Германскиот суд во Лајпциг денеска им дозволи на градовите да издаваат забрани за возење на старите дизел автомобили кои ја загадуваат околината, во постапка која државата ја нарече „победа за чист воздух“.
Одлуката која денеска ја донесе германскиот суд значи дека милиони возачи низ оваа земја ќе морат да ги заменат нивните автомобили со онакви кои помалку загадуваат или да се решат за алтернативни начини на превоз.
Судот со тоа ја отфрли жалбата на сојузните покраини Баден Вуртемберг и Северна Рајна Вестфалија каде управните судови одлучија градовите Штутгарт и Дизелдорф да може да забранат управување возила со таков вид мотори.
Сојузните покраини потоа му се обратија на Сојузниот управен суд во Лајпциг барајќи разјаснување на прашањето дали постојат правни темели за воведување на забраната. Судот во Лајпциг заклучи дека нема правни пречки, но дека градовите мора одлуката за забрана за движење на возила со дизел мотори да ја воведат постапно и мора да се воведат и исклучоци, на пример за мали фирми.
„Забраната останува последно средство во остварување на целта за постигнување дозволена концентрација на штетни честички“, се вели во образоложението на пресудата.
Пресудата, освен тоа, предвидува и преодни рокови и воведување на забрана за возење „дизели“ во фази. Во Штутгарт нема да биде можно вовоедување забрана пред 1 септември 2018 година.
Одлуката на Сојузниот управен суд се однесува на Штутгарт и на Дизелдорф, но и на останатите 70 градови во Германија каде вредноста на штетните честички се над дозволените граници.
И владата и автомобилската индустрија се спротивставија на забраната, која претставува преседан за целата земја. Тие стравуваат дека ќе им биде нарушен животот на сопствениците на дизел возилата и возилата ќе ја изгубат вредноста.
Организацијата за заштита на животната средина и потрошувачите од Германска еколошка помош (ДУХ) соопшти дека се надева дека забраните во германските градови ќе го запрат „отпорот“ на индустријата да ги реконструираа постарите автомобили кои загадуваат да ги исполнат најновите стандарди на ЕУ.
„Ова е одличен ден за чист воздух во Германија“, изјави директорот на ДУХ Јурген Реш.