Во истражување на јавното мислење, спроведено преку телефонска анкета од страна на Институтот за политички истражувања од Скопје, во периодот од 16 до 21 декември, на прашањето „Кое е вашето мислење за следниве држави“, поголемиот дел од граѓаните одговориле дека од земјите во соседството имаа најпозитивно мислење за Србија, а најнегативно за Косово.
Според резултатите од телефонската анкета, 42,3 проценти од испитаниците одговориле дека имаат многу позитивно мислење за Србија, а донекаде позитивно 28,7. За Бугарија многу позитивно е 25,8, а донекаде позитивно 30,7.
Многу негативно мислење за Косово искажале 33,3 отсто од испитаниците, донекаде негативно 22,4 проценти. За Грција многу негативно мислење имаат 28,7 проценти, а донекаде негативно 24,7 проценти. Многу негативно за Албанија се изјасниле 32,8, а донекаде негативно 19 проценти.
Од државите во светот, македонските граѓани најпозитивно мислење имаат за Германија, Холандија, а најнегативно за САД и Русија. Позитивно се настроени и кон Турција.
Од вкупно анкетираните, 54,5 процетни сметаат дека во моментот некоја држава претставува закана за Македонија, а најголем дел од нив ја посочиле Грција, по што следуваат САД и Косово.
Најголем дел од анкетираните (27,9) не знаат во која соседна држава би сакале да живеат една година, а 27,2 проценти ја посочиле Србија. Најмалку сакаат да живеат во Косово и во Грција.
Со анкетата биле опфатени 1.113 полнолетни испитаници на ниво на држава.
Резултатите од истражувањето ќе бидат објавени во три дела во следните неколку дена.
Истражувањето е направено во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк, преку проект финансиран од Норвешката влада.