ЕСЕ: Вината за смртноста на доенчињата е во здравството, не во жените

Facebook
Twitter
Email
Print

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) реагира на вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче на прес конференцијата каде тој како клучен проблем за високата стапка на смртноста на новороденчињата и на родилките ја посочи неоодветната грижа на жените за своето и за здравјето на своите деца.

 

„Во излагањето на Министерот Филипче потенцираната несоодветната грижа на жените за своето здравје и здравјето на своите деца не може да се земе како клучен проблем по однос на ова прашање, особено земајќи ја во предвид состојбата со недоволен број на здравствен кадар и нееднаква територијална дистрибуција (особено по однос на специјалистите по гинекологија и педијатрија во примарната здравствена заштита), како и останатите недостатоци во обезбедувањето на здравствената заштита на мајките и децата во Македонија“, велат од ЕСЕ.

 

Од Здружението исто така посочуваат дека во изјавата на министерот недостасува образложение за досега утврдените причини за високата стапка на смртност на овие ранливи групи, врз кои се темелат предлог мерките.

 

-Со цел сите заинтересирани страни да дадат придонес во овој процес сакаме да потенцираме дека од страна на Министерството потребно е да биде дадено образложение за идентификуваните причини, меѓутоа и подетално образложение на сите предлог мерките, особено вклучувајќи ги следните:

– Појаснување за методологијата за детектирање на вистинските причини за смртност.

– Објаснување за тоа која опрема недостасува во родилиштата на секундарно ниво.

– Кои лекови досега не се регистрирани во Македонија, а се животно-спасувачки за мајките и новороденчињата.

– Каков вид на податоци е планирано да се прибираат преку интегрираниот информативен систем.

– Преку кои релевантни институции ќе се спроведува едукацијата и информацијата на жените и дали е потребно дополнително зајакнување на овие институции.

 

Од ЕСЕ потенцираат дека на полето на унапредување на здравјето на мајките и децата и намалување на стапката на смртност на новороденчињата и доенчињата работат поголем број на организации и институции, кои можат да дадат свој придонес во заложбите на Министерството на ова поле,а меѓу нив и ЕСЕ. Тие укажуваат дека во обраќањето на министерот забележале одредени недостатоци, меѓу другото и адресирање на проблемот во однос на високата стапка на доенечка смртност, која како што посочуваат од ЕСЕ е двојно поголема од европскиот просек.

 

„Оваа стапка на доенечка смртност претставува значаен показател за здравјето на популацијата, бидејќи се води од претпоставката дека факторите кои влијаат врз здравјето на целата популација имаат влијание врз стапката на смртност кај доенчињата“, велат од ЕСЕ.

 

Оттаму појаснуваат дека индикаторите за стапките на перинатална, новороденечка и доенечка смртност претставуваат комплексни индикатори кои се поврзуваат со квалитетот на антенаталната грижа, перинаталната и постнаталната грижа, кои се дел од трите нивоа на здравствена заштита (примарна, секундарна и терциерна). Одредени општествени фактори како и тековните реформи во здравствениот сектор дополнително влијаат врз квалитетот на перинаталната грижа. Стапката на доенечка смртност претставува мошне сензитивен прокси индикатор за состојбата со здравјето на целото население, преку кој може да се евалуира и да се споредува квалитетот на здравствените системи помеѓу различните држави, а исто така овозможува и брза проценка за квалитетот на храната и водата, домувањето и обезбеденоста со облека, како и достапноста на здравствената заштита и образованието на популацијата.

 

Здружение ЕСЕ работи на полето на унапредување на здравјето на жените од 1995 година, а конкретно со работата на полето на намалување на смртноста на родилките, новороденчињата и доенчињата започна со работа во 2016 година.

 

Извор: НоваТВ

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи