ВИДЕО : Во Македонија висок е процентот на насилство врз жените на нивните работни места

Родово-базираното насилство на работните места врз жените во Македонија е доста високо, особено во онаа т.н. сива зона каде жените не го пријавуваат тоа бидејќи не се охрабрени и не веруваат дека доколку го пријават нивниот случај би нашол на институционална разрешница. Ова беше една од главните поенти кои денеска беше изнесена на работилницата во Прилеп, а која ја организираше Здружение за унапредување и заштита на правата на работниците Достоинствен Работник. Работилницата беше насловена како „Работно место (не)сигурна средина“, а нејзината цел била да се дадат информации, поддршка и заштита на работниците преку пристап кој се базира на човековите права и меѓународните конвенции преку институционализирана рамка за соработка.

 

 

„Целта на оваа обука е да се сензитивизира оваа посебна група на луѓе кои би требало да бидат сензитивизирани од свеста на овие прашања за да може соодветно да реагираат и да се спречат ваквите типови на насилство врз жените на работните места. Во декември е ратификувана Истанбулската конвенција и токму поради тоа сметаме дека кога ќе се криминализиираат сите овие посебни видови на насилство жените уште повеќе ќе се охрабрат за да може да го пријават самото насилство и истовремено истото да биде процесуирано во соодветните органи. Така што очекуваме ако настане некој тип на експанзија, тоа нема да биде бидејќи одеднаш се зголемило родово базираното насилство туку поради тоа што жените би се охрабриле знаејќи дека ќе следи некаква институционална разврска на нивните случаи“, истакна д-р Дијана Стојановиќ Ѓорѓевиќ, политиколог.

 

Работилницата беше поддржана од страна на Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ), а на неа учество зедоа и претставници од институциите на системот на локално ниво, синдикатите и граѓанскиот сектор.

 

„Овој проект е дел од неколку работилници. Денес започнуваме со работилницата „Работно место (не)сигурна средина“. Потоа следуваат други две работилници во делот на безбедност и здравје при работа и родова рамноправност за да увидиме колку работодавачите ги почитуваат законските услови и прописи, а исто и каква е родовата застапеност во секоја фирма. Во Општина Прилеп најголем дел од женскиот пол е вработен во текстилната индустрија. Проектот има за цел да обезбеди правна и едукативна рамка како и заштита на правата на работниците, така што ние како канцеларија која се наоѓа во центарот на градот сме отворени за секој работник кој сака да дојде да ги кажи своите проблеми во однос на трудовата експлоатација, но исто така и за безбедноста и здравјето при работа кое што го ставаме како главен акцент на нашата работа не само во текстилната индустрија туку и во земјоделскиот сектор“, истакна Рубин Аризанкоски, секретар на Здружението за унапредување и заштита на правата на работниците Достоинствен Работник.

 

Од 2015 година, откако било формирано здружението, имале пријавено 25 случаи во делот на трудовата експлоатација, најголем дел во текстилната индустрија, случаи кои потоа биле пријавени во Државниот иинспекторат за труд. Од Достоинствен Работник ги повикаа и земјоделците кои чувствуваат повреда на нивните права и тие да ги пријават овие случаи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи