Владата го повлече предлогот за измени во Законот за референдум по реакциите на јавноста

Facebook
Twitter
Email
Print

Министерството за правда подготвуваше измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Се предвидуваше законските измени да бидат донесени по скратена постапка, а според извори од Министерството временската рамка за предлог-законот требаше да се донесе најдоцна до 31 јануари.

 

Од таму велат дека измените се прават затоа што постојниот текст на Законот не е усогласен со текстот на Изборниот законик и со текстот на Законот за судовите. Основната цел на законските измени е надминување на постојните проблеми поради неусогласеноста на законското решение со Изборниот законик и со Законот за судовите.

 

„Со предложените измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши усогласување на текстот на Законот со Изборниот Законик и се напуштаат односно надминуваат одредени застарени решенија, од причина што Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните е донесен во септември 2005 година, a Изборниот Законик во март 2006 година. Нагласуваме дека со предложените измени во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши уредување на прашања кои се од значење за практичното спроведување на законот  и техничко доуредување на текстот на истиот“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

 

Јавна расправа не е предвидена, а временската рамка за предлог-законот требаше да се донесе најдоцна до 31 јануари.

 

Сепак Владата подоцна го повлече предлогот за измени на Законот за референдум откако веста предизвика серија реакции на социјалните мрежи поврзувајќи ја оваа иницијатива со актуелните преговори за името и евентуалната организација на референдум.

 

„Ќе прекинеме со процедурата за измена на Законот за референдум, за да не се наштети на преговорите за името, иако тоа нема никаква врска“, вели Оливер Ристовски, заменик министер за правда.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи