и спасоносен ден, Богојавление на кој нашиот Спасител, Господ Исус Христос дошол од Галилеја на реката Јордан да се крсти од Јован, да ги освети Јорданските води, а денеска се осветуваат и сите води. Големото присуство тука е показател за верата на православните во нашата Македонска Православна црква, но и на благословот божји. По примерот на Исус Христос кој немал потреба од крштение туку заради нас и нашето спасение се крсти за да ги земе сите гревови од светот на себе, а откако ги освети водите и нас не осветува преку светата тајна крштение, па ете и ние да го следиме примерот на Св. Јован Крстител кој му се обратил на народот да се покае, па и ние да се покаеме за нашите гревови“, истакна Митрополитот Преспанско-Пелагониски Г. Петар.

 

 

Градоначалникот Илија Јованоски на православните верници им го честиташе големиот христијански празник.

 

„По повод големиот христијански празник сакам на сите верници да им го честитам денешниот ден, да им посакам здравје, среќа, радост и подобар живот во иднина. Исто така уште еднаш му честитам на Александар Вељаноски кој го фати крстот“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи